Достапни линкови

Тетовските гимназијалци бојкотираат настава барајќи безбедност


Средношколците Македонци се револтирани откако во петокот ученик од трета година на голем одмор беше ранет со нож, по влегувањето на група млади во дворот на гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово.

Стравот за сопствените животи е причина тетовските гимназијалци од наставата по македонски јазик да се одлучат да ги бојкотираат часовите. Тие се револтирани од тоа што не се безбедни додека се на училиште, откако во петокот ученик од трета година на голем одмор беше ранет со нож, по влегувањето на група млади во дворот на гимназијата. И порано имало физички напади, но употребата на оружје многу ги уплаши тетовските средношколци.

Сакаме безбедност и гаранција дека секој од нас ќе го преживее големиот одмор и дека секој безбедно ќе оди дома. Крајно време е да се сопре насилството врз гимназијалците.

„Сакаме безбедност и гаранција дека секој од нас ќе го преживее големиот одмор и дека секој безбедно ќе оди дома. Крајно време е да се сопре насилството врз гимназијалците. Како ученици и столбови на општеството во иднина сметаме дека нашето барање е нешто минимално што гимназијата Кирил Пејчиновиќ треба да ни го овозможи“, изјави ученикот Дејан Милосавлевски.

За бојкотот учениците добија поддршка и од родителите. Тие апелираат надлежните да го спречат насилството врз нивните деца, посебно тоа со меѓуетнички карактер.

На голем одмор влегуваат какви не орди во дворот, со ножеви. Со тоа веќе е животот загрозен на децата.

„Од една страна се бара екстерно испитување, а од друга страна нема елементарни услови за следење настава. На голем одмор влегуваат какви не орди во дворот, со ножеви. Со тоа веќе е животот загрозен на децата“, вели Зорица Трпковска.

Поради честите инциденти се бара ново место каде би се одвивала наставата по македонски јазик.

Алтернативи моментално, вака од ракав, не можеме да извадиме. Тие решенија во образованието знаете каква е состојбата, не може едноставно да се реши.

„Барање осуда од сите релевантни фактори, структури, за обидот за убиство, барање одговорност од надлежните органи со оглед дека претпладнето имаше инцидент. Конечна најава со локација и времена мерка со локација за дислокација во соодветни простории за македонските паралелки од гимназијата. Привремено решение со минимум услови за одвивање на наставата по можност во една смена. Осигурување на безбедноста на учениците и професорите. Барање за вработување на психолог за македонска настава“, истакнува родителот Младен Мисајловски, за барањата до училиштето.

Директорот на гимназијата Намикќемал Мустафа ги сослуша барањата на родителите. Со оглед дека гимназијата нема други објекти рече дека ќе бара општината да го надмине проблемот.

„Алтернативи моментално, вака од ракав, не можеме да извадиме. Тие решенија во образованието знаете каква е состојбата, не може едноставно да се реши“, изјави директорот Мустафа.

Тетовската полиција информираше дека малолетникот кој со нож го рани гимназијалецот ќе се соочи со кривична пријава за обид за убиство. Ученикот кој доби повреди по вратот и грбот сè уште е на болничко лекување. Општината на почетокот на учебната година најави дека поради големиот број ученици и малку простор, гимназијата ќе се дели на два правни субјекти, а треба да се изгради и нов објект.

XS
SM
MD
LG