Достапни линкови

logo-print

МОСТ: За еден месец десет изборни нерегуларности


Граѓанската организација „МОСТ“ соопшти дека обезбедила докази за десет случаи за нерегуларности од изборниот процес, од јавно достапни информации и од набљудувачи. Оттаму велат дека има индиции за кривични дела и дека доказите ќе ги достават до Комисијата за следење на изборни нерегуларности.

Непочитување на принципот на одвојување на државата од партијата, притисоци врз вработени во јавниот сектор, притисоци за гласање и злоупотреба на јавни ресурси. Ова се дел од случаите за нерегуларности од изборниот процес што ги забележала граѓанската организација „МОСТ“ од набљудувањето во периодот од 15 октомври до 20 ноември годинава.

Организацијата забележала тренд на користење на општински сали и домови за култура за партиски состаноци и собири, како и непочитување на принципот на случаен избор на членовите на избирачките одбори (ИО).

Извештајот е базиран врз набљудување на активностите на институциите на централно и на локално ниво, на активностите на политичките партии и работата на изборните органи.

Од добиените над две илјади извештаи, било забележано дека во 43 случаи во 26 општини, функционери или вработени во јавниот сектор во работно време присуствувале на партиски настани, како и присуство на политичари и политички партии на настани организирани од јавни институции.

Во 41 случај во 26 општини, на вработени во јавниот сектор им биле вршени притисоци да посетуваат партиски митинзи на владејачката партија, која исто така во седум случаи во пет општини правела притисоци за гласање или за обезбедување гласачи. Во седум случаи во шест општини било забележано злоупотреба на јавни ресурси, односно употреба на службени возила за партиски цели.

„Исто така загрижуваат случаите на противзаконско располагање со буџетски средства за време на избори. Регистриран е еден случај на започнување изградба на објект финансиран со јавни средства и девет случаи на одржување јавни настани по повод започнување изградба или пуштање во употреба на објекти финасирани од јавни средства“, вели Дарко Алексов, извршен директор на граѓанската организација „МОСТ.“

Тој посочи дека овие случаи содржат индиции за кривични дела и, како што рече, доколку се докажат за нив е предвидена казна затвор од шест месеци до една година.

„Сите јавно достапни информации кои организацијата ги поседува за овие случаи ќе бидат доставени до Комисијата за следење на изборни нерегуларности која беше формирана од Јавното обвинителство на Македонија, за понатамошно постапување“, вели Алексов.

Тој истакна дека организацијата не била против изградба на објекти и подобрување на животот на граѓаните, туки против прекршувањето на Изборниот законик.

Организацијата апелира до граѓаните да ги пријават сите нерегуларности на бесплатниот телефонски број 080 080 080 или лично во просториите на „МОСТ.“

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG