Достапни линкови

logo-print

Предизборната кампања ги „окупира“ весниците


Предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ

Предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ

Ветувањата на партиите во предизборната кампања се главни теми во дневниот печат. Весниците забележуваат дека националистичката реторика се врати во кампањата.

До 11 декември, почитувани, печатените медиуми ќе нè бомбардираат со информации за митинзите на партиите и за тоа кој што кажал и ветил пред граѓаните, колку се собрале на еден или на друг митинг на владејачката партија, колку на опозицискиот СДСМ. Се чини и дека се остваруваат предвидувањата на некои познавачи на состојбите, дека ВМРО-ДПМНЕ се врти кон докажано курентната тема во време на избори – меѓуетничките односи.

Вечер со крупни букви заплашува: „Републиката во пламен – Заев го запали огнот на поделба, ДУИ го долеа...“ или „Градот на хероите понижен – Заев развеа албанско знаме сред Прилеп и вети – 11 декември ќе биде новиот 11 Октомври“.

Утрински од првиот митинг на владејачката партија во Охрид го цитира Груевски дека: „Изборите се референдум за Македонија“, но со нагласка дека: „Националистичката реторика се враќа во игра а гласот за ВМРО-ДПМНЕ е глас за унитарноста и сувереноста, а против федерализацијата и двојазичноста“. Истиот весник го цитира и Заев од митингот во Кичево: „Мултиетничноста не е слабост туку предност – Македонија ќе биде унитарна држава, таа е сплот на различност“.

За Вечер најважно од митингот на опозицијата во Кичево е фотографијата од птичја перспектива на која се гледа проретчена група граѓани и насловот: „СДСМ доживеа уште еден дебакл“.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на предизборен митинг

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на предизборен митинг

Утрински објавува и мислења на политиколози кои очекуваат во предизборието да доминираат економските теми и „плукањето“ по противниците: „Двојазичноста и ’бомбите‘ ќе ја оцрнат кампањата“. Истиот весник објави анализа на партиските изборни програми: „’Реално‘ или ’План за Македонија‘ – кој ќе ја подобри економијата?“, а Слободен печат, повикувајќи се на политички аналитичари наслови: „’Реално‘ нема врска со реалноста“.

Илјадниците поддржувачи на БЕСА кои ја наполнија салата „Борис Трајковски“ во Скопје го наведуваат Утрински да наслови: „БЕСА на пат да го разбие двоецот ДУИ – ДПА: политичката јавност е изненадена зашто беше резервирана околу тоа колкав е капацитетот на БЕСА“. И, она што се повторува на секои избори наназад десетина години, злоупотребата на службените возила.

Од Утрински ја дознаваме информацијата дека приказната се повторува: „До 16:30 часот државни, а потоа партиски автомобили – практика што се зема здраво за готово, иако е спротивна на Законот“.

Освен информациите главно за митинзите на Груевски и на другите носители на листите од неговата партија, Дневник пишува дека грчкиот весник Етнос објавил напис дека македонски и бугарски свештеници сакаат да служат во пограничните региони со Бугарија и Македонија, „во опустошените села во Егејска Македонија каде што сега нема постојано грчко свештенство“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG