Достапни линкови

logo-print

Владините субвенции го диктираат авио сообраќајот


Скопски аеродром „Александар Велики“.

Скопски аеродром „Александар Велики“.

Алиталија ги укинува летовите од Рим до Скопје, претходно беа суспендирани и летовите од Женева и Прага. Упатените причината ја гледаат во субвенционирањето на ниско буџетните авиокомпании.

Авиопревозниците ги прекинуваат летовите до земјава, бидејќи не се профитабилни, велат упатените. По летовите на швајцарската авиокомпанија „Свис Ерлајнс“ и чешката „Чех Ерлајнс“, од Женева и Прага, суспендирани се и директните летови на италијанската „Алиталија“ од Рим за Скопје.

Италијанската новинска агенција Нова јави дека компанијата се одлучила на чекорот поради намалената побарувачка од очекуваното. Последниот лет меѓу Рим и Скопје ќе биде на 30 ноември, додека продажбата на билети веќе е стопирана. Одлуката доаѓа по две ипол години од воведувањето на линијата.

Вања Битољану, сопственикот на првата авиокомпанија во Македонија „Палер“ проблемот го гледа во субвенционирањето на Владата на ниско буџетните авиокомпании.

„Додека Владата го субвенционира Визер, сериозните компании ќе мора да напуштат. Не можам да конкурираат со некого на кого државата му дава субвенции. Според тоа може да се очекува дека и други посериозни компании ќе не напуштат. Нема да летаме до сериозни аеродроми ќе летаме на алтернативни аеродроми, како што Визер, поради цената, лета таму. Нема да летаме за Париз ќе летаме во околина. Нема да летаме за Брисел, ќе летаме во околина и тоа е“, вели Битољану.

Тој додава дека во летниот период на овие авиокомпании им е поисплатливо да летаат, бидејќи тој период е пофреквентен, поради дијаспората која за време на одморите доаѓа во посета на Македонија. Треба на сите авиокомпании да им се дадат субвенции, смета Битољану.

„Не знам дали е нелојална конкуренција, ама на сите авиокомпании да им ги дадат тие услови би било најдобро. Ние и онака како држава имаме многу пари така да нема проблем воопшто. Ако не се среди политиката или ќе имаме само ниско буџетни компании што и не е така лошо, луѓето сепак се прошетаа или пак само сериозни компании со многу поскапи цени“, вели Битољану.

Од Агенцијата за цивилно воздухопловство ни соопштија дека засега не можат да дадат коментар, бидејќи директорот бил на службен пат.

Европската комисија во март годинава отвори и истрага за субвенциите кои македонската Влада и ги дава на унгарската компанија Визер. Од „Аустриан ерлајнс“ тогаш соопштија дека Владата ја поттикнува нелојална конкуренција во авиосообраќајот и дека навистина е тешко да се натпреваруваат со субвенционирани нискотарифни компании.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG