Достапни линкови

logo-print

Зошто субвенции за странците, кога нема резултати


Белгиската компанија „Ван Хол“ во ТИРЗ Скопје.

Белгиската компанија „Ван Хол“ во ТИРЗ Скопје.

Ние веќе десет години даваме бенефиции за странски директни инвестиции, а тие бележат надолна линија, вели бизнисменот Венко Глигоров.

Дека домашните инвеститори немаат исти привилегии и третман како странските не е непознат факт, потврдуваат дел од домашните стопанственици. Домашните инвеститори не смеат да се занемаруваат бидејќи тие остануваат тука, вели Венко Глигоров, сопственик на приватна фирма. Ние веќе десет години даваме бенефиции за странски директни инвестиции, а тие бележат надолна линија, вели Глигоров.

„Од друга страна задоволни се тие кои влегоа во земјоделието. Имате случаи каде што големи пространства на земјиште стои необработени или ставени се овошки само колку да се земаат субвенциите, а газдите не се занимаваат со земјоделие, туку си шетаат по Скопје и си уживаат од субвенциите. Така што не е работата само да се дава помош или субвенции, туку тие субвенции треба да даваат резултати“, вели Глигоров.

Странските компании имаат неспоредливо поголеми поволности во однос на домашните особено ако инвестираат во слободните економски зони тука. Слабости има во законската регулатива, која не ги исклучува туку ги ограничува домашните инвеститори, посочува економскиот аналитичар Арбен Халили.

„Домашна постоечка компанија не смее со истиот производ да влезе во слободните економски зони и да ги добие истите поволности како странска компанија. Домашен инвеститор може да влезе во зоните само со нов производ и нова компанија. Секако тие се обврзани да исполнуваат минимумот од 80 проценти за извоз надвор од земјата. Од друга страна, странска компанија која веќе делува со исто име и производ и на друго место, смее да влезе кај нас во рамките на зоните и да произведува колку што може“, вели Халили.

Халили вели дека домашните фирми треба да добијат приближно ист третман со странските. Уште еден услов кој ги дискриминира домашните инвеститори во однос на странските е што две до три години домашната компанија која влегува во зоните не смее да го намали бројот на вработените надвор, туку да има само нови вработувања. При отворањето на слободните зони, каде што може да инвестираат и домашни компании, особено важно е да се земат предвид приоритетите на локалната власт, вели Халили.

„Ако на пример целта ни е да го зголемиме производството на земјоделски производи во Пелагонија, таму треба да се насочат компании кои се занимаваат со производство на такви производи. Ако ни е целта хај тек технологија, тоа се прави само во Скопје, а не во помалите градови ширум земјата.“

Според досегашните пресметки на невладиниот сектор, Македонија загубила или потрошила најмалку 210 милиони евра за странските инвеститори. Овие пресметки се во делот на опортунитетните трошоци: неискористеното земјиште во зоните, загубите по основ на даноци и комуналии, директните трошоци за изградба на технолошко-индустриските развојни зони. Но, ако се има предвид фактот дека секоја од компаниите добива и друг вид бенефиции, како на пример поддршка во делот на плати, обуки и слично, а договорите со нив се чуваат во најголема тајност, тогаш излегува дека сумата е многу поголема.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG