Достапни линкови

logo-print

Без соработка со домашните фирми, мала корист од странските инвестиции


Отворање на новата фабрика на „Џонсон Контролс“ во Технолошко-индустриската развојна зона во Штип на 21 јануари 2014

Отворање на новата фабрика на „Џонсон Контролс“ во Технолошко-индустриската развојна зона во Штип на 21 јануари 2014

Минатата година, домашните компании оствариле соработка во вредност од околу 46 милиони евра со странските инвеститори од слободните зони. Тоа е премалку ако се има предвид дека во зоните се увезени стоки од речиси 1,3 милијарди евра.

Треба да се работи на зголемување на соработката на домашните компании со странските инвестиции за македонската економија навистина да види корист од субвенциите што им се даваат на странските инвеститори. Според Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони, соработката на домашните компании со корисниците во ТИР-зоните достигнала вредност од 46 милиони евра во текот на 2015 година. Тоа е сепак малку, ако се земе предвид дека извозот од зоните минатата година бил 1,475 милијарди евра, додека фирмите во зоните увезле стока во вредност од 1,245 милијарди евра.

Центарот за економски анализи на почетокот на годинава објави анализа според која едно новоотворено работно место во Технолошко-индустриските развојни зони од 2007 до 2014 година ја чинело Македонија над 21 илјада евра. Според анализата, македонската економија, барем засега, нема голема корист од странските инвестиции, но тоа би можело да се зголеми во наредните години. Од зоните има голем извоз, но тие се исто така и големи увозници и затоа мора да се работи на засилување на врските со локалната економија. Тие сега ја користат само домашната работна сила. Една од авторките на анализата, Весна Гарванлиева-Андонова, вели дека е потребна поголема соработка во трансфер на знаења и технологии од странските на домашните компании.

„Сè додека странските компании што се кај нас не ги носат со себе секторите за истражување и развој или маркетинг, знаењето останува во мајките компании и немаме трансфер од странските кон домашните компании“, вели таа.

Токму вмрежувањето на странските со домашните компании е еден од механизмите за нивно останување во земјава и по завршување на владиното субвенционирање, сметаат дел од аналитичарите.

Околу 500 македонски компании, според податоците на стопанските комори, досега оствариле соработка со странските инвестиции во зоните. Во анализата „Влијанието на владините субвенции за странските директни инвестиции, наспроти нивниот ефект врз економскиот раст“ на Здружението на млади аналитичари и истражувачи се наведува дека соработката главно ја оствариле проектантски бироа, одржување на простор, градежни фирми, агенции за обезбедување и кетеринг-служби. Во помал број се компаниите кои се јавуваат како добавувачи во процесот на производство на странските директни инвестиции во зоните, како што се „Ариље метал“, „Уни пласт“, „Тинг инокс“ и „Раде Кончар – Теп“.

На една од дебатите за оваа анализа, во февруари годинава, советникот во Агенцијата за странски инвестиции Игор Велевски рече дека сè уште не е дојден моментот каде што се гледа бенефитот од СДИ, но оти се работи на тоа.

„Теоретски, предвидено е на едно отворено место од СДИ да се отворат шест новокреирани работни места. Само така заокружен овој процес би дал причина зошто е активиран процесот на СДИ во Македонија. Во континуитет постојано се работи за поврзување на домашните со странските компании“, рече тогаш тој.

Еден од директорите на Технолошко-развојната зона Тетово, која засега е единствена која се управува по принципот на јавно-приватно партнерство, Арбен Халили, вели дека една од нивните главни цели е засилување на соработката со локалната економија.

„Треба и домашните компании, условно кажано, да бидат поагресивни во пристапот кон странските инвеститори, зашто, да бидеме реални, не многу, да не кажам ниедна од странски компании нема многу информации за домашните компании, која компанија што нуди и во колкав волумен, бидејќи тие може да имаат потреба за поголеми количини и секако дека не се многу заинтересирани да соработуваат со 3, 4 или 5 компании за еден ист репроматеријал“, вели тој.

На крајот на минатата година во субвенционираните странски инвестиции работеле скоро 12,5 илјади луѓе.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG