Достапни линкови

Долненското село Лажани под вода


Силен дожд проследен со град уништи огромни земјоделски површини во долненското село Лажани. Поплавени се многу куќи, помошни објекти, возила. Семејствата ги пријавуваат штетите на Комисијата за проценка на штети.

Поплави го зафатија долненското село Лажани кое брои околу 3.500 жители. Силен дожд и град за час и половина уништиле огромни земјоделски површини, поплавени се многу куќи, помошни објекти, возила...Најголеми штети претрпеа сопствениците на маркетот во центарот на селото.

„А, штетата само за стоката е околу 200.000 евра, без инвентар. Куќата исто е оштетена и дуќаните, има пукнатини, се гледа дека ѕидови испукале“, вели Мирсад Црновршанин, сопственик на најголемиот маркет во регионот.

„Целиот долен кат е под вода, мебелот, се е катастрофа“, вели

Рамиз Корач.

Жителите на Лажани трпат големи штети и на земјоделските култури зошто поплавено е речиси целото долненско поле.

„Имам 400 декари посеано жито, пченка имам исто така посеано 50 хектари и тие се исто така уништени, житото е полегнато, поплавено“, реагира и Рашид Бајрамовиќ.

„Овците, јунците, кравите ми беа под вода, колава ми беше цела под вода“, се жали и Идриз Адиловиќ.

Стотици семејства ги пријавуваат штетите на Комисијата за проценка на штети, која врши увид на теренот.

„Скоро целиот тутун што е во атарот меѓу селата Дебреште и Лажани е оштетен, околу 300 хектари, жито и тутун, а оштетени се исто така и многу домови“, вели Ајше Мамудоска Топалоска, член на општинската Комисија.

Со минималната механизација што е на располагање на Општина Долнени веднаш се интервенира на терен, но тоа не е доволно за санирање на штетите.

Градоначалникот Боше Милошески најави дека ќе побара помош од Владата.

„Општина Долнени ги презема сите потребни мерки, што може да ги преземе. Се надеваме и на помош од Владата за да му се помогне на овој несреќен народ“, вели Милошески.

Тој признава дека каналите во општина Долнени не се исчистени речиси три децении. Во секое од 37-те населени места во општината, вели, има по една критична точка, каде што треба да се интервенира. Според него поплавата во Лажани помогнала за да се лоцира дека Саждевска река е критична точка за овој регион.

Според директорката на подружницата на Водостопанство на Македонија, Гордана Тошеска во чија надлежност е чистењето на речните канали, одамна е лоцирана Саждевска река, но таа не е во надлежност на претпријатието, зошто има природен тек. Тошеска најавува дека откако ќе заврши тендерот за дополнителна механизација на крајот на годинава ќе може да се интервенира на сите критични места.

Но, жителите на долненска општина стравуваат од нови поплави и бараат итна интервенција.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG