Достапни линкови

Поплава наместо погреб во Прилеп


За време на погребот на починат член на семејството Бошкоски од Прилеп, од гробното место за коешто биле платени сите давачки, извирала вода, како од фонтана. Ужалената фамилија бара одговорност.

Наместо погреб како што доликува, прилепското семејство Бошкоски, покрај семејната трагедија и загуба на член на семејството, се соочи со уште една драма на градските гробишта „Песјобрдце“. Погребната поворка од околу 200 блиски роднини и пријатели биле сведоци на крајно непријатна ситуација. Од гробното место за коешто биле платени сите давачки кон јавното претпријатие „Комуналец“ во чија надлежност се гробиштата извирала вода, како од фонтана.

Погребот беше закажан за 14 часот, но кога дојдовме на градските гробишта, видовме катастрофа, цело време извира вода, а упорно се копа и се настојува водата да се исцрпи. По наша интервенција се бараше друго гробно место, се копаше истото, имаше преку 200 присутни на погребот, што чекаа преку два часа.

„Погребот беше закажан за 14 часот, но кога дојдовме на градските гробишта, видовме катастрофа, цело време извира вода, а упорно се копа и се настојува водата да се исцрпи. По наша интервенција се бараше друго гробно место, се копаше истото, имаше преку 200 присутни на погребот, што чекаа преку два часа“, вели Жарко Казанџиски, адвокат на семејството, најавувајќи тужби за одговорните.

Од јавното претпријатие „Комуналец“ се оградуваат од каква било одговорност за овој случај. Тврдат дека согласно со новата законска регулатива за гробишта и погребални услуги, склучени се договори со четири оператори кои вршат ископ и закоп на гробни места, со обврска да ги извршуваат и погребите во Прилеп.

Доколку излегло поголемо количество на вода, тие треба да се и технички и кадровски опремени.

„И доколку излегло поголемо количество на вода, тие треба да се и технички и кадровски опремени. Доколку од операторот беше побарана помош или бевме информирани, ќе излезевме на терен во тој момент, дали ќе им пристапевме со техничка помош или со луѓе, во секој случај ќе го решевме проблемот од морална одговорност, но не и од обврзувачка, согласно законот“, вели Лилјана Силјаноска Пурдеска, портпарол на јавното комунално претпријатие.

Таа истакнува дека „конфигурацијата на теренот на градските гробишта е таква, да постојано се јавува исцедок на вода“.

Операторот, ДООЕЛ „Белфаст“, пак, ја враќаат топката во „Комуналец“.

„Одговорноста е на ЈП Комуналец, претпријатието по законот треба да каже дека на тие гробни места не треба да се копа, бидејќи и вториот гроб на длабочина од 90 см или метар, почна да извира влага и кал. Би требало фирмата да ги преземе мерките за дренажа, бидејќи оваа година има многу големо количество вода, може тоа го потврдат и другите оператори“, вели управителот Пецо Камчески.

Сепак, правдата ќе се докаже во текот на најавената судска постапка.

  • 16x9 Image

    Моника Талеска

    Моника Талеска е дипломиран новинар на Интердисциплинарните студии по новинарство во Скопје. Од 2001-та година е дописник на Радио Слободна Европа. Освен тоа, постојан дописник е и на телевизија Телма. Работела како новинар, главен уредник и директор во поранешниот локален Центар за печат, радио и телевизија- Прилеп. 

XS
SM
MD
LG