Достапни линкови

Мигрантите во Табановце спасот го гледаат само на север


Околу 850 мигранти со недели престојуваат во транзитниот центар за мигранти. Не планираат да се враќаат назад. Спасот го гледаат во нелегално поминување на границата со Србија.

Мигрантите кои се наоѓаат во прифатниот камп Табановце уште на прв поглед може да се забележи дека повеќе не престојуваат таму, туку живеат. Ги има околу 850 на број, од кои најголемиот дел се од Авганистан, Сирија и Ирак. Неколку месеци веќе се наоѓаат во кампот. На повеќето од нив дом сега им се металните контејнери, а помалку среќните се сместени во шатори.

Одевме по планини околу 28 часа и беше многу тешко за нас. Луѓето мислат дека ако патуваме со криумчари сме безбедни, но не е така. Мора да го ризикувате својот живот.

Најмладите преку игра го поминуваат своето своето секојдневие, а постарите бараат сенка за да се засолнат од сонцето. Тиморша Барекзај е два месеци во кампот и доаѓа од Авганистан. Тој е градежен инженер по професија. Со помошта на криумчари, нелегално, заедно со неговиот брат, влегол во Иран од каде патот го продолжил во Турција, Грција, па Македонија. Патот, како што нагласува бил тежок и бил уплашен за неговиот живот.

„Одевме по планини околу 28 часа и беше многу тешко за нас. Луѓето мислат дека ако патуваме со криумчари сме безбедни, но не е така. Мора да го ризикувате својот живот“, вели тој.

Тие по лице на криумчарите им платиле по 9.000 долари, а по пат потрошиле дополнителни 1.000 долари. Тој се надева дека ќе стигне во Германија каде ќе има мирен живот. Повеќето од Авганистанците кои се наоѓале во кампот, според него, го продолжиле патот во Србија со помош на криумчари.

„Тука бевме околу 900 луѓе само од Авганистан, а сега сме помалку од 200. Сите заминаа со криумчари на кои мора да им платите 2.000 евра за еден човек. Криумчарот ќе ве однесе од тука до Германија“, вели тој.

Ари Омар е новинар од Ирак, кој работел и како презентер на вести во националната телевизија и како што вели бил ѕвезда во неговата земја.

„Ја напуштив земјата, бидејќи правев многу прилози за милитантната група Исламската држава, кои ми пратија порака дека ако продолжам ќе ме нападнат и убијат. За мене повеќе не беше безбедно да останам во Ирак. Сака да одам во Англија, бидејќи имам семејство таму, татко, мајка и две сестри и браќа“, вели тој.

Пешки и со брод за своето патување Омар платил 6.000 евра. Патувањето за него било тешко, но тешки се и условите во кампот. Храната не е добра, а тушевите немаат топла вода, вели Омар, кој веќе загубил надеж оти ќе ја премине границата и решил да се врати во родната земја и по цена не неговиот живот. Од невладините организации во кампот, пак, велат дека се обидуваат да им обезбедат сè што им е потребно на мигрантите, но и посочуваат дека тие не дошле таму за да останат.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG