Достапни линкови

Мигрантите во Грција заглавени во неизвесност


Скоро 50 илјади луѓе заглавени во Грција во оскудни услови се во опасност да бидат заборавени додека светското внимание е фиксирано врз договорот меѓу ЕУ и Турција, соопшти Амнести интернешнал. Во исто време Турција се закани дека нема да го почитува договорот ако Брисел не го исполни ветувањето за безвизен режим.

Бавниот процес на релокација на мигрантите, откако земјите на балканската мигрантска рута ги затворија границите, се заканува да предизвика хуманитарна криза поради лошите услови во кои престојуваат мигрантите во прифатните центри во Грција.

Амнести интернешнал наведува дека мигрантите се во состојба на постојан страв и неизвесност.

Европската унија се согласи со Турција да ги врати сите бегалци кои пристигнуваат на грчките острови по 20 март.

Но, овој процес како што наведува Амнести, бил болно бавен.

Атина може да ги врати мигрантите само откако ќе заврши процесот на нивното барање азил во Грција.

Досега во Турција се вратени само 300 мигранти.

На грчката Влада и се брза да го реши проблемот со заглавените мигранти и бегалци до почетокот на туристичката сезона.

Од друга страна, нема ништо ни од предвидениот план, договорен во септември лани за префрлање на над 66 илјади баратели на азил во другите земји на Унијата.

Според последните податоци, тоа било направено само за 615 лица.

На грчката Влада и се брза да го реши проблемот со заглавените мигранти и бегалци до почетокот на туристичката сезона.

Скоро четири илјади мигранти се под шатори во Пиреја, најголемото грчко пристаниште и главна порта за туристите до островите на Егејско Море.

Грчката Влада има подготвено дваесетина прифатни центри низ земјата, но некои мигранти не сакаат да одат, жалејќи се на лошите услови во набрзина изградите кампови.

„Не. Сакам да останам тука, бидејќи кампот е лош. Некои отидоа па пак се вратија, бидејќи немало каде да се спие и немало храна“, вели 22-годишниот Месуд, мигрант од Авганистан.

Во провизорниот камп во Идомени на македонско-грчката граница тензиите се секојдневни, а расте и бројот на тепачки меѓу мигрантите, но и на судири со грчката полиција која ги убедува да ја ослободат железничката пруга.

Во меѓувреме, Турција се закани дека нема да го почитува договорот околу мигрантите со Европската унија доколку Брисел до јуни не го исполни ветувањето да обезбеди безвизен режим за турските граѓани.

„Не сакам да коментирам или да шпекулирам. Во наредните денови ќе се сретнеме со лидерите на Европската унија. Веруваме дека безвизниот режим ќе стартува во јуни. Ако не се случи тоа, тогаш секако никој не очекува Турција да се држи до својот дел од договорот“, изјави турскиот премиер Ахмет Давутоглу.

Запрашан за вестите дека рускиот претседател Владимир Путин на нагласил потребата од затворање на турската граница со Сирија за да нема прилив на странски борци, Давутоглу одговори дека границите на Турција биле отворени само за хуманитарни цели, односно за бегалците од Сирија.

„Светот само може да и заблагодари на Турција во врска со беглаците. Никој нема право да бара од Турција отчет за нејзините акции“, рече Давутоглу.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG