Достапни линкови

Кој манипулира со мигрантите?


Активисти ги поттикнуваат мигрантите од Идомени да се обидат насилно да влезат во Македонија. Македонските власти бараат соработка со грчката полиција за да се спречат вакви инциденти во иднина.

Еден полицаец е пренесен на лекување во скопските клиники, а четворица се на домашно лекување, состојбата на јужната граница во моментов е мирна, Грција протестира поради употребата на сила од македонска страна, македонските власти велат дека ниеден мигрант не бил повреден на македонска територија и бараат соработка со грчката полиција за да се спречат вакви настани во иднина, а во меѓувреме се засилува криумчарењето мигранти. Ова е моменталната ситуација со мигрантската криза откако илјадници мигранти вчера се обидоа насилно да влезат од Грција во Македонија, при што повредија 14 полицајци и девет македонски војници. По санирањето на повредите, 18 од нив се вратени во своите единици.

Минатата ноќ и утрово, сè досега, состојбата на граничната линија кај котата 59 е стабилна и мирна.
Наталија Спирова Кордиќ, МВР

МВР информира дека околу 3.000 мигранти од Идомени вчера се обиделе насилно да влезат во Македонија, кај кота 59 во близина на пругата, додека „грчките полициски службеници воопшто не интервенираа во спречување на нередите на граничната линија“. Мигрантите фрлаа со камења и други предмети кон македонските граничари, кои употребиле солзавец за растерување на толпата. Во инцидентите биле уништени три возила на МВР и пет на АРМ, како и повеќе полициски штитови и друга опрема. Не биле повредени странски полицајци од Унгарија, Чешка, Србија, Словенија, Хрватска и Австрија, кои им помагаат на македонските колеги на јужната граница.

Наталија Спирова Кордиќ од МВР вели дека состојбата на повредениот полицаец, кој е пренесен на скопските клиники, е стабилна, но е задржан на набљудување. Во моментов има засилено полициско и армиско присуство на јужната граница.

„Минатата ноќ и утрово, сè досега, состојбата на граничната линија кај котата 59 е стабилна и мирна“, вели таа.

Странските медиуми вчера јавија дека активисти им делеле на мигрантите флаери на арапски јазик во кои ги повикувале да се соберат пред оградата на границата. Сличен инцидент се случи и минатиот месец, кога повеќе од 1.000 мигранти ја заобиколија жичената ограда и влегоа во гевгелиското село Моин. И тогаш на мигрантите им беа делени летоци на арапски јазик со мапа на теренот и упатство како да влезат во Македонија.

Активистот Кастриот Реџепи, кој им помага на мигрантите, вели дека, според информациите од теренот, анархистички групи и други активисти ги поттикнуваат мигрантите насилно да се обидат да ја поминат границата.

„Мислам дека анархистите сакаат да прават нереди воопшто во Грција и сега ги користат бегалците како инструмент за да го прават тоа, додека другите организации за мене е несфатливо зошто би им давале погрешна информација и би ги ставиле во ризик и би ги манипулирале бегалците“, вели тој.

Грчкото МНР вчера соопшти дека амбасадорот Теохарис Лалакос им врачил на македонските власти две остри протестни ноти поради, како што наведуваат, неприфатливите инциденти во Идомени.

„Амбасадорот Лалакос на најкатегоричен начин јасно стави до знаење дека употребата на насилство со ништо не придонесува кон решавање на бегалскиот проблем и е во директна спротивност со одредбите од меѓународното и хуманитарното право. На крајот, тој ги повика властите во ПЈРМ да се издигнат над ситуацијата и да покажат соодветна одговорност, воздржаност и сериозност“, информира грчкото МНР.

Македонското Министерство за надворешни работи одговори дека мигрантите биле поттикнати, заведени и организирани од активисти на невладини организации, кои им делеле летоци со лажни информации дека штом ќе успеат да ја поминат грчко-македонската граница со употреба на насилство тие ќе можат непречено да го продолжат својот пат до земјите членки на ЕУ.

МНР го повторува барањето за соработка и размена на информации со грчките власти со цел превентивно да се делува во однос на насилните протести на мигрантите и обидите за илегален премин.

„Воспоставувањето ред и мир во пограничната зона, како и во и околу центрите за прифаќање мигранти е од суштествено значење за превенирање вакви инциденти во иднина“, се нагласува во соопштението од македонското МНР.

Во меѓувреме се зголемува шверцот со мигранти. Полицијата вчера соопшти дека спречила два обиди за нелегален транспорт на мигранти со три возила. Првиот настан се случил на влезот на Демир Капија, кога биле запрени две возила, едно со бугарски, едно со кумановски регистарски таблички, во кои биле пронајдени деветмина мигранти од Ирак. На автопатот Гевгелија-Демир Капија, пак, во возило со скопски таблички биле пронајдени 12 мигранти од Пакистан.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG