Достапни линкови

Стотици повредени мигранти на границата со Грција


Стотици повредени мигранти на границата со Грција
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:49 0:00

Стотици повредени мигранти на границата со Грција

Организацијата Доктори без граници соопшти дека нејзините доброволци третирале околу 300 луѓе поради проблеми со дишењето и повреди од пластични куршуми по судирите со македонската полиција која ги спречи да ја прескокнат оградата на македонско грчката граница. Грција со критики за акцијата на македонската полиција.

Според Доктори без граници, најмалку шестмина мигранти и бегалци биле хоспитализирани.

Македонската полиција од своја страна соопшти дека 23 нејзини припадници биле повредени, меѓу кои петмина потешко.

До ова дојде во близина на дивиот камп Идомени каде што се сместени над 11 илјади мигранти и бегалци.

Балканските држави ја затворија мигрантската рута кон северот на Европа кон средината на февруари годинава.

Повеќето од мигрантите и бегалците, како што јавуваат новинските агенции, се збунети и не се свесни дека земјите членки на Европската унија ја поддржуваат македонската одлука да ги блокираат мигрантите и бегалците.

Пред насилствата група од 500 луѓе реагирале на гласовите дека границата ќе била повторно отворена.

Откако тоа било демантирано од македонската полиција стотина мигранти, вклучувајќи и деца, се обиделе да се искачат на оградата по што биле одбиени.

„Бевме изненадени бидејќи и пред да стигнеме до оградата и пред да направиме нешто, тие употребија солзавец веднаш. Тоа предизвика негативни реакции од страна на демонстрантите и ги налути и ги разгневи“, изјави за новинската агенција Ројтерс 23-годишниот Махмуд, мигрант од сирискиот град Алепо кој не сакаше да биде снимено неговото лице.

Грчката полиција воопшто не интервенирала. Во невообичаено острата изјава Јоргос Кирицис, портпарол на координаторите за миграција во грчката влада оцени дека употребата на сила од македонската полиција бил „опасен и жален чин“.

„Екстензивната употреба на солзавец, шок бомби, па дури и гумени куршуми неселективно среде жени и деца и тоа со часови, е непристојна и исклучително опасна практика и веруваме дека властите на поранешната југословенска Република Македонија треба да ги разберат ризиците од напаѓање на бегалците и мигрантите на таков начин. Во исто време, ги повикуваме бегалците да не им веруваат во лагите во врска со границите. Тие мора да разберат дека границите се затворени“, изјави за Кирицис.

Грчките власти се обидуваат да ги уверат бегалците и мигрантите кај Идомени да се преселат во прифатните центри, но тие не го прифаќаат тоа и сакаат да бидат поблиску до границата во случај таа повторно да биде отворена.

Повеќето од нив, како што јавуваат новинските агенции, се збунети и не се свесни дека земјите членки на Европската унија ја поддржуваат македонската одлука да ги блокираат мигрантите и бегалците.

„Европа вели дека секој може да дојде, но Македонија ја затвори границата“, вели Хасан Мухамед, 19-годишен курд од Алепо, кој веќе два месеца заедно со семејството е во Идомени.

Покрај овој камп Грција се обидува да ги исчисти и другите диви кампови на нејзина територија до крајот на овој месец.

Грција го спроведува договореното меѓу Европската унија и Турција за враќање на илегалните мигранти во Турција.

Сепак, планираната депортација на над 6,5 илјади мигранти од грчките острови е суспендирана, бидејќи грчките власти се соочија со огромен број баратели на азил.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG