Достапни линкови

logo-print

2016-та: Тик-так, светлина после мрак!


Стефан Богоев, претседател на Социјал демократската младина на Македонија(СДММ) и пратеник во Собранието на РМ.

Стефан Богоев, претседател на Социјал демократската младина на Македонија(СДММ) и пратеник во Собранието на РМ.

Велат, денот по утрото се познава, па ако е така, тогаш ќе имаме феноменална година кога на самиот почеток Груевски си дава оставка. Со него е завршено! Треба да е среќен што барем и неколку дена од 2016-та фати во неговиот мандат. После оставка, нема каење. И тоа му е и на него јасно, но, што е тука е. Заминува и тој и неговите најблиски, крими соработници. Ова што го правеа, никогаш повеќе нема да се повтори. 2016-та ќе биде почеток на модерната, „златна ера“ на Република Македонија, пишува Стефан Богоев, претседател на СДММ и пратеник во Собранието на РМ во онлајн колумната на Радио Слободна Европа.

Како по некое непишано правило, на крај од една и почеток на друга година се сумираат случувањата и моментите од минатата и се предвидуваат истите во идната година. Па така, во тој дух, во следниве неколку редови и малку повеќе зборови, во првото четиво за оваа година ќе пробам да ги опфатам на кратко најбитните политички моменти од 2015-та како и очекувањата од новата 2016-та.

За почеток, ќе заклучам дека минатата 2015-та и не беше толку лоша. Велам не толку лоша бидејќи сепак масовното иселување на младите, огромната вкупна но и пред се младинска невработеност, нискиот стандард на граѓаните, а особено на студентите проследено со руинираните студентски домови продолжија како негативен тренд и во изминатата година. За жал, од година во година расте бројот на први места во светски рамки по негативни работи, па така, се „закитивме“ со злато во 2015-та во загаденост на воздухот, а Груевски доби бронзен медал за трето место на листата на најкорумпирани политичари во светот. Но, да се вратам на почетокот и да видиме зошто 2015-та и не беше толку лоша година.

Во оваа година на загаден воздух, уште од самиот нејзин почеток почна да се чувствува прочистување на слободната мисла! Светна зрак на светлина преточен во автентичните студентски протести, а силно поддржан од протестите на хонорарците, средношколците, професорите, новинарите... Пленумскиот, протестирачко-слободарски бран завладеа низ цела држава палејќи го светлото на крајот од долгиот, десетгодишен, мрачен тунел. Кампуваа и окупираа студентите, кампуваа и бојкотираа средношколците! Чиста и силна младешка енергија се почувствува низ воздухот!

Годината за режимот беше тешка и мачна, но сепак на самиот почеток покажа некои знаци на жилавост, издржливост и непобедливост. Одлики кои се трудат да ги промовираат десет години, но кои овојпат попуштија и се срушија како кула од карти. Изгубен во преводот, премиерот во заминување, боксер по хоби, мавташе хаотично на сите страни без да го допре противникот. Прво клекна и попушти пред кој друг ако не пред младите, пред студентите. Но, сепак, грогираниот боскер повторно почна непромислено да замавнува. Удираше со „странски служби“, со „сечени, лепени, монитирани“, па продолжи да се обидува со „жолти комбиња и тактичка опрема“, залудно.

Прв пат беше немоќен! И како да не биде, кога од другата страна имаше противник кој храбро и силно удираше со „Вистината за Македонија“, а и публиката беше на негова страна. Заев, опозицијата и граѓаните на Македонија ги превземаа сите особини кои Груевски очајно десет години ги посакуваше: жилавост, издржливост и непобедливост! И попушти, клекна! Во една прилика напишав дека „Митот за непопустливост на Груевски мора да падне“ и падна! Митот за непопустливиот, оној кој велеше дека нема да има оставки, нема да има избори, нема да има преодна влада и специјален јавен обвинител, падна со договорот од Пржино, под притисок на граѓаните кои кампуваа во „Кампот на слободата“, под притисок кој почна и најсилно доаѓаше токму од младите. Да сумирам со една реченица, 2015-та беше година на протестни кампови, година на младите, пресвртна година! Токму како што во една моја колумна, на истово место, пред година дена се обидов да ја предвидам.

На ред е 2016-та. Велат, денот по утрото се познава, па ако е така, тогаш ќе имаме феноменална година кога на самиот почеток Груевски си дава оставка. Со него е завршено! Треба да е среќен што барем и неколку дена од 2016-та фати во неговиот мандат. После оставка, нема каење. И тоа му е и на него јасно, но, што е тука е. Заминува и тој и неговите најблиски, крими соработници. Ова што го правеа, никогаш повеќе нема да се повтори. 2016-та ќе биде почеток на модерната, „златна ера“ на Република Македонија.

Младите и оваа година ќе бидат носители на промените, победите и успесите. Не за друго, туку затоа што ни е преку глава да ни ги бркаат другарките и другарите, девојките и дечковците, браќата и сестрите од сопствената држава. Затоа што младите заминуваат поради немање на работа и пари, а не поради невозвратена љубов како што Каракаглувчева љуби да каже! И затоа што од оваа година, ние младите сакаме и ќе живееме во ултра модерни студентски домови и или ќе се вработуваме или државата ќе ни помогне за пракса и дообразување по завршување на формалното образование! Затоа што ние младите сакаме десет илјади евра поддршка за нашите креативни и иновативни бизнис идеи. Затоа што ние младите сакаме подобар студентски стандард и едноставно кажано, повеќе заработени пари во џебот за на кафе, за во диско или за викенд! Ете толку, скромни сме ние младите, не бараме којзнае што, но она што ни следува, во 2016-та ќе го добиеме! Токму затоа ние ќе бидеме моторот на промените, ветрот на пролетта, предвесникот на просперитетот на оваа наша држава! Ние младите, во 2016-та бараме, со помош на новата социјалдемократска влада да бидеме лидери во светот по позитивни, а не по негативни работи. И ќе успееме во тоа! Успеавме да направиме пресврт во 2015-та, ќе ја завршиме работата до крај во 2016-та!

Бидејќи оваа е пред се, клучна година. Не за СДСМ, не за ДПМНЕ, не за мене или за тебе. Клучна за Македонија! Ова ќе биде година во која ќе треба на дело да покажеме и докажеме дека си ја сакаме државата и дека сакаме конечно да тргнеме напред. Година во која ќе кажеме стоп на евтината пропаганда на Мирковци и Миленковци. Година во која ќе има затвор за криминалците, а слобода за невините кои се во занданите само затоа што се спротивставиле на криминалците. Година во која ќе има подобар животен стандард и повеќе работни места за граѓаните, а особено за младите. Со една реченица, 2016-та ќе биде година која ќе се памети и прераскажува! Вреди да бидеш дел од оваа приказна, ако ништо друго, на внуци ќе ја раскажуваш.

Среќна нова, историска 2016-та година!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

XS
SM
MD
LG