Достапни линкови

logo-print

Затвори го пенџерчето, се загушивме, ќе поцркаме!


Стефан Богоев, претседател на Социјал-демократската младина на Македонија (СДММ) и пратеник.

Стефан Богоев, претседател на Социјал-демократската младина на Македонија (СДММ) и пратеник.

Виновникот за енормното загадување на воздухот за дишење е власта на ВМРО-ДПМНЕ и никој друг! Цената ја плаќаме сите и токму затоа, час поскоро, сите заедно да го кренеме гласот и да ставиме крај на оваа голгота, пишува Стефан Богоев, претседател на СДММ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Македонија, 10-та година по ред, земја на шампиони! И Бразил е земја на шампиони десетици години, во фудбал. САД е земја на шампиони во кошарка и во многу други работи. Кина е шампион по број на население, но и по извоз. Во суштина, скоро секоја земја е шампион во нешто. А ние, секако, како и во се останато во изминативе десет години предничиме и сме пред останатите! Па така, прваци сме во мизерија во светски рамки според еминентниот магазин „Економист”. Не ни е доволно па моравме да станеме и шампиони во иселување со преку 600.000 иселени граѓани според ОЕЦД и Еуростат. И тоа не е доволно, па моравме да станеме и шампиони во младинска невработеност и цврсто го држиме првото место во Европа со 53 проценти, според Светска банка. Секогаш, „во еминентно и пријатно” друштво со останати шампиони во овие дисциплини како Буркина Фасо, Мозамбик, Еритреа, Руанда... Но, таман ќе помислиме дека повеќе нема во што да „победуваме” и одеднаш, оп, „Миле ми текна” и веднаш наоѓаме друга дисциплина за борба со горенаведените земји. Они на нас ќе ни го земале првото место во загаденост на воздухот! Како да не, Груевски има план како да го освои и ова прво место, а од ваквиот пеколен план на Индија, Пакистан и Бангладеш веќе им „тече низ ногавици”. Ќе ни го земале првото место, ма нека одат во ПМ10 и ПМ2.5 честичка!

Во Буџетот за 2016-та за изградба и реконструкција на згради на Влада и администрација се одвоени 27 милиони евра, а за цело министерство за животна средина само 10 милиони евра! Тие ќе си градат и крадат, ние ќе се мачиме и гушиме!

Шегата на страна, Македонија полека но сигурно со доаѓањето на подоцнежната фаза на есента, неприкосновено се позиционира на највисокото место на пиедесталот во Европа по загаденост на воздухот за дишење, повторно според Светска банка. Огромната зголеменост на овие два вида на ПМ честички се ужасно страшни и опасни по здравјето на човекот. Тие може да бидат и фатални за оние со болести на срцето, белите дробови и дишните патишта, а енормно го зголемуваат ризикот за рак на белите дробови, акутна астма, срцев удар и слични смртоносни болести дури и кај сосем здравиот човек. Но, ајде да видиме како е дојдено до ова преку десет пати константно, зголемено ниво на ПМ10 и ПМ2.5 честичките во Скопје и Кичево, а преку дваесет пати зголемено ниво во Битола и Тетово. Во другите градови во државата, според Владата е незначително зголемено, а тоа незначително е дури до десет пати над дозволениот максимум.

Владата во заминување, заедно со градските власти има една навистина интересна, комична па дури би рекол и малоумна препорака за граѓаните. Тие велат не излегувајте надвор и не ги отварајте прозорците од вашите домови. Небаре надвор е еден воздух, загаден, а внатре во нашите домови е некој сосем друг, чист и здрав планински воздух. Лагодноста со која тие се однесуваат по ова страшно и сериозно прашање не става сите во дилема: Дали членовите на ВМРО-ДПМНЕ вклучително и премиерот, градоначалниците и челниците на министерството за животна средина дишат некој посебен воздух во нивните домови и работни места. Дали кога тие ќе излезат со нивните деца на прошетка дишат Хималајски, планински, а не Скопски, загаден воздух!? Или можеби се имуни на ПМ смртоносните честички!? Тоа е како сите заедно да влеземе во базен и да се надеваме дека седиме во чиста вода, иако многумина во базенот уринираат!

Често пати ги слушаме и властите и ресорните министерства како се фалат со безброј мерки за намалување на загаденоста. Но, секоја мерка треба да дава резултат. Дали можеби ги помешале брзините па овие мерки им се за зголемување наместо за намалување на загаденоста!? Еве јас би спомнал некои од мерките кои придонесуваат за зголемување на количината на ПМ10 и ПМ2.5 честичките.

Прво, одредени фабрики и погони според сите параметри енормно го загадуваат воздухот! И не, нашата цел како опозиција не е да се затворат овие капацитети туку да ги почитуваат еколошките стандарди и да стават филтри. Но, блискоста со власта ги амнестира од одговорност и тие упорно чадат ли чадат во срцето на градовите низ Македонија.

Второ, загадувањето се зголемува со почетокот на грејната сезона. Да, многу граѓани од немаштија во своите печки горат и синтетика и стара пластика, но тие не се виновни! Толку имаат и толку можат да направат за да ги стоплат нивните скромни домови и уплашени деца. Власта, наместо да гори илјадници кубици дрва за Бадник (што патем според црквата е пагански обичај) може и мора да помогне за овие луѓе! Власта е директно крива што после десет години не успеа да донесе повисок економски стандард за овие групи на граѓани!

Трето, масовното користење на возила во транспортот го зголемува загадувањето. Општина Центар субвенционира купување на велосипеди! Зошто тоа не го направат и другите општини од загадените градови!? Зошто Коце Трајановски со години лаже за трамвајот во Скопје!? Зошто набавија автобуси со ЕУРО 3 и ЕУРО 4 стандард на емисија на јаглероден двооксид кога низ Европа веќе користат со ЕУРО 7 стандард!? Бидејќи некој требаше дебело да заработи од набавката на вакви кинески, неквалитетни автобуси!

Четврто и иако има уште многу причини овде ќе застанам. Масовната дрвосеча и узурпација на зелениот, јавен простор особено во градот Скопје! Сите видовме како безмилосно се сечеа дрворедите на булеварите “Илинден” и “Свети Климент Охридски”, како се сече паркот кај и карши хотел „Бристол” за да се изградат згради на државната администрација, како масовно се планираше дрвосеча во Карпош 3 и Карпош 4, нешто што граѓаните успеаа да го спречат. Дополнително, се узурпираше секое квадратче зеленило во Центар за изградба на споменици и катни гаражи од “Скопје 2014”...

Виновникот за енормното загадување на воздухот за дишење е власта на ВМРО-ДПМНЕ и никој друг! Цената ја плаќаме сите и токму затоа, час поскоро, сите заедно да го кренеме гласот и да ставиме крај на оваа голгота! Човек може да издржи неколку дена без храна и вода, но без воздух само неколку минути! Во „Визијата за Македонија” ќе понудиме сериозни, вистински мерки за намалување на загадувањето, а во Собранието веќе од наредна недела ја почнуваме оваа битка. Сега е моментот, да се обединиме и на оваа акција на власта да покажеме жестока реакција. Немаме друг воздух за дишење, воздухот не познава национална, верска или партиска припадност. Сите сме жртви! Да не биде после „Затвори го пенџерчето, се загушивме, ќе поцркаме”!

П.С. Во Буџетот за 2016-та за изградба и реконструкција на згради на Влада и администрација се одвоени 27 милиони евра, а за цело министерство за животна средина само 10 милиони евра! Тие ќе си градат и крадат, ние ќе се мачиме и гушиме!

Радио Слободна Европа не секогаш се согласува со ставовите на авторите на колумните. Изнесените ставови на авторот можат, но не мораат да ја рефлектираат уредувачката политика на медиумот.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG