Достапни линкови

Судбината во рацете на граѓаните!


Стефан Богоев, претседател на СДММ и пратеник во Собранието на Македонија.

Стефан Богоев, претседател на СДММ и пратеник во Собранието на Македонија.

Во духот на 15ти септември, конечно, народот (а богами и обвинителката) ја превземаа судбината во свои раце!, пишува Стефан Богоев, претседател на СДММ во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Помина и фамозниот 15-ти септември. Меѓународен ден на демократијата кој се празнува во целиот свет, ден на кој во 2002 година половина милион граѓани гласаа за подобра иднина, и оваа година, вистински празник на демократијата и светлински зрак на надеж во нашата сакана, но, за жал, мрачна и режимска Република Македонија. Ден на кој се избра, против волја на власта, а за волја на граѓаните, новиот Специјален јавен обвинител кој ќе го расветли масовното прислушкување и огромните криминали кои сите ги слушнавме во снимките од „Вистината за Македонија“.

Работата на новата Специјална обвинителка ќе биде тешка и мачна, но истовремено историска и револуционерна за Република Македонија и нејзините граѓани.

Граѓаните бараа специјален обвинител, а добија цело специјално обвинителство. Заев задоволен (проследено со искрена насмевка и оптимизам), Груевски „задоволен" (проследено со т.н. кисела фаца или како што би рекол самиот тој „тече низ ногавици"). Една слика илјада зборови, овие две слики, два милиони зборови!

Нејсе, работата на новата Специјална обвинителка ќе биде тешка и мачна, но истовремено историска и револуционерна за Република Македонија и нејзините граѓани. Ние сме тука, со сиот наш капацитет да и помогнеме во нејзината работа.

Но, она што во меѓувреме останува на пиедесталот на листата на приоритети на СДММ и СДСМ се граѓаните и нивните проблеми и потреби. Па така, веднаш по враќањето во Собранието на РМ, опозициските пратеници влегоа во офанзива. Предложено е укинување на екстерното тестирање на барање на средношколците, наставниците и родителите како и повисока минимална плата и поголема буџетска транспарентност (увид во трошењето на државните пари) побарано од граѓаните.

Власта во заминување и нејзиното фалсификувано, послушничко, собраниско мнозинство, панично прават сè за овие закони воопшто да не дојдат на дневен ред, да нема јавна дебата по нив и секако да не бидат изгласани. И нормално, во нивниот својствен стил, сè што е предложено од опозицијата и граѓаните се одбива. Па како на друг начин ќе ги скротат бунтовните и разумни млади, ќе ги дисциплинираат и контролираат чесните наставници и работници и ќе трошат за чоколада кога немаат за леб, ако се изгласаат овие закони!? Па не се будали...или се!? Во секој случај, подобри денови неминовно доаѓаат, па така и да ги одбијат овие закони, токму истите ќе бидат меѓу првите кои ќе бидат усвоени од идната демократска влада и парламентарно мнозинство! Тоа сме го ветиле и во програмата, тоа и ќе го исполниме!

Доста не лажеа десет години, имаа пари за панорамски тркала и жални врби, а за студентските домови немаа! Тоа заминува во историјата.

Кога сме веќе кај програмата, СДСМ интензивно подготвува надоградување на постоечката платформа и програма. Во изминатиот, а и во идниот период, преку средби со граѓаните, невладините организации и здруженија како и со бизнис заедницата ги „крчкаме" вистинските решенија за бројните проблеми на граѓаните. На пример, за младите, никогаш повеќе нема да паѓаат тавани и лифтови, дува провев, има ладни радијатори и бубашваби во јадењето во студентските домови бидејќи ќе се изградат комплетно нови и домови и студентски град, а постоечките темелно ќе се реновираат. Доста не лажеа десет години, имаа пари за панорамски тркала и жални врби, а за студентските домови немаа! Тоа заминува во историјата.

Иселувањето и мизеријата на младите завршува! Имаме плејада на мерки за отварање вистински нови работни места за младите и вистинска и искрена, неповратна помош за стартување на бизниси. Младиот човек, никогаш повеќе нема да остане дома или на улица по завршување на образованието. Веднаш потоа, државата или ќе му најде вработување или место за волонтирање со шанса за стекнување искуство и полесно вработување во иднина, или ќе му обезбеди продолжување на образованието и дополнителни тренинзи за вештини, изучување на јазици и слично. Во секој случај, младиот човек нема да седи дома или на Фејсбук по цел ден и да бара 50 или 100 денари од родителите за да излезе на кафе! Ќе биде автономен, успешен и независен бидејќи токму од нас младите зависи иднината на државата.

Понудата е сериозна и сеопфатна, но повторно ќе нагласам, отворени сме за предлози и критики од граѓаните во секое време. Така функционираме како пратеничка група, така функционираме како партија, така ќе функционираме и како владејачка партија.

Сè ќе биде подобро, возот веќе тргна, наше е само да издржиме заеднички до април!

П.С. Како што почнав, така и да завршам, во духот на 15ти септември, конечно, народот (а богами и обвинителката) ја превземаа судбината во свои раце!

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG