Достапни линкови

logo-print

Студентското претставување мора да се промени


Александра Живковиќ, Проектен координатор во Младински образовен форум.

Александра Живковиќ, Проектен координатор во Младински образовен форум.

Потребно е промовирање на демократска култура и односи на чесни чинители на универзитетите, бидејќи само така ќе може да се обезбеди посериозно, одговорно и совесно студентско претставување, пишува Александра Живковиќ, Проектен координатор во Младински образовен форум во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

На системот на студентско претставување во Македонија му е потребно целосно реформирање. Според последните случувања во високото образование, веќе е јасно дека студентите бараат нов, транспарентен и инклузивен модел преку кој ќе ги канализираат своите барања до универзитетите и останатите чинители во високото образование.

Според истражувањата, дури 70 проценти од студентите на најголемиот универзитет во Македонија, УКИМ, не знаат дали тие имаат право, преку свои претставници, да учествуваат во работата на универзитетот или факултетот.

Чуму студентско учество?

Постојат неколку теории зошто е важно студентите да не бидат изоставени во процесите на носење одлуки во високообразовните институции. Најпрво, студентите се едни од учесниците во високото образование. Тие се дел од академската заедница, и имаат права и обврски заедно со останатите чинители (професорите, асистентите, деканите, ректорите, административниот кадар). Понатаму, искуствата, знаењата и перцепцијата на студентите за нивниот универзитет се од големо значење, затоа што тие се дирекно вклучени во секојдневните активности на факултетите. Вклучувањето на студентите ја збогатува дискусијата во телата на одлучување и може да придонесе кон добивање на информации за вистинските случувања во образованието. Една од најважните аргументи за вклучувањето на студентите во процесите на одлучување е фактот дека високото образование, покрај образовната функција, има за цел да ги научи студентите да бидат активни и совесни граѓани, со широки познавања за политиката и демократијата. Студентите се дел од пошироката политичка заедница, во која учествуваат заедно со останатите граѓани, а универзитетот е составен дел од општеството. Нивното учество во носењето на одлуки е одлична алатка за култивирање и практикување на демократските капацитети кај овие актери од високото образование, кои понатаму треба да ги применуваат тие практики и во останатите односи во општеството. Според поновите теории, студентот се смета и за корисник (купувач) на услугите на факултетите. Консумеристичкото сценарио вели дека што поголемо задоволство кај студентите, толку поголема желба да ги продолжат своите студии на тој универзитет. Така, универзитетите треба да ги слушаат размислувањата на студентите, и да наоѓаат начини да ги задоволат потребите на оваа група на учесници.

Уште повеќе, на универзитетите има сериозен недостаток од механизми за мониторинг на работата на овие организации, и не се предвидени мерки што во случаите кога студентските претставници работат на недемократски, нелегитимен, нелегален и нетранспарентен начин.

Случај: Македонија

Според моменталниот Законот за високо образование, во Република Македонија е дозволено учество на студентите во сите тела на одлучување на универзитетите и факултетите. Така, студентите, преку своите претставници учествуваат во изборот на ректор на универзитетот, дефинирање на партиципацијата за студии, гласање на буџетот на универзитетот и факултетите, воведувањето и укинувањето на студиски програми, донесувањето на услови за запишување на факултет итн.

Сепак, во пракса, четири од пет државни универзитети во Македонија не ги вклучуваат студентите во телата на одлучување како што е предвидено во законот.

Според истражувањата, дури 70 проценти од студентите на најголемиот универзитет во Македонија, УКИМ, не знаат дали тие имаат право, преку свои претставници, да учествуваат во работата на универзитетот или факултетот.

Ваши претставници, ваши проблеми

Сите државни универзитети во Македонија предвидуваат учество на студентите во телата само преку студентските парламенти, и истите ги препознаваат како единствена форма на студентско организирање. Со ова, се ограничува правото на другите студенти, кои не се членови на парламентите, или пак останатите студентски организации да бидат вклучени во процесите на одлучување на универзитетите.

Понатаму, сите студентски парламенти на државните универзитети во Македонија се регистрирани како невладини организации. Ова значи дека универзитетите дозволуваат надворешни организации да се вмешуваат и да учествуваат во работата на високообразовните институции. Уште повеќе, на универзитетите има сериозен недостаток од механизми за мониторинг на работата на овие организации, и не се предвидени мерки што во случаите кога студентските претставници работат на недемократски, нелегитимен, нелегален и нетранспарентен начин.

Кога ова прашање, како студенти, сме го адресирале до ректорските и деканатските управи, одговорот бил: Тие се ваши претставници, решете го проблемот сами.

Има ли чаре?

Проблемот со студентското организирање и претставување е присутен многу долго време. За оваа постојана состојба на „конфузија и капитулација“ во студентското претставничко организирање вината лежи во сите групи кои ја сочинуваат академската заедница. Од една страна, студентите треба постојано да бараат промена на системот на студентското претставување (Студентскиот пленум е одлична студентска иницијатива која во моментов канализира ставови на мнозинството студенти, и треба да продолжи да иницира промена на правните акти и воведување плурализам во студентското претставување). Понатаму, универзитетските професори и раководители на универзитетите треба да престанат да ја штитат монополската позиција на студентските парламенти, и да пристапат кон менување на своите Статути во насока на овозможување на останати организации, иницијативи, студенти да имаат можност да учествуваат во управувањето на високообразовните институции.

За крај, унапредувањето на системот на студентско претставување мора да биде изведено преку процес кој ќе ги вклучи размислувањата на различни актери од високото образование. Новото студентско претставничко организирање треба да одговара на различните потреби и прилики на универзитетите и факултетите (број на студенти, начин на изведување настава, големина на групи, поделеност по години, област на изучување итн.). Уште повеќе, треба да се вклучат и механизми преку кои студентите и универзитетите ќе можат да вршат контрола и мониторинг на работата на студентските претставници. За крај, потребно е промовирање на демократска култура и односи на чесни чинители на универзитетите, бидејќи само така ќе може да се обезбеди посериозно, одговорно и совесно студентско претставување.

Повеќе за студентското организирање може да прочитате во Анализата за студентското организирање и учество во Македонија.

XS
SM
MD
LG