Достапни линкови

Вон-курикуларни лекции од 2014/2015


Дона Костуранова, извршен директор на Младински образовен форум (МОФ).

Дона Костуранова, извршен директор на Младински образовен форум (МОФ).

Во целокупната политичка неизвесност, образованието кое поттикна клучни чекори кон граѓанска ангажираност не би требало да се заборави, пишува Дона Костуранова, извршен директор на МОФ во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Додека многумина од нас сè уште со ентузијазам зборуваат за успехот на само-организираните пленуми минатата година и што претставуваат за демократијата и образованието, проблемите кои ги поттикнаа на акција помалку остануваа во сеќавањето. Во целокупната политичка неизвесност, образованието кое поттикна клучни чекори кон граѓанска ангажираност не би требало да се заборави.

Една од најголемите потврди за недостатокот на стратешки пристап се дури тринаесетте измени на Законот за високо образование од 2000 година.

Учебната/академска 2014/2015 колку и да е пример за граѓанско учество и солидарност, толку е приказ на проблемите кои ги имаме - фундаментални прашања кои потекнуваат од самата основа на системот.

Во нашиот образовен систем отсуствува стратешки пристап, капацитети и политичка волја

Една од најголемите потврди за недостатокот на стратешки пристап се дури тринаесетте измени на Законот за високо образование од 2000 година. Проектот Компјутер за секое дете за кој сè уште има поплаки за необучени професори, неинтеграција на компјутерот во наставата и куќишта складирани во периферијата на училниците и ходниците, е огромна инвестиција, за чија исплатливост и потреба сè уште се дискутира. За воведувањето на „екстерното тестирање“ пленумите и невладините имаат изработено и јавно објавено повеќе анализи и препораки од самото министерство. Дури и развиени стратегии, како онаа за интегрирано образование не наидуваат на волја целосно да бидат спроведени.

Нашите документи за развој на политики се сиромашни во поглед на индикатори и мерки, а пристапот до анализи е мал. Веројатно најмногу погодува тоа што зборуваме за политики во областа на образование, а не сме запазиле темелност, методологија, квалитет и истражувачки пристап.

Нашите документи за развој на политики се сиромашни во поглед на индикатори и мерки, а пристапот до анализи е мал. Веројатно најмногу погодува тоа што зборуваме за политики во областа на образование, а не сме запазиле темелност, методологија, квалитет и истражувачки пристап.

Нашето образование се соочува со системски проблеми кои го деградираат

Македонското образование покрај другите проблеми со кои се соочува, е еродирано од појави на корупција, непотизам, фаворизам, од недостаток на соодветно обучени капацитети, до недоволна врска меѓу оние кои ги прават политиките и кои ги спроведуваат.

Од самото она што го добиваат учениците во свои раце – дека власта е мускулест маж надвиснат над мали сиви човечиња или дека хомосексуалноста е болест, па се до целокупниот процес на едукација и оценување, ние наидуваме на проблеми. Екстерното можеби како реформа не успеа да ги оствари своите цели, ама потврди дека имаме проблем со капацитетите – технички слаб систем, прашања со нејасна конструкција, па дури и грешни одговори, е она на што треба да се изложат учениците за да си ги докажат оцените.

Системот не најде решение за ученици кои сакаа да учествуваат а останаа да преноќуваат на отворено без да се најде заеднички јазик со нив. Системот исто така не можеше да им помогне ни на оние ученици кои учат во училишта кои не можат да дозволат да вклучат греење во зимските месеци или каде крововите се ронат врз главите на учениците. Системот потфрла.

Во нашето образование отсуствува отвореност за надворешна проверка и учество.

Ова образование не гради активно граѓанство

Во нашето образование отсуствува отвореност за надворешна проверка и учество. Во високото образование клучниот корисник- студентот, добива Студентски парламенти кои иако имаат гарантирани механизми за учество, буџет и гласови, но се заземени преку затворени неплуралустички избори од неколкумина. Средношколските унии се пасивизирани со години (иако една се пројавува кога треба да се испречи пред пленумот). Во ниту едно училиште во земјава средношколецот нема право на глас. Уште во самите училишта, се сузбива значењето на организирањето и моќта на средношколците да се борат за своите права.

Отвореноста на надлежните за нови мислења, препораки и предлози од граѓаните ја увидовме со бојкотот и отпорот кон студентскиот пленум, контра-кампањата и контра-унијата наспроти Средношколскиот пленум, поделбите меѓу наставниците и отфрлањето на мислењата на невладините.

Но уште пострашно од оваа затвореност и перцепција на непријатели од сите кои имаат што да кажат, е тоа што институциите не ни застанаа во одбрана на средношколците кога нивните права беа најгрубо кршени, преку заклучување на учениците во училиштата за да не смеат да излезат, закани за испишување, пропагандистички постери и медиумски објави, клевета и спречување на правата на слобода на изразување и здружување. Единствено покрај професорите, родителите и невладините, Народниот правобранител излезе во одбрана на овие деца, додека училишта, директори и други надлежни молчеа и оставија деца да минуваат низ ова.

И кога имаме предизвици на основно ниво, без стратегија, со системски проблеми и систем кој обесхрабрува какво било учество, од каде да почнеме?

Како да се фокусираме на субстандардните услови за домување, распаднатите тоалети во училиштата или крововите кои се рушат? Да зборуваме за интеграцијата на различните културни заедници, за прифаќање на ЛГБТИ младите, за овозможување на пристап и поддршка во образованието за младите роми? Дали ќе зборуваме за етиката, транспарентноста, меритот и сузбивањето на корупцијата во образованието? Како да дојдеме до тоа да ги јанеме моделите на учество на учениците и студентите во одлучувањето во институциите во кои учат? Дали да зборуваме за квалитетот на наставата, литературата и моделите на оценување?

Веројатно треба да се занимаваме со сè, и со избегнување на грешките на нашите институции. Во 2015/2016 ќе има уште потреба за работа. На оние кои сакаат да делуваат - стратешки пристап, функционалност, демократичност и отвореност за критика може да им бидат клучна насока во системскo поткрепување и подобрување на нашето образование.

XS
SM
MD
LG