Достапни линкови

Нема потреба за воведување екстерно тестирање за студентите


Марија Мирчевска, Младински образовен форум.

Марија Мирчевска, Младински образовен форум.

Дури и високообразовни институции да имаат проблем со исполнување на некои од критериумите за обезбедување на квалитет, веќе постојат механизми кои треба да го решат проблемот, пишува Марија Мирчевска од Младинскиот образовен форум во младинската он-лајн колумна на Радио Слободна Европа.

Меѓу многуте конфузни мотиви за воведување на оваа мерка, најчесто споменуван мотив е зголемувањето на квалитетот на образованието. Меѓутоа овој термин „квалитет на образование“ е мултидимензионална категорија која се оценува ако се земе во предвид Упатството за критериумите за начинот на обезбедување и оценување на квалитетот на ВОИ и на академскиот кадар во Македонија усвоено од МОН, во 4 сегменти: организациски менаџмент и изведување, настава и учење, истражување и развој, општествена оправданост.

Дури и ВОИ да имаат проблем со исполнување на некои од критериумите за обезбедување на квалитет, веќе постојат механизми кои треба да го решат проблемот.

Секој сегмент е разработен со посебни индикатори. Логично се поставува прашање, доколку имаме проблем со квалитет на образование, кој од индикаторите МОН смета дека системски не се исполнува (затоа што мерката се однесува и на државни и на приватни универзитети) и на која основа се донесени заклучоците за неисполнување. МОН во најавата на мерката не ги дава овие одговори, што се неопходни за да утврдиме дали државниот испит навистина е најсоодветното решение за лоцираниот проблем.

Би сакала да претставам 3 сценарија:

1. Дури и да постои проблем, веќе имаме механизми кои треба доследно да се применат за да се реши проблемот

Дури и ВОИ да имаат проблем со исполнување на некои од критериумите за обезбедување на квалитет, веќе постојат механизми кои треба да го решат проблемот. Секоја високообразовна институција спроведува самоевалуација, ангажира надворешен субјект кој ѝ врши надворешна евалуација, дополнително на секои 5 години подложи на надворешна евалуација спроведена од Одборот за акредитација и евалуација, на основа на која може да ѝ биде одземена акредитацијата за работа. Дали МОН признава дека овие мерки се неефикасни во обезбедувањето на квалитет? Во тој случај зошто не зборуваме каде е проблемот со веќе постоечките механизми за обезбедување на квалитет и да се насочиме кон нивно елиминирање?

На пример, јавноста е многу малку запознаена со работата на Одборот за акредитација и евалуација. Одборот нема своја веб страна на која според Правилникот кој ја регулира неговата работа е должен да ги објавува: мислењата за основање на јавно образовна установа, решенија за акредитација на високообразовна установа; единица на ВОУ; нови програми во рамки на ВОУ; извештаи и резултати од спроведена надворешна евалуација; извештаи од сопствена самоевалуација; сумарен извештај за спроведените надворешни евалуации со цел да се презентира општата состојба на системот на ВО и да се дадат насоки за негово унапредување.

Ако се земат во предвид Законот за високо образование, Упатството за критериумите за начинот на обезбедување и оценување на квалитетот на ВОИ и на академскиот кадар во Македонија може да се забележи дека од високо образовните институции се бара да развијат процедури кои ќе вклучат континуирано следење и оцена на напредокот на студентите во текот на семестарот.

Постојат и други предвидени механизми кои очигледно треба да бидат ставени во функција, а се фактори кои влијаат на обезбедувањето на квалитетот во ВО. На пример конститутирање на Советот за финансирање и усвојување на Програма за високообразовна дејност, механизам кој е врзан со индикаторот финансиски менаџмент. Има и други вакви примери, но сметам дека е јасна поентата.

2. Дури и да утврдиме дека постоечките механизми не се функционални, оваа мерка не е во согласност со меѓународните стандарди за надворешна евалуација во делот автономија на универзитет

Стандардите и упатствата за осигурување на квалитет во рамки на Европската високообразовна област, на кои се реферира и во Законот за Високо образование, во чл.68 како основен принцип ја афирмираат одговорноста на високо образовните институции за осигурување на квалитет на образованието. Надворешната евалуација е комплементарна и од истата се бара да е во согласност со следниве принципи: почитување на институционалната автономија, вклучување на претставници на студентите и пазарот на труд во процесот на надворешна евалуација, користење на наодите од внатрешната евалуација при надворешно евалуирање. Особено важно е што надворешната евалуација треба да има јасно дефинирана цел и да не претставува дополнителен товар на ВОИ.

Ако се земат во предвид Законот за високо образование, Упатството за критериумите за начинот на обезбедување и оценување на квалитетот на ВОИ и на академскиот кадар во Македонија може да се забележи дека од високо образовните институции се бара да развијат процедури кои ќе вклучат континуирано следење и оцена на напредокот на студентите во текот на семестарот, да развијат методи за оценување кои се во согласност со утврдените очекувани резултати, притоа не се ограничени во методологијата која ќе ја изберат (писмен, усмен испит, практична примена, семинарска работа, проект и сл.). На овој начин се јавува несогласување помеѓу слободата на академскиот кадар да го избере најсоодветниот метод за оценка на знаењето и она што ќе биде наметнат државен метод (унифицирани листи на прашања). На оваа последица укажавме и во делот на екстерно тестирање во основно и средно образование, односно дека не може да се очекуваат исти резултати на различни методи на проверка на знаење.

3. Дури и да е во согласност со концептот на автономија, оваа мерка го ускратува правото на образование на студентот

Досега, македонскиот високообразовен систем не препознаваше ваква ригорозна санкција, како што е предвидена со државниот испит (2 пати ако не се положи се губи правото на образование).

Да потенцирам, високото образование не е задолжително, тоа се финансира од страна на самиот студент (во некои случаи и државата учествува) и доколку тој е подготвен да инвестира пари, време и труд недопустливо е државата да интервенира и да ја донесе спротивна одлука место него.

Оваа мерка, освен недоволната желба за совладување на материјалот од страна на студентот, не препознава други фактори кои придонесуваат за лош квалитет (несоодветен кадар, несоодветно избрана литература, нејасно поставени цели на предметот, несоодветна инфраструктура, лош финансиски и кадров менаџмент). На овој начин, студентот е единствениот кој го носи товарот за неуспешноста на системот.

За крај, сметам дека е здраво да се размислува за унапредување на системот на контрола на квалитет во високото образование, но сметам дека државните институции треба да ја заземат улогата на модератор или иницијатор, а конечните решенија да дојдат од самата академска заедница. Не може повеќе да се толерираат законски измени во правната рамка (12 од донесување на законот во 2000) , затоа што тие го оневозможуваат стратешкото планирање на развојот во високото образование. Само за илустрација, во надворешната евалуација на УКИМ од 2011 година нотирано е дека УКИМ се откажува од идејата за усвојување на стратешки план за работа до 2018, поради честата промена на законската рамка и постоење на атмосфера на неизвесност и несигурност.

Ставот на авторот е презентиран на конференција на тема „Екстерното тестирање на студентите: предизвиците и можностите“

XS
SM
MD
LG