Достапни линкови

logo-print

Шабани - Меѓу ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ нема табу теми


И во едно семејство понекогаш се појавуваат недоразбирања меѓу членовите, така и ние понекогаш имаме случаи во коишто имаме несогласувања, меѓутоа важно е дека ние сме отворени за дијалог, дебатираме цело време и честопати низ дијалог изнаоѓаме решение на сите проблеми, така што нема табу теми коишто не ги отвораме и не ги дискутираме заедно, вели министерот за локална самоуправа Лирим Шабани во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Господине Шабани, опозициските градоначалници постојано се жалат дека не добиваат доволно средства од централната власт за да ги реализираат потребните проекти. Дали е тоа тенденциозно за да им се намалат шансите кај гласачите до некои наредни избори?

Би почнал од делокругот на Министерството за локална самоуправа, би рекол дека постои еден орган на ниво на Влада којшто се вика Совет за рамномерен регионален развој, каде што во советите на тие центри учествуваат градоначалниците на сите општини, без разлика дали се од власта или од опозицијата, од сите можни региони во Република Македонија. Пред десетина дена заседаваше овој совет, давам пример да објаснам дека тоа не е баш така, заседаваше советот и распределивме околу 2 милиони евра за проекти рамномерно низ сите региони во Република Македонија, вклучувајќи ги речиси сите општини, затоа што општините аплицираат преку Центрите во Министерството и ние преку Советот рамномерно ги распределивме тие средства. На тој начин правиме и во другите случаи. Можам да дадам и други конкретни примери за опозициските општини. Пример Општина Струга, каде што во делот на образованието имаме инвестиции во училишта, во училиштата во Лабуништа и во Радолишта има реконструкции. Може да земеме трет пример, Општина Студеничани, село Морани и ред други така наречени опозициски општини каде што се градоначалници предложени од опозицијата, така што не би се согласил целосно дека тоа е така.

Меѓутоа искуството покажува поинакви примери. Како да се намали зависноста на општините од тоа дали градоначалникот е во власта или од опозицијата?

Мора да има поврзаност меѓу локалната и централната власт. Ние имаме ред примери каде што соработуваме заедно, не мора да значи дека тоа е зависност. Има многу случаи каде што ние помагаме взаемно и решаваме некои проблеми, инвестираме во проекти или правиме реконструкции и други работи заедно, тоа не мора да значи дека е зависност. Како и да е, од друга страна градоначалниците се независни, советите на општините се независни да донесат правосилни одлуки на ниво на својата општина, имаат ингеренции со процесот на децентрализација, имаат еден куп делегирани надлежности на градоначалниците и на општините, така што не би рекол дека се зависни од централната власт.

Меѓутоа секоја година има општини во кои училишта имаат проблеми да обезбедат превоз, греење. Како да се подобри управувањето со општинските буџети?

Да, имате право. Во последните години се јавуваат случаи каде што општините не успеваат докрај да менаџираат со средствата што ги добиваат, дали преку блок дотации, дали преку други форми од централната власт. Примерот што го посочивте со превозот на учениците до училиштата, последен пример ни беше Кичево, има и други општини. Треба да имаме предвид дека таму имаме фузионирање на неколку општини, што значи дека во едно се собрани и долговите, така што тоа е тој момент каде што треба да има комуникација меѓу централната и локалната власт. Само да напоменам дека на една од последните седници на владата ние донесовме одлука на Општина Кичево да доделиме, ако не грешам, 60 тона нафта, токму за оваа проблематика, да им излеземе во пресрет, што не значи дека ова треба да биде решение. Од друга страна, мора да признаеме дека има лошо менаџирање од некои градоначалници во одредени општини, дали е тоа превработеност или други сегменти, мора да запазиме и во менаџирањето на тие средства на ниво на општините.

Што мислите за проектот за унифицирање на фасадите во Старата скопска чаршија? Дали е тоа потребно?

Унифицирање на изгледот на Старата добра чаршија е програма на владата, односно е програма која се спроведува од страна на Министерството за економија и Општина Чаир. За таа намена се одвоени околу 20 милиони денари. Главната цел на овој проект е привлекување на туристи, што може слободно да констатираме дека целта е економична, преку привлекување на странски туристи мора да нудиме нешто што би било традиционално и во таа насока е и овој проект.

Дали вашата партија ДУИ е задоволна од тоа како се трошат парите наменети за локалната самоуправа?

Ние, почнувајќи од 2011 година, имаме заедничка програма. После коалицирањето, после започнувањето на работа на владата, ние одиме на спроведување на таа владина програма, секако и буџетите согласно на оваа програма и проектите што се внатре се реализираат како што оди тајмингот. Инвестициите, дали сме ние задоволни од тоа како се трошат парите, има еден куп проекти коишто се инфраструктурни, проекти како на пример Коридорот 8 или Коридорот 10, за кои не можеме да речеме дека се проекти на ДУИ или на ВМРО-ДПМНЕ или на некој трет или четврт, тие се проекти кои служат за сите граѓани на Република Македонија. Втор пример ни е плоштадот Скендер-бег којшто е проект на Владата, заедно го градиме и се обидуваме да го поврземе модерното со традиционалното. Тоа е проект којшто се финансира од Владата, преку Министерството за локална самоуправа. Во тек е втората фаза со 11 милиони евра, така што можеме да кажеме дека сите овие проекти што ги финансира владата, согласно заедничката програма донесена од двете партии, оди според динамика пропишана однапред.

Имате ли средби со градоначалникот на Скопје Коце Трајановски и како соработувате? Албанците постојано реагираат дека не се застапени во проектот Скопје 2014.

Ние секако имаме контакти и со Градот Скопје или преку ЗЕЛС или преку центрите за регионален развој или на крајот на краиштата преку непосредни директни посети и состаноци со сите градоначалници директно или индиректно имаме добра комуникација. Што се однесува до вториот дел на прашањето – Скопје 2014, ние неколку пати како ДУИ сме го искажале нашиот став дека тоа е проект од времето кога ДУИ не беше на власт, проектот е донесен во времето од 2006 до 2008 година. Тоа што ние сме го направиле е модификација на карактерот од едноетнички на мултиетнички карактер на самиот проект, имено проектот во себе има три фази, првата фаза е административниот дел на зградите каде што ние немаме проблем, вториот дел е културниот, каде што се појавуваат некои доцнења со некои проекти и скулптури коишто треба да се постават и третиот дел е историскиот, така што тоа што го реков на почетокот, тоа е проект наследен од порано.

Како функционира коалицијата ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ со оглед на актуелната политичка ситуација?

Во политичка смисла на вашето прашање, јас можам да одговорам дека и во едно тесно семејство понекогаш се појавуваат недоразбирања меѓу самите членови на едно семејство, така и ние понекогаш имаме случаи во коишто треба да се убедуваме, ни треба дебата, имаме несогласувања, нецелосно се согласуваме со некои одредби, меѓутоа важно е, што би истакнал, важно е дека ние сме отворени за дијалог, дебатираме цело време и честопати низ дијалог изнаоѓаме решение на сите проблеми, така што нема табу теми коишто не ги отвораме и не ги дискутираме заедно.

Има ли ефект од слободните економски зони или тие се отвораат популистички, колку да се каже дека нешто се работи?

Да, секако има ефект од економските слободни зони. Владата поддржува странски инвестиции, во исто време без да ги запоставуваме локалните домашни бизниси, ние работиме паралелно, поддржуваме и домашни бизниси, поддржуваме и странски инвестиции. Една форма на полесно донесување на странските инвестиции се токму слободните економски зони коишто во моментот веќе даваат свои ефекти. Ако ја анализираме на пример стапката на извозот, имаме покачена стапка на извоз во Република Македонија, другиот сегмент е отворање на нови работни места, сакам да кажам дека зоните се активен процес што трае, има неколку зони коишто се веќе отворени во Македонија, каде што има веќе изградени фабрики или се во фаза на изградба. Пример зоната во Тетово, има компании коишто веќе градат и работат. Во Струга ни е основана зоната, во Кичево исто така има потпишано договори за фирми коишто ќе почнат со изградба. Има нови најавени инвестиции и овој процес ќе трае и секако ќе има позитивен ефект.

Меѓутоа има општини со неразвиени инфраструктура, комунална и сообраќајна и субстандардни услови и спротивно на тоа општини каде што има градежна експанзија и каде што се разубавува просторот. Во која реалност живеат граѓаните, како да не се во една држава? Зошто постојано зборуваме за тој проблем, како да не сме мрднале од место?

Целосно не би се согласил дека не сме се помрднале од место. Имаме програма ИПА прекугранична соработка, компонента 2 којашто ја водиме заедно со Делегација на ЕУ со што финансираме конкретни проекти, 85 проценти финансира Делегација на ЕУ, а 15 отсто од Министерство или од Влада, наше кофинансирање, со кои средства финансираме конкретни проекти токму во руралните и во пограничните зони. Во првата програма 2007-2013, само ние како Министерство финансиравме повеќе од 30 милиони евра со сите четири соседни земји со кои ја водиме оваа програма. Освен ова, програмата за рамномерен регионален развој има посебна ставка за специфични потреби на села или на општини, така што и во други министерства, во делот на животна средина, транспорт и врски, здравство, образование има програми коишто се наменети токму за руралните општини, земјоделие на пример. Ние имаме ставено во програма на Влада дека износот од концесија на земјиштето ќе остане на општините, почнувајќи од 10 до 50 проценти до 2018 година. Таа фискална децентрализација преку своите фискални механизми секако ги дава резултатите. Можеме да се согласиме дека некако побавно ни оди тоа, тука се согласувам дека за разлика од политичкиот дел на децентрализацијата, а тоа е донесување на закони, хармонизација на легислатива, тоа ни оди побрзо, особено после потпишување на Рамковниот договор имаме експанзија на овој процес на децентрализација, политичкиот дел ни оди малку понапредно, фискалната децентрализација секогаш ни е малку назадна имајќи ги предвид сегментите за тоа има објаснување, беа светските кризи, кои секако влијаат на овој процес.

Зборуваме за ИПА фондови, како земја аспирант за членка во ЕУ, а од друга страна имаме општини коишто се соочуваат со основни проблеми и едвај преживуваат. Можете ли да ни посочите конкретни проекти коишто се направени?

Можам да посочам конкретно и со бројки и со конкретни примери каде што е инвестирано. ИПА компонентата, инструментот ни се дава како грант за нас за да се подготвиме, да ја подготвиме земјата, инфраструктурата за претпристапност во ЕУ до влез во Унијата. Досега имаше пет компоненти, низ овие пет компоненти има и животна средина и транспорт и локална самоуправа и сите можни сфери кај што се инвестира, јас претходно споменав дека ние инвестиравме 30 милиони евра токму во пограничните зони. Дали се тоа субјекти кои аплицираат, обично се општини, невладини организации, универзитети, јас можам да дадам точен податок, тоа најверојатно го има и на нашата бев страна со точни бројки и износи каде што се инвестирани, финансирани и завршени тие проекти.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG