Достапни линкови

Меѓународната заедница може да помогне во дијалогот и да ги охрабри властите да најдат излез, но нема готови решенија за политичката криза. Во моментот најважно е опозицијата и власта да седнат на маса и да договорат решение, бидејќи Македонија го нема луксузот на времето во однос на нејзините евроатлански интеграции, рече американскиот дипломат Хојт Ји.

Соединетите Држави немаат готови решенија за политичката криза во земјава и не е соодветно меѓународната заедница да понуди решение за проблемот, изјави американскиот заменик помошник државен секретар за Европа и Азија, Хојт Ји за време на неговата дводневна посета во земјава.

Ако го погледнете регионот и другите земји во соседството ќе видите дека тие не стојат во место. И меѓународната економија и пазар не мируваат, чекајќи Македонија да ги реши внатрешните проблеми.

„Она што Меѓународната заедница може да направи е да помогне во комуникацијата меѓу политичките партии, да понуди технички совети, да ги информира вашите власти за тоа што соодветствува со европските стандарди. Нашата улога е да ги охрабриме властите да најдат решение за проблемот и затоа не би сакал да коментирам дали предвремените избори се вистинското решение.“

Она што во моментот е најважно, рече Ји, е опозицијата и власта да седнат на маса и да договорат решение, бидејќи Македонија го нема луксузот на времето во однос на нејзините евроатлански интеграции.

Продолжуваме да работиме со Европската Унија. Не постои пристап на ЕУ или американски пристап. Верувам дека сите ние работиме заедно.

„Ако го погледнете регионот и другите земји во соседството ќе видите дека тие не стојат во место. И меѓународната економија и пазар не мируваат, чекајќи Македонија да ги реши внатрешните проблеми. Ќе забележете дека Албанија, Црна Гора, Србија, Косово се движат напред, сите освен Босна и Херцеговина одат напред. Се разбира дека не целосна вина на Македонија, тука е и проблемот со името, но големо влијание има и сегашната криза која мора да се реши набрзо, со цел Македонија да не ја изгуби шансата да напредува кон ЕУ и НАТО“, истакна американскиот дипломат.

На прашањето дали неговата посета покажува директна вклученост на Соединетите Држави за решавање на кризата во земјава, Ји потенцираше дека американската политика не се сменила и дека администрацијата продолжува да соработува со Владата, невладиниот сектор и политичарите во земјава за да и помогнат да се движи напред и да покаже прогрес.

„Продолжуваме да работиме со Европската Унија. Не постои пристап на ЕУ или американски пристап. Верувам дека сите ние работиме заедно. Вчера се сретнав со европските колеги за да се осигурам дека соработуваме заедно и имаме иста цел за вашата земја, а тоа е да ве видиме во евроатланските интеграции,да видиме владеење на правото, пазарна економија и реформи кои ќе го зголемат животниот стандард и ќе отворат можности за младите луѓе и услови кои ќе привлечат инвестиции.“

Хојт повтори дека е оптимист дека моменталната криза нема да продолжи и дека мое да се најде решение. Уште еднаш ја охрабри опозицијата да се врати во парламентот, иако како што рече ги разбира и почитува нивните причини за незадоволство.

Ниту еднаш во моето 20 годишно работно искуство на Балканот бојкотот не се покажал како добро решение, потенцираше Хојт.

Уште еднаш повика власта да се посвети подеднакво сериозно на содржината на прислушуваните разговори, исто толку колку што ги зема сериозно обвинувањата против лидерот на опозицијата, додавајќи дека истрагата мора да биде независна и транспарентна и дека до разрешница тоа може да се дојде со заеднички напори на Владата, на судството, медиумите, невладиниот сектор и јавното мислење.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG