Достапни линкови

Ем поевтин, ем повторно скап паркинг во Охрид


Туристите и граѓаните во Охрид ова лето ќе ги паркираат автомобилите по пониски цени, но тие велат дека и сегашните цени се високи за македонскиот стандард.

Во Охрид ниту ова лето нема да има бесплатен паркинг. Јавното претпријатие Билјанини Извори ќе наплаќа за паркирање во центарот на Охрид, каде и фреквенцијата на возила е најголема. Задоволството од бесплатно паркирање граѓаните го почувствуваа кратко, по одземањето на концесијата на претходниот концесионер.
Граѓаните го оправдуваат овој потег и тие се среќни од секој аспект. Тие се среќни затоа што наплатата ќе ја врши јавното претпријатие. Граѓаните никогаш не биле против наплатата на паркинг. Ние спроведовме анализи и дојдовме до заклучок дека треба да има наплаќање бидејќи така ќе воведе ред во паркирањето.
Димитар Спасевски, секретар во општина Охрид.

Паркирањето ќе биде поевтино од минатите години и ќе се одвива во две зони, А и Б. Во зона А, која ги опфаќа улиците во строгиот центар на Охрид паркирањето ќе чини 40 денари во првиот и исто толку во вториот час, а за секој нареден час ќе се плаќа по 30 денари. Паркирањето во зона Б ќе чини 30 денари за првиот и вториот час, а за секој нареден час ќе се плаќа по 20 денари.

Директорот на Билјанини Извори, Иван Цветковски рече дека од наплатата на паркинзите, претпријатието финансиски ќе закрепне.
Скапо е. Не може човек да паркира автомобил. 40 денари за еден час е навистина скапо. Треба 20 денари да биде реално, за да може секој да паркира. И така ќе соберат повеќе пари, а вака одат на диво и паркираат по сокаци
Анкетиран турист во Охрид.

„Иако Јавното претпријатие се наоѓа во многу тешка финансиска ситуација, ние направивме многу да ја промениме сликата на изнајмувањето на градскиот паркинг. Туристите прво се соочуваат со нашите наплатувачи и ние се потрудивме да изгледаме како претпријатие кое стопанисува со градскиот паркинг. Наплатувачите ќе бидат препознатливи, облечени во бели маички“, рече Цветковски.

Анализите кои ги направиле, покажале дека е потребно да се наплаќа паркинг со што би се создало ред во паркирањето рече Димитар Спасевски, секретар во општина Охрид.

„Граѓаните го оправдуваат овој потег и тие се среќни од секој аспект. Тие се среќни затоа што наплатата ќе ја врши јавното претпријатие. Граѓаните никогаш не биле против наплатата на паркинг. Ние спроведовме анализи и дојдовме до заклучок дека треба да има наплаќање бидејќи така ќе воведе ред во паркирањето. За паркинг ќе плаќаат сите и ние вработените во локалната самоуправа, советници, директори, независно од работното место или функцијата која ја вршиме“, рече Спасевски.

Но, граѓаните и туристите велат дека цените за паркирање во Охрид сè уште се превисоки.

„Еден час 40 денари, тоа го нема никаде.“

„Јас мислам дека се високи цените, према стандардот на луѓето сè уште се високи. Секаде во светот два часа е на пример 40 денари, а потоа се наплаќа на час. За да јас останам 5 часа, јас треба да платам 200 денари“, велат туристи.

„Скапо е. Не може човек да паркира автомобил. 40 денари за еден час е навистина скапо. Треба 20 денари да биде реално, за да може секој да паркира. И така ќе соберат повеќе пари, а вака одат на диво и паркираат по сокаци“, вели друг турист.

За наплатувач на паркинзи беше распореден и претходниот директор на Билјанини Извори, инаку видок кадар на СДСМ во Охрид, Боро Шајн. Но тој не се појави на своето ново работно место. Директорот Цветковски вели дека ако не го оправда отсуството му следува отказ.

„Не е сменета одлуката. Боро Шајн не се појави на работа. Согласно законот, ако во рок од три дена не се оправда, се добива отказно решение. Јас се надевам дека до тоа нема да дојде“, вели Цветкоски.
XS
SM
MD
LG