Достапни линкови

Охрид празнично полн


Охрид

Охрид

По традиција, секоја сезона, во овој период ривиерата е најпосетена во најголем дел со домашни гости, кои доколку не се тука на летен одмор, доаѓаат барем на неколку дена, со што крајбрежјето и чаршијата сега се најраздвижени, плажите преполни со капачи, сообраќајниците полни со возила, паркинг места хронично недостасуваат, а својот врв го достигнуваат и културните манифестации со познати уметници, концерти за сечиј вкус и најразлични забавни програми.

„Овој викенд традиционално, како и секогаш во Охрид сме најисполнети, капацитетот ни е сто отсто исполнет. Што се однесува до сезоната, намалувањето на цените на одредени услуги, најмногу за сместувањето на гостите, даде позитивен ефект и затоа оваа туристичка сезона ја оценувам како сосема солидна и се надевам дека вака ќе продолжи и
Овој викенд традиционално, како и секогаш во Охрид сме најисполнети, капацитетот ни е сто отсто исполнет.
понатаму. Гостите во најголема мера се од Холандија и Финска и за наша среќа се повеќе се враќаат домашните гости, од Македонија. Намалувањето на цените сепак даде добар ефект“, вели Зоран Манев, менаџер на хотелот „Инекс Горица“ во Охрид.

Тој вели дека ноќевањето ова лето за разлика од минатите е по цени пониски од 20 до 30 проценти. Слободните проценки велат дека деновиве на охридско-струшката ривиеара има меѓу 30 и 40 илјади гости, објектите се полни од 80 до 100 проценти, на хотелите, приватното сместување, камповите и сопствените викенд станови и куќи, а новина оваа сезона е забележителниот пораст на странските туристи.


„Нашите анализи покажуваат дека оваа година посебно од аспект на странските туристи ќе биде далеку подобра од минатите, а тоа го покажуваат не само статистичките податоци, каде имаме зголемување за 20 проценти во првите пет месеци, туку очекуваме оваа бројка да се зголеми и во летниот период. Интересен е податокот дека за прв пат по 20 години, може де се рече дека очекуваме холандските туристи да бидат присутни со бројка од околу 20 илјади, како во далечната 1987 година, кои сега ќе остварат фантастчни 140 илјади ноќевања. Она што е ново за Македонија, посебно за Охрид и Струга е доаѓањето за прв пат во историјата на финските туристи, кои еднаш неделно со чартер лет на „Фин Ер“ доаѓаат на охридскиот аеродром, каде се планира илјада туристи тука да остварат околу седум илјади ноќевања“, вели Зоран Стрезовски, директор на државната Агенција за промоција на туризмот.

Според него, градот главно е подготвен за прием и услуга на туристите, но фали подобра патна и туристичка инфраструктура, катни гаражи и
Интересен е податокот дека за прв пат по 20 години, може де се рече дека очекуваме холандските туристи да бидат присутни со бројка од околу 20 илјади како во далечната 1987 година.
слично. Според Стрезовски, безбедноста во градот има важна улога за посета на гостите, посебно после ланскиот инцидент со смртта од претепување на српскиот турист и годинашните тепачки со бруталности во кои страдаа и гости, за што ќе се иницира формирање на специјална туристичка полиција по урнекот на други поразвиени земји.

„Ако анализираме што се случува со гостите од регионов, врз посетата на туристите кои во најголем број минатите лета ги имавме од Србија, свое влијание имаат сите неубави случувања во Охрид лани и годинава. Но, нашите информации кажуваат дека во август српските туристи почесто одат на одмор, па се очекува дека од почетокот на овој месец да дојде поголоем бран со туристи од Србија на охридско-струшката ривиера. Да не ги заборавиме и гостите од Косово, Албанија и Бугарија, така што очекуваме туристичката слика да биде многу подобра од минатите години“, вели Стрезовски.

Според него, следниот период фокусот ќе биде на освојување на чешкиот, полскиот и австрискиот пазар, зголемување на чартер-летовите и комбинираните балкански тури со вклучена посета на Охрид и Македонија. Сместувањето во хотелите на охридската ривиера чини од 15 до 50 евра, во приватните соби ноќевањето е по цени од 350 до 700 денари, а во Струга сите туристичко-угостителски услуги се поевтини.
XS
SM
MD
LG