Достапни линкови

Повеќе паркинг простор во Охрид


Од општина Охрид уверуваат дека во тек е процедурата за изградба на катни гаражи и подземен паркинг во Охрид. Граѓаните скептични во реализацијата на проектот.

Тече процедурата за реализација на проектите за изградба на неколку катни гаражи и подземниот паркинг во Охрид, за решавање на проблемот со недостаткот на паркинг простор во најголемиот туристички центар во државава, уверуваат надлежните во локалната самоуправа.

Се може да се направи, не е никаков проблем да се направи тој паркинг, тоа чини пари. Се си има своја цена.
Општинскиот совет ги донесе измените на урбанистичките планови за обезбедување простор за катните гаражи кај градскиот пазар за 400 возила и во спортскиот центар „Билјанини Извори“ за 2.000 возила, за што се подготвува техничка документација, велат во општина Охрид, каде според урбанистичкиот план предвидено е подземна гаража на две нивоа да има под конгресниот центар кој треба да се гради кај стариот градски полигон во центарот на градот за паркирање на 400 возила.

Во завршна фаза се измените на ДУП за дел од стариот град северно од Горна Порта, каде под сегашниот паркинг се планира во стар традиционален стил по насоките за заштита на УНЕСКО, да се изгради каскадна гаража за возилата во стариот град. Најголемо внимание привлекува идеата за изградба на подземен паркинг под централниот плоштад од Летница кај чаршијата до хотелот Ривиера по должина на Кеј Маршал Тито, за што почнаа да се цртаат измените на нацрт ДУП за Табана и Ривиера, велат во општината, каде сметаат дека зафатот е реален и изводлив во наредниве пет години и покрај скептичноста во јавноста за дамнешните најави на локалната власт.

„Дека не е реално, не е точно. Јас сум оптимист, ако можат некаде од море да прават копно, а ние копното да не можеме да го искористиме, тоа за мене е несватливо. Се може да се направи, не е никаков проблем да се направи тој паркинг, тоа чини пари. Се си има своја цена. Ако сакаме да имаме чист плоштад без сообраќај, со уредено шеталиште, а под него да има паркирање, тоа ќе не чини доста пари. Бидејќи општината поради познатата финансиска состојба и наследените долгови, нема средства, сите овие проекти сакаме да ги реализираме со јавно-приватно партнерство. Општината да учествува со земјиштето и со локацијата, а приватен партнер со изградба на паркингот. Според мене е изводливо и јас сметам дека во наредниве години ќе се реализираат и катните гаражи и подземниот паркинг“, вели Бранко Арнаудов, раководител на секторот за урбанизам во локалната самоуправа.

Тој амбициозно најавува нови над пет илјади паркинг места во Охрид. Граѓаните пак се покритични и посомнителни.

„Во врска со градењето на подземна гаража кај плоштадот, сметам дека таа идеја по малку е утопистичка, бидејќи се сомневам дали реализаторите на тие проекти се подготвени технички, како и со соодветни стручњаци за да се да се реализира таков зафат во Охрид и во Македонија. Сите знаеме дека плоштадот е на самиот кеј во близина на езерото“, вели анкетирана охриѓанка.

Во врска со градењето на подземна гаража кај плоштадот, сметам дека таа идеја по малку е утопистичка.
Таа смета дека и возачите мора да се навикнат на новите правила на паркирање на паркинзите со плаќање, без узурпација на празните простори без наплата меѓу зградите во центарот на Охрид, кои ги користат нивните жители.

„Јас користам паркинг, бидејќи мојата работа е во централното градско подрачје, а живеам надвор од Охрид. Но, тука има уште еден парадокс. И покрај тоа што плаќам за паркирање, вработените на паркиралиштата мака мачат за да обезбедат соодветен паркинг простор за платената услуга, преместувајќи ги возилата од едно на друго место. Така што, факт е дека Охрид има сериозен проблем и надлежните треба итно да извршат реализација на проектите, односно да изградат катни гаражи во Охрид“, вели граѓанин на Охрид.

Во летната туристичка сезона бројот од 20 илјади возила на охриѓани, двојно се зголемува, а проблемот со паркирањето посебно се чувствува со урбанистичко-градежната експанзија во градот, каде дури сега почна во новите станбени објекти да се гради и паркинг простор.
XS
SM
MD
LG