Достапни линкови

Гошев – Македонија се движи кон дезинтеграција по сите линии


Нашето тапкање во место и нашето назадување продолжува. Тоа се политики на дезинтеграција. Тоа се политики коишто го руинираат единството во земјата, тоа се политики коишто го уриваат интегритетот на Македонија, тоа се политики коишто создаваат конфликти по сите основи. Македонија денеска се движи во правец на дезинтеграција по сите можни линии. Ако владејачките елити не се свесни за тоа, не се одговорни за тоа, тешко дека процесите можат да тргнат на добро, вели поранешниот гувернер на НБРМ и долгогодишен политичар Петар Гошев во неделното интервју на Радио Слободна Европа, кое беше снимано непосредно пред решавањето на политичката криза.

Господине Гошев, како гледате на најавениот бојкот од страна на опозицијата на претстојните локални избори?

Па бојкотите во принцип не се добри, иако јас сум учествувал во еден бојкот во 1994 година, меѓутоа тие ситуации се изнудени од однесувањето на власта и во некоја ситуација опозицијата нема алтернатива, или ќе учествува во нечесна игра, нерегуларна игра, нерамноправна игра или ќе бара начин да го искаже својот револт, своето незадоволство со други средства, вклучително нели и со бојкот. Тоа во принцип не е добро за демократијата, не е добро за состојбите во општеството, не добро за институционалниот развој, меѓутоа понекогаш политичките субјекти проценуваат дека нема друга алтернатива. Во овој случај мислам дека опозицијата тешко може да најде други решенија за она што се случи во парламентот на 24 декември. Последиците врз сликата за нас пред остатокот на светот, особено пред оној дел на светот кон кој што тежнееме да се приклучиме, е голема, огромна, но за тоа треба да мисли пред сè власта, таа треба да најде решение.

Господине Гошев, гледате ли решение за актуелнава криза, со оглед на тоа што досегашната комуникација се одвива главно медиумски и преку прес-конференции?

Не гледам чекори за разрешување на оваа ситуација до овој момент, затоа што имаме битка за создавање перцепција преку која што ќе ги убедиме луѓето дека за настанатата ситуација не сме ние виновни, туку другите се виновни. Значи не не интересира настанатата ситуација и решавањето на настанатата ситуација, туку ги интересира, особено овие во власта, да прикажат дека тие не се виновни што опозицијата не учествува на избори и што поради тоа ние ќе имаме негативен извештај или се прекинува процесот на придвижување кон европските интеграции и кон НАТО. Значи не е битна штетата што се создава по тој основ, туку е најбитно во дадениот момент граѓаните да мислат дека тие другите се виновни, не ние. Со тој пристап нема решение, со тој пристап има само последици врз граѓаните на Република Македонија. Нашето тапкање во место и нашето назадување продолжува. Тоа се политики на дезинтеграција. Тоа се политики коишто го руинираат единството во земјата, тоа се политики коишто го уриваат интегритетот на Македонија, тоа се политики коишто создаваат конфликти по сите основи. Македонија денеска се движи во правец на дезинтеграција по сите можни линии. Ако владејачките елити не се свесни за тоа, не се одговорни за тоа, тешко дека процесите можат да тргнат на добро, значи првата одговорност е таму. Втората одговорност е полека сите граѓани на Македонија да стануваат, да стануваме свесни за тоа што ни прават оние што управуваат со земјата и конечно во некоја точка на акумулираното незадоволство да им дадеме шут-карта на едните, на другите, на третите коишто не се однесуваат одговорно вршејќи ги своите функции. Други начини нема. Притисокот се граѓански, по сите основи треба да се зголемува.

Неодамна ги слушнавме вашите предупредувања во однос на јавниот долг и според вас тој е многу поголем од тоа за што сме информирани јавно од страна на надлежните институции. Во кој степен на ризик се наоѓа Македонија во однос на задолжувањето и дали сме обезбедени на пример од банкрот на државата?

Зборував нашироко за ова прашање во врска со јавниот долг. Јас изнесов примери дека има повеќе држави, не јас што сум ги истражувал, туку што ги истражувале светски авторитети, коишто покажуваат дека и на помало ниво на јавен долг, мерен како процент на учество во Бруто домашниот производ, земји дошле во ситуација да не можат да ги измируваат долговите, отколку што е сегашното ниво на Македонија. Тоа зборува дека постојано мора да мислите за одржливоста на вашиот јавен долг, тоа зборува дека постојано треба да мислите дали во една неповолна ситуација, екстерни шокови, внатрешни шокови, вие имате простор за задолжување со кое ќе ја надминете таа шок ситуација, за да може економијата со најмала штета и животот да продолжат. Во овој момент начинот на кој се задолжува Македонија, темпото со кое се задолжува, особено последните 2-3 години е неодржливо. Самиот јавен долг исто така како големина е манипулиран од страна на власта, не е целиот вистински реално искажан. На страницата на Министерството за финансии се искажува само долгот на централната влада, тоа е директното задолжување на буџетот на Република Македонија и на јавните републички фондови. Тоа не е целиот јавен долг. Долгот на општините, долгот на јавните претпријатија, долгот на македонска банка за поддршка на развојот, долгот на централната банка. Долгот и на централната власт не е реално искажан, заради тоа што таму го нема долгот што владата го прикрива овие 2-3 години, а се однесува на неизмирени, во рамките на законските рокови, обврски на владата кон приватни приватниот сектор по основ на договори што ги направила со приватниот сектор и по основ на законот за враќање на данокот на додадена вредност. Такво однесување имаа некои држави во последните децении и тие ја плаќаат денеска цената за тоа.

Кој е степенот на ризик и можеме ли да се доведеме до состојба на банкрот?

Јас мислам дека просторот за нови задолжувања е речиси исцрпен. Тие ќе се обидат и наредната година да не задолжат со нови, можеби на нето основа 300 и повеќе милиони евра и тоа ќе биде натамошно додавање на износот на долгот, бидејќи оваа година тие едноставно не можеа да преживеат како актуелна власт без големи проблеми, ако не го извршеа ова задолжување. Заради ургентноста, итноста во која се доведоа, заради зависноста од задолжување во кое тие самите се доведоа, затоа и беше она насилство во парламентот, буџетот по секоја цена да биде донесен пред Нова Година, затоа што отворените грла што ги создадоа за финансирање зјаеја со огромни усти коишто треба да бидат пополнети со пари. Значи оттука произлегува и насилството да се донесе буџетот по секоја цена без оглед на каква повреда на деловничката процедура се врши и што сето тоа значи за демократскиот процес во Македонија.

Но не може да не снајде грчко, шпанско, португалско сценарио?

Ако вака продолжиме, сè може да не снајде, ако навреме нема отрезнување. Тука не е само во прашање висината на задолжувањето, тука е во прашање уште поважно, намената на средствата, за што одат парите? Дали тие пари го зголемуваат БДП-то? Меѓутоа начинот на којшто се расфрла власта, купувајќи гласови, борејќи се за перцепција, не за реална промена на состојбата, не само што нема да донесат 2,4 денари за еден вложен денар од нивана страна, туку ќе го намалат учеството, ќе го намалат ефектот до таа мера што еден денар ќе значи можеби 0 - 0,5 денари, затоа што на крајот ви остануваат само трошоците за сервисирање на долгот, а не ви пораснал Бруто домашниот производ, преку којшто вие треба да очекувате да ја сервисирате каматата којашто треба да ја плаќате.

Вие неодамна ја покренавте и одговорноста во врска со транспарентноста на сите тие податоци, транспарентноста во задолжувањето.

За жал во Македонија не се сноси одговорност за многу неодговорни однесувања.

Како да се воспостави тој систем на одговорност?

Тоа е најтешкото прашање, тоа е зрелоста на една демократија во една земја вкупно, тоа е зрелоста на политичките елити во Република Македонија, тоа е зрелоста на Парламентот во Република Македонија, како највисоко законодавно тело, како највисок орган на власта во Република Македонија. А вие гледате, тој највисок орган на власта на кое дереџе е доведено – еден обичен извршител на волјата, на диктатот на поединци. Тоа е страшна состојба. Во Македонија едноставно малку можете да најдете институции со интегритет и луѓе со интегритет што ги водат тие институции. Ако претседателот на парламентот ја извршува беспоговорно секоја наредба, секој диктат на партискиот шеф, не е само овој случај, овој сега е драматичен и драстичен, вие немате парламент, вие немате парламент со интегритет. Ако парламентот е малтретиран од оние што ги избира, а ги избира сите министри, ги избира речиси сите најважни функционери, ако е малтретиран и работи под диктатот на тие што ги избира, тогаш вие не можете да говорите за демократија во Република Македонија. Значи треба институции со интегритет, а институции со интегритет прават луѓе со интегритет.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG