Достапни линкови

logo-print

Политичката криза решена под меѓународен притисок


Опозицијата се враќа во парламентот и ќе учествува на локалните избори. По нив, треба да се разговара за предвремени парламентарни избори.

Опозицијата ќе учествува на локалните избори. Овој договор беше постигнат по неколкучасовните разговори кои ги водеа еврокомесарот Штефан Филе, известувачот за земјава во Европскиот парламент Ричард Ховит и европратеникот Јиржи Бузек со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, на СДСМ и на ДУИ, Никола Груевски, Бранко Црвенковски и Али Ахмети.
Задоволни сме што политичките лидери конечно ја покажаа нивната политичка одговорност за да постигнат договор што ќе ја врати земјата во нормално функционирање на институциите и ќе ја продолжи својата конструктивна работа на европските приоритети.

Договорот предвидува и формирање анкетна комисија за настаните од 24 декември, но и продолжување на разговорите на политичките субјекти во земјава веднаш по локалните избори со цел да се воспостави нормален политички амбиент и функционирање на политичките институции и без предрасуди разговарање околу тајмингот за наредните парламентарни избори и имплементирање на препораките од ОБСЕ/ОДИХР.

„Задоволни сме што политичките лидери конечно ја покажаа нивната политичка одговорност за да постигнат договор што ќе ја врати земјата во нормално функционирање на институциите и ќе ја продолжи својата конструктивна работа на европските приоритети“, изјави по средбите кои завршија кај претседателот Ѓорге Иванов, Ричард Ховит.
Морам да искажам задоволство од позитивниот однос на лидерите и од власта и од опозицијата што конечно овозможија европската агенда да се врати повторно на дневен ред во Македонија.

Со посредство на меѓународните претставници, лидерите на трите партии се договориле и за продолжување на реформските процеси и мерките на доверба вклучувајќи ги и разговорите со Здружението на новинарите како и продолжување на дијалогот на високо ниво чија четврта рунда треба да се одржи овој месец.

Сакам да изразам задоволство од позитивниот однос на лидерите на сите политички партии што одлучија да ја вратат европската агенда во државата, истакна претседателот Иванов.

„Морам да искажам задоволство од позитивниот однос на лидерите и од власта и од опозицијата што конечно овозможија европската агенда да се врати повторно на дневен ред во Македонија“, рече Иванов.

Ова ја разрешува барем засега политичката криза во земјава која кулминираше со настаните на 24 декември кога опозицијата и новинарите беа насилно исфрлени од собраниската сала по што опозицијата, која оттогаш не учествува во работата на собранието, најави бојкот на локалните избори.

Што содржи договорот меѓу власта и опозицијата – интегрално

1. За враќање на нормалниот политички живот:

Сите партии да се вратат во Собранието и да учествуваат на закажаните локални избори.

2. За поддршка на непосредните клучни реформски мерки, вклучително и:

- Подобрување на функционирањето на Собранието, вклучувајќи ја и иницијативата на Претседателот за формирање на ад хок Анкетна комисија (која би ги разгледала, меѓу другото, настаните на и пред 24. декември, вклучувајќи ја и нивната уставност, обезбедувањето во и надвор од Собранието и преглед на собраниските процедурални правила), резултатите од кои би биле се рефлектирале во Извештајот за напредокот од страна на Европската комисија кој ќе биде објавен во есента 2013 година.

- Изборна реформа,по локалните избори, вклучително и во однос на избирачкиот список (на пример пост-изборна ревизија на списокот) и други препораки од страна на ОБСЕ/ОДИХР.

- Слобода на изразување, на пример продолжување на дијалогот со новинарите, воден од Здружението на новинари, и други мерки за изградба на довербата.

3. За изборниот календар:

- Да се обезбеди соодветно време за регистрирање на кандидатските листи за локалните избори.

- Да се оствари средба непосредно по локалните избори за да се разговара за внатрешно-политичката ситуација, вклучувајќи ги и наодите на Анкетната комисија за настаните од 24. декември, и да продолжат разговорите, со добра волја, за сите опции, и без прејудицирање за дефинирање на времето за одржување на следните парламентарни избори, врз основа на спроведувањето на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, така што резултатите да може да се земат предвид во следниот Извештај за напредокот од страна на Европската комисија.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG