Достапни линкови

Политичката криза го намалува меѓународниот углед на Македонија


Меѓународната заедница може да врши притисок за решавање на политичката криза, но таа не може да се надмине ако нема волја кај домашните политички актери.

Тоа што последниот период откога трае политичката криза, земјава стана редовна станица за странците, за домашните експерти не зборува добро за меѓународниот углед на земјава. Дел од нив укажуваат дека тоа создава слика на несериозна држава и неспособност на политичките лидери да се соочат и да ги решат внатрешно-политичките проблеми.
Странците прикривајќи ги реалните ситуации во Македонија, неспособноста на политичките елити да комуницираат, фактички се обидуваат да не спасат од нас самите.

„Фактот што сега има одреден спор, односно неусогласување меѓу власта и опозицијата значи дека ние не сме дораснати да кажам, да донесуваме политички одлуки во еден демократски процес на одлучување“, вели професорот по меѓународна политика Беким Кадриу.

Она што е генерален став на меѓународните претставници е дека кризата мора да ја разрешат домашните политичари, смета професор Денко Малески. Но во ситуација кога несогласувањата се длабоки, исто колку и личните анимозитети, таквиот потфат се чини е невозможен, вели тој.
Тие некогаш се во позиција да вршат голем притисок, но ако домашните актери немаат волја да направат некое решение, во смисла да постигнат некој компромис, тогаш ништо не сте направиле.

„Многу е интересно, домашните политичките елити почнаа сега да викаат странци од надвор во прилог на нивната позиција, така што нашата внатрешна поделба сега ја пренесовме и надвор, во Европскиот парламент. Значи , го продолжуваме така да речам хаосот и на меѓународно ниво“, вели Малески.

Кадриу објаснува дека притисокот на меѓународните претставници не е пресуден за решение на кризата и дека до него сепак треба да дојдат главните политички актери. Сепак додава дека заложбите на меѓународните претставници да и помогнат на Македонија да оди напред се добронамерни.

„Тие некогаш се во позиција да вршат голем притисок, но ако домашните актери немаат волја да направат некое решение, во смисла да постигнат некој компромис, тогаш ништо не сте направиле“, вели Кадриу.

Останува неизвесно дали странскиот притисок ќе биде одлучувачки ако ситуацијата уште повеќе се влоши. На потег се домашните политичари, вели Малески, истовремено предупредувајќи дека меѓународниот углед на земјата значително се влошува.

„Странците прикривајќи ги реалните ситуации во Македонија, неспособноста на политичките елити да комуницираат, фактички се обидуваат да не спасат од нас самите“, вели Малески.

Во меѓувреме, американскиот Стејт департмент повторно упати повик до македонската Влада и до опозицијата, да се надмине политичката блокада во земјата.

„Продолжуваме да ги повикуваме Владата и опозицијата во Македонија да постигнат решение“, соопштија од Стејт департментот, повикувајќи се на заедничката изјава на шефовите на мисиите на САД, ЕУ и на ОБСЕ во земјава, во која тие повикуваа на конечно и што побрзо решение на кризата.
  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

Покажи ги коментарите

XS
SM
MD
LG