Достапни линкови

Исламски терористи осомничени за петкратното убиство кај Скопје


Полицијата врши увид на местото каде што беа убиени пет момчиња во близина на Смилковското Езеро кај Скопје на 13 април 2012 година.
Полицијата врши увид на местото каде што беа убиени пет момчиња во близина на Смилковското Езеро кај Скопје на 13 април 2012 година.

Под вакви наслови светските новински агенции јавуваат за прес-конференцијата на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на која таа обелодени дека биле уапсени 20 радикални муслимани за убиството на петтемина луѓе во средината на април кај Смиљковското Езеро.

Македонската полиција соопшти дека уапсила 20 луѓе, вклучувајќи и радикални исламисти кои се бореле со талибанците во Авганистан, јавува агенцијата Ројтерс, посочувајќи ја изјавата на министерката за внатрешни работи дека некои ќе бидат обвинети за тероризам и оти мотивот за петкратното убиство било ширење на страв во земјата.

Ројтерс потсетува дека досега никој не ја презел одговорноста за нападот и оти Македонија има околу 175 војници во мисијата на НАТО во Авганистан, но оти нејзиниот обид за влез во Алијансата бил блокиран од Грција поради спорот со името.

Агенцијата Ројтерс исто така потсетува дека во 2002 година тогашната влада соопшти оти полицијата убила седум терористи, муџахедини кои планирале напади врз амбасадите на западните земји во Скопје. Обвинителите подоцна, како што наведува агенцијата, соопштиле дека станува збор за мигранти од Азија кои биле убиени како дел од осмислен план на министерството за внатрешни работи да добие извесна наклоност од Запад неколку месеци по терористичките напади врз Америка.

Франс прес, пак, посочува дека повеќето од уапсените биле македонски граѓани. Министерката за внатрешни работи ги опиша осомничените како следбеници на радикалниот ислам, кои со петкратното убиство имале за цел да предизвикаат страв и несигурност. Франс прес посочува дека извесно време во Македонија преовладува тензична атмосфера меѓу двете поголеми етнички заедници и оти во март годинава над десетина луѓе биле повредени во меѓуетнички тепачки во Скопје и Тетово.

Германската агенција ДПА, пак, ја посочува изјавата на министерката Гордана Јанкулоска дека апсењата на осомничените биле извршени на неколку различни места и оти притоа било откриено оружје.

„Таа изјави дека убијците случајно ги одбрале своите жртви за да сеат страв и несигурност и да ги зголемат етничките тензии“, наведува агенцијата, потсетувајќи дека непријателствата меѓу македонската и албанската заедница го прекинаа минатогодишниот попис на населението во земјата.

Асошиетед прес во веста за апсењето на осомничените за петкратното убиство посочува дека министерката Јанкулоска, наведувајќи дека сите биле македонски државјани, не специфицирала дали тие и припаѓале и на иста етничка група. Оваа агенција јавува и за видеото од дел од акцијата на Министерството за внатрешни работи за апсење на осомничените кои се опишани како вахабисти.

Сите странски агенции потсетуваат дека Македонија во 2001 година избегнала граѓанска војна со посредство на западната дипломатија која ги запрела борбите меѓу владините сили и албанските бунтовници. Меѓународната кризна група, пак, оценува дека по петкратното убиство ситуацијата во Македонија била влошена.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG