Достапни линкови

Вести

Хејгел и официјално е нов секретар за одбрана на САД

Новиот американски секретар за одбрана Чак Хејгел.
Новиот американски секретар за одбрана Чак Хејгел.
Републиканецот Чак Хејгел положи свечена заклетва како нов американски секретар за одбрана во демократската администрација на претседателот Барак Обама. Неговото назначување беше изгласано вчера во Сенатот со тесно мнозинство. Само четворица негови сопартијци од Републиканската партија го поддржаа неговиот избор. Републиканците се противат на номинацијата на Хејгел поради тоа што тој е подготвен на компромис со Иран и не се смета за сојузник на Израел. Хејгел е поранешен републикански сенатор од Небраска и одликуван воен ветеран од Виетнам. На местото секретар за одбрана, тој го наследува Леон Панета.
update

Бан-Ки-мун - Ако има добра волја може да се постигне прогрес за името

Архивска фотографија: Средба на претседателот Ѓорге Иванов со Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун.
Архивска фотографија: Средба на претседателот Ѓорге Иванов со Генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун.
Процесот за надминување на разликите за името трае предолго, но со добра волја на двете страни, со конструктивен пристап, е можно да се направи прогрес, оценил генералниот секретар на ОН Бан Ки-мун на средбата со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, што се одржа денеска во Виена.

На средбата, што се одржа на маргините на 5. Глобален форум на Алијансата
на цивилизациите на ОН, Иванов и Бан Ки Мун разменија информации и мислења
за процесот што се води во ОН за надминување на разликите околу името, по
последните средби на медијаторот Нимиц во изминатиот период.

Како што јави известувачот на МИА, претседателот Иванов ја поздрави зголемената динамика во процесот и истакна дека Македонија активно и
конструктивно како и досега така и сега учествува во процесот со добра волја да се дојде до заемно прифатливо решение.

Претходно Иванов имаше средба со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган, на која е искажана потврда за добрите политичко економски односи меѓу Турција и Македонија и поддршка за македонското зачленување во НАТО.

Гасовод од Иран до Пакистан

Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад го пречекува неговиот пакистански колега Асиф Али Зардари во Техеран.
Иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад го пречекува неговиот пакистански колега Асиф Али Зардари во Техеран.
Пакистанскиот претседател Асиф Али Зардари пристигна во Техеран каде што треба да го потпише договорот за изградба на гасовод во вредност од 1,5 милијарди долари што треба да го донесе иранскиот гас до неговата земја. Зардари беше пречекан од иранскиот министер за нафта Касем Солеимани. Најавено е дека ќе се сретне со неговиот ирански колега Махмуд Ахмадинеџад со кого ќе го потпише договорот за гасоводот, како и уште еден договор за иранска помош во изградбата на рафинерија во пакистанскиот пристаништен град Гвадар.

Двајца убиени и 7 ранети во пукотници во фабрика во Швајцарија

Швајцарија.
Швајцарија.
Двајца вработени се убиени, а седуммина се ранети, кога еден од вработените почнал да пука во своите колеги во фабриката за преработка на дрво Кроношпан во малото гратче Мензхау во централна Швајцарија. Напаѓачот исто така е мртов, но полицијата не соопшти како дошло до неговата смрт. Надлежните соопштуваат дека 42-годишниот напаѓач, чиј идентитет сè уште не се открива, претходно не бил проблематичен. Неколку негови колеги за швајцарските медиуми изјавиле дека човекот од лани имал психички проблеми.

Тачи бара помош од САД во дијалогот Белград-Приштина

Премиерите на Косово и на Србија, Хашим Тачи и Ивица Дачиќ, со шефицата за надворешна политика на ЕУ Кетрин Ештон во Брисел.
Премиерите на Косово и на Србија, Хашим Тачи и Ивица Дачиќ, со шефицата за надворешна политика на ЕУ Кетрин Ештон во Брисел.
Косовскиот премиер Хашим Тачи денеска ги повика САД да се вклучат во дијалогот со Србија, кој се води под покровителство на ЕУ и е со цел да се нормализираат односите меѓу Приштина и Белград.

„Барам ваше разбирање и ваша поддршка“, наведува Тачи во соопштение по телефонски разговор со заменикот американски државен секретар Вилијам Барнс.

Повикот е упатен пред новиот круг разговори меѓу Тачи и српскиот премиер Ивица Дачиќ закажан за в понеделник во Брисел.

Српскиот премиер Ивица Дачиќ, пак, изјави дека во дијалогот со Приштина на повидок се големи проблеми, дека нема нови договори и оти не знае за што би требало да го информира Парламентот, јави Танјуг.

Владата на Република Српска поднесе оставка

Премиерот на Република Српска во оставка Александар Џомбиќ.
Премиерот на Република Српска во оставка Александар Џомбиќ.
Владата на Република Српска по барање на претседателот, Милорад Додик, денеска поднесе колективна оставка, потврди премиерот во оставка Александар Џомбиќ.

„Не влегувам во образложение на барањето за оставка дека на владата и недостасува импулс за подобра работа, но сакам даукажам дека сето ова време, односно две години откако преземав мандат премиер, и покрај економската криза, својата работа ја извршував совесно“, изјави Џомбиќ.

Тој рече дека како премиер бил должен да води рестриктивна политика поради економската криза. Се очекува Додик до крајот на денот да именува нов мандатар за состав на влада.

Штип пие вода од цистерни

Илустрација.
Илустрација.
Шест цистерни со вода за пиење постојано кружат низ штипските населби и доставуваат чиста вода за пиење, а екипи на Центарот за јавно здравје на лице место го проверуваат квалитетот на водата за пиење, која се доставува од кочанскиот водовод. Водата за пиење низ водоводниот систем која протекува во одредени населби во Штип не смее да се користи, соопштии директорот на ЈП „Исар“, Никола Мицевски. Дел од бунарите се ставени во функција по повлекувањето на водата во коритото на реката Брегалница.

Во кочанското село Горни Подлог, пак, од поројните дождови и надојдените води се урна една куќа, а сопствениците, заедно со своите две малолетни деца, ја поминале ноќта кај соседите.

Кери патува во Рим, по средбата со францускиот претседател Оланд

Американскиот државен секретар Џон Кери денеска се сретна со францускиот претседател Франсоа Оланд во Париз, со кого разговараше за сиријскиот конфликт и за француската воена интервенција во Мали. Од Париз, Кери патува во Рим, каде што треба да учествува на Меѓународната конференција за Сирија. На состанокот на „Пријателите на Сирија“ во Рим, претставниците на десетина земји утре ќе се сретнат со лидерите на главната сиријска опозиција во обид да најдат начин за решавање на двегодишниот конфликт во земјата. Американските медиуми, повикувајќи се на американски и европски функционери, објавија дека американската администрација е блиску до одлука за тоа дали да обезбеди неборбена поддршка за некои групи кои се противат на режимот на претседателот Башар ал-Асад.

Опозицијата на протест пред Министерството за труд и социјала

Опозицискиот „Сојуз за иднината“ денеска одржа протест пред Министерството за труд и социјална политика, кое, како што велат, е уште еден пример каде институциите наместо во функција на граѓаните, се ставени во функција на партијата на власт. Тие обвинија дека власта нема одговор за големиот процент на невработеност кај младите кои заминуваат од државата, оти седум години не е решен проблемот со стечајците, оти им е скратен на 1,5 години надоместокот на лицата прогласени за технолошки вишок и за лошата состојба во социјалната политика. Министерот Спиро Ристовски одговори дека секој одговара пред граѓаните за она што го прави, бидејќи на крајот токму тие ќе оценат кој е во право и кој најдобро ги штити нивните интереси.

МАНУ - Кризата може да влијае на евро-интеграциите

Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Владо Камбовски.
Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Владо Камбовски.
Политичката криза од почетокот на годинава што се заканува да предизвика и пошироки негативни општествени импликации, особено од аспект на евроатлантските интеграции, предизвикува оправдана вознемиреност во однос на очекувањата за остварливост на програмираните задачи, рече претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, академик Владо Камбовски во експозето на тема „МАНУ во 2012 и 2013“ во рамки на 46. Годишно собрание на оваа институција. Поради тоа, посочи тој, претседателството на МАНУ на седница од 8 февруари апелираше за побрзо надминување на политичката криза со итно почнување дијалог меѓу одговорните политички субјекти, заснован врз уважување на интересите на државата и начелата на владеење на правото.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG