Достапни линкови

Вести

Кери ја повика сиријската опозиција да учествува на состанокот во Рим

Американскиот државен секретар Џон Кери и неговиот британски колега Вилијам Хејг во Лондон.
Американскиот државен секретар Џон Кери и неговиот британски колега Вилијам Хејг во Лондон.
Американскиот државен секретар Џон Кери ја повика сиријската опозиција да ја преиспита својата закана дека ќе ги бојкотира разговорите со светските сили закажани за в четврток во Рим. Зборувајќи на заедничка прес-конференција со неговиот британски колега Вилијам Хејг во Лондон, Кери рече дека групата „Пријатели на Сирија“ не се среќава само да зборува, туку „да донесе одлуки за наредните чекори“. Наредна станица од турнејата на Кери во Западна Европа и на Блискиот Исток е Берлин.

Парламентарните избори во Италија без победник

Отворање на гласачките кутии во Италија.
Отворање на гласачките кутии во Италија.
Парламентарните избори во Италија завршија без победник. Според резултатите од излезните анкети, централно-левичарската коалиција предводена од Пјер Луиџи Берсани води со околу 5,5 проценти пред конзервативниот блок предводен од поранешниот премиер Силвио Берлускони во изборите за пратеници во Долниот дом. Сепак, првичните резултати покажуваат дека коалицијата на Берлускони освоила 2 проценти повеќе гласови во изборите за Сенатот. Берзите со нетрпение очекуваат да видат дали изборите ќе доведат до создавање стабилна влада што може да ја извлече државата од рецесија и да помогне во решавање на должничката криза во евро-зоната.

Ноќеска поскапува бензинот и дизелот

Цените на бензините и на дизел горивото од ноќеска на полноќ се зголемуваат за денар до денар и половина по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика. Малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголемува за еден денар и сега ќе чини 85 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапува за 1,5 денари и ќе се продава за 87 денари за литар. Цената на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се зголемува за еден денар и ќе изнесува 72,5 денари. Како причина за зголемувањето на малопродажната цена на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 0,56 отсто повисоката просечна цена на сурова нафта на светскиот пазар во изминатите 14 дена и за 1,36 отсто повисокиот курс на доларот во однос на денарот.

Ховит бара одложување на гласањето за Македонија

Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Ричард Ховит.
Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Ричард Ховит.
Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Ричард Ховит, на почетокот од расправата за напредокот на Македонија во Комисијата за надворешни работи на ЕП, официјално побара одложување на гласањето на предложената резолуција за земјава. Ховит побара одложување поради актуелната ситуација во Македонија која е „крајно загрижувачка“ и која сигурно, ако се задржи сегашниот календар за усвојување на резолуцијата од страна на Комисијата за надворешни работи и потоа на пленарна сесија на Европскиот парламент, ќе доведе до негативен текст за Македонија.

„Верувам дека одложувањето ќе биде порака дека ја поддржуваме европската перспектива на земјата, но и дека бараме надминување на моменталната политичка ситуација“, рече Ховит.

Тој не даде рок за одложувањето на гласањето.

Гвардиола ги шпионирал фудбалерите на Барселона

Поранешниот тренер на Барселона, Јосеп Гвардиола.
Поранешниот тренер на Барселона, Јосеп Гвардиола.
Поранешниот тренер на Барселона, Јосеп Гвардиола користел услуги на детективска агенција додека работел во каталонскиот клуб, информираат медиумите во Шпанија. Гвардиола наводно разговарал со детективи кои требале да го шпионираат приватниот живот на фудбалерите, а посебно тоа се однесувало на нивниот ноќен живот. Детективите требале да ги следат и нивните секојдневни
ритуали. Екс-тренерот на Барселона не сакал да дава коментар околу овие шпеклуации. Но, треба да се земе в предвид дека некои играчи на Барселона, во периодот додека нивни предводник беше Гвардиола, изјавуваа дека биле следени од непознати лица.

Околу 30 демонстранти приведени во Софија

Архивска фотографија: Протести во Софија.
Архивска фотографија: Протести во Софија.
Полицијата уапси 30 демонстранти во Софија поради нарушување на јавниот ред по официјалното завршување на протестите против монополот и енергетската политика на властите, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи на Бугарија. Приведените демонстранти по сослушувањето во полиција се пуштени на слобода.

Саркисјан и официјално победи на претседателските избори во Ерменија

Ерменскиот претседател Серж Саркисјан.
Ерменскиот претседател Серж Саркисјан.
Државната изборна комисија во Ерменија официјално го прогласи актуелниот претседател Серж Саркисјан за победник на претседателските избори што се одржаа на 18 февруари. Официјалните резултати покажуваат дека Саркисјан освоил 58,6 отсто од гласовите, додека неговиот главен противкандидат, поранешниот министер за надворешни работи Рафи Хованисјан добил поддршка од 37 отсто од гласачите. Тој, пак, ги оспорува резултатите од изборите и ги повика неговите поддржувачи на голем протест во Ереван наредната недела.

Историска можност за односите меѓу ЕУ и Киев

Претседателот на ЕУ Херман ван Ромпуј по завршувањето на самитот ЕУ-Украина во Брисел рече дека постои историска можност за односите на Унијата со Киев. На заедничката прес-конференција со претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и со претседателот на Украина Виктор Јанукович, Ромпуј рече дека е можно Спогодбата за асоцијација, вклучувајќи го и Договорот за длабока и сеопфатна слободна трговска зона да бидат потпишани до ноември на Самитот на источното партнерство во Вилнус. Тој, сепак, рече дека Киев треба да покаже видлив напредок до мај. Според него, Киев треба да се фокусира на три важни критериуми- измените кои треба да овозможат слободни избори, прекинување со „селективната правда“ и реформи поврзани со пристапувањето. Баросо рече дека ЕУ се согласила да и даде кредит за макро-економска поддршка на Украина од 610 милиони евра во наредните години.

СДСМ ја одби понудата на ВМРО-ДПМНЕ

Илустрација.
Илустрација.
СДСМ не ја прифати денешната понуда на ВМРО-ДПМНЕ да се пролонгира рокот за пријавување кандидати за локалните избори за и тие да може да учествуваат.

„Сојузот за иднината не одлучи да ги бојкотира претстојните локални избори затоа што немаше време да состави кандидатски листи, туку оваа наша одлука е одговор на партиско-полициски пуч на власта“, се вели во соопштението на СДСМ.

Тие потсетуваат дека понудиле да учествуваат на локалните избори, но ако освојат еден глас повеќе, власта да распише предвремени парламентарни избори.

НАТО - Нема докази за некоректно постапување во Авганистан

Илустрација.
Илустрација.
Не се пронајдени докази кои може да ги поткрепат авганистанските обвинувања за некоректно однесување на американските специјални единици во провинцијата Вардак, соопшти портпаролот на силите на НАТО во Авганистан, генерал Гантер Кац. Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи вчера му наложи на Министерството за одбрана да ги протера американските специјални единици од провинцијата Вардак за две недели, поради наводите дека Авганистанците што работат со нив го малтретирале локалното население. Кац информира дека силите на НАТО ќе работат со авганистанската влада за надминување на проблемот, но оти не можат да коментираат повеќе пред да разговараат со властите.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG