Никој не сака да плаќа данок за скапи службени коли и бавна администрација

Илустрација

Една четвртина од македонската економија е во сива зона. Сивата економија не се намалува со години. Се работи за неколку милијарди евра годишно. Помали даноци и поголеми инспекции ја намалуваат сивата економија. За сомнителни тендери и бавна администрација, на граѓаните не им се плаќа.

Шверц, плата во плико, работа на црно, алашвериш бизниси. Меѓу една четвртина и една третина од македонската економија отпаѓа на сива економија, во зависност од истражувањето и од користената методологија. Тоа значи дека се работи за суми меѓу 2,5 и 3,5 милијарди евра годишно.

Видете и ова: Со кожен волан и шест звучници полесно се лекува ковид-19

Истражувањето на Фајнанс тинк покажува дека сивата економија е околу 23 проценти од БДП и со години не се намалува.

Експертите велат дека мотивацијата на граѓаните за плаќање даноци паѓа ако гледаат дека некој друг не плаќа, а државата не реагира, дека нивните пари се трошат за сомнителни тендери и скапи службени автомобили и дека не добиваат квалитетни услуги од администрација.

Ова прашање се отвори откако владата најави нова даночна реформа, со која треба да собере дополнителни 54 милиони евра во буџетот.

Даночниот експерт Павле Гацов критикуваше дека владата го избрала најлесниот начин – повеќе да ги оданочи оние што веќе плаќаат, наместо оние што не плаќаат ништо.

„Работењето на црно со работници кои добиваат некаква форма на државна помош, неиздавањето на фискални сметки, плаќањето во готовина без оданочување, се само некои од формите на неформална економија по која и овој пат државата не посега на системски начин“, вели тој.

Професор Борче Треновски вели дека истражувањата покажуваат оти сивата економија се зголемува секогаш кога има криза и затоа повикува на внимателност со најавените даночни реформи. Главни работи за борба против сивата економија се добри закони и силни институции.

„Ние сме очајни, и во УЈП и во општините има за 60 отсто помалку обучени инспектори кои треба да одат на терен. Тој дел треба да го фатиме. Треба да влијаеме на моралот, на одговорноста на граѓаните и на ефикасноста на државата“, вели тој.

Истражување на Фајнанс тинк за сива економија

Според истражувањето на Фајнанс тинк, сивата економија во земјава изнесува 23,2 отсто од БДП-то и скоро цела деценија не се намалува. Благица Петрески од Фајнанс тинк вели дека најголемо намалување на сивата економија има во 2008 година, со воведувањето рамен данок и намалување на даноците на личен доход.

„Тука треба да го напоменеме и даночниот морал, односно убедувањето на даночните обврзници дека – да ќе плаќам поголеми даноци, но тие средства ќе завршат за развојни цели, а нема да завршат за цели на поединци или на мали интересни групи“, рече Петрески во интервју за Радио Слободна Европа.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Против сивата економија со помали даноци и со поефикасни инспектори

Но, прашање е како да се зголеми даночниот морал, ако граѓаните не веруваат дека нивните пари се трошат како што треба. Ако сметаат дека парите ќе завршат за сомнителни тендери, вработување роднини и службени ручеци на функционерите, тие се трудат да ги избегнат.

Професор Треновски вели дека граѓаните треба да се едуцираат што значат даноците, државата да покаже дека се труди да наплати од сите подеднакво и да им понуди добри услуги.

Видете и ова: АЕК како Елдорадо за роднини на функционери

„Гледате дека последниот извештај на Државниот завод за ревизија покажа дека има 30-тина милиони евра пресметани, а ненаплатени приходи во буџетот. Или имате околу 100 милиони евра спорни јавни набавки. Ова мора да се реализира, да се види од кај потекнува и на тој начин вие реагирате на намалување на сивата економија“, вели Треновски.

Според анализата на Центарот за истражување економски политики од Лондон од 2018, објавено од Светската банка, Македонија има една од највисоките стапки на сива економија во Европа. Според тоа истражување, поголема сива економија во Европа има само во поранешните советски републики – Русија, Белорусија, Украина, Молдавија, Грузија, Азербејџан и Ерменија.

Според тоа истражување, неформалната економија се движи од околу 8 проценти од БДП во САД и Швајцарија до над 63 проценти во Зимбабве. Западноевропските земји имаат околу двојно помалку сива економија од Македонија.

Сивата економија не може прецизно да се измери, затоа што се работи за приходи што нивните сопственици сакаат да ги скријат, па економистите користат различни методологии за приближно да ја проценат непријавената економска активност.