Достапни линкови

Ни казните не помагаат против сивата економија


Улични продавачи во Тетово.

Со години наназад општинските власти во Тетово безуспешно се обидуваат да се справат со сивата економија. Од Општината велат дека и покрај казните нелегалните продавачи се враќаат на тезгите. И од бизнис секторот се жалат на нелојалната конкуренција.

Општински инспектори ги отстрануваат, но по ден или два повторно се враќаат продавачите на импровизирани тезги на тетовските тротоари и други јавни површини. Во Тетово ваквата состојба е редовна и речиси со години да нема поместување во насока на сузбивањето на оваа таканаречена сива економија.

Од Општина Тетово велат дека и покрај казните и понатаму нелегалните продавачи се враќаат на тезгите.

„Имаше успешно отстранување на тезгите на дивите продавачи со устна наредба. Меѓутоа, за сите што не ја послушаа оваа устна наредба и кои повторно ги враќаа тезгите назад, следеа и беа изречени шест мандатни казни во висина од 3000 до 15000 денари. За жал, имаме повторно враќање на овие тезги. Сведоци сме самите и можеме да го видиме. Тоа не значи дека инспекторите не работат, и постојано ги отстрануваат или им изрекуваат устни опомени на истите“, објаснува Снежана Новаковска, од службата за односи со јавноста при Општина Тетово.

Мендерес Кучи од Стопанската комора на северо-западна Македонија вели бизнис секторот постојано апелира да се работи на сузбивање на неформалната економија поради нелојалната конкуренција која се создава. Смета дека формализирањето ќе донесе придобивки за сите, особено за продавачите од импровизираните тезги.

„Воведувањето ред се покажало како добар лек за сите. Ако се земе предвидна пример компарацијата со турското стопанство. Ако гледаме таму некогаш како беше, како беше неорганизирано и сега како е организирано, иако има обид и таму за такви тезгарења, сепак таа појава донесе и за самите луѓе на тезгите подобра перспектива. Затоа што знаат дека една работа не е дозволена и се формализираат и успеваат. И од луѓе што работат на тезги станале бизнисмени“, објаснува Кучи.

Според претставникот на комората насоката е создавање на заеднички пазари или трговски центри каде тие продавачи ќе работат легално.

„И на нашиве треба да им се најде соодветно чаре или организиран пазар за такво нешто. Треба да се третираат соодветно и да им се помогнат на нивните микробизниси, оти ако се тотално неформални прават нелојална конкуренција“, вели Кучи.

Пред неколку години Општина Тетово безуспешно направи обид да ги формализира продавачите преку унифицирани тезги. Не беше прифатена ни локацијата за пазар на големо за продажба на сезонско овошје и зеленчук.

XS
SM
MD
LG