Ни закон над нив, ни морал во нив

Седница на владата

Неказнивоста и урнатиот правен систем оставија широка врата за корупција и за злоупотреби, велат аналитичари. Ретко кој има доблест да признае дека згрешил и да си поднесе оставка.

Наводи дека владиниот ген-сек „местел“ тендери, дека министри незаконски напредувале во научната кариера додека биле на функција, потоа имаме случај кога Антикорупциска отвори постапка против вицепремиер за судир на интереси, пратеници осомничени и обвинети, а седат во пратенички глупи.

Ова се само дел од „аферите“ кои се актуелни во последниот период, за кои функционерите велат дека не се виновни и дека ќе почекаат институциите да покажат дека не згрешиле.

Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, на прес -конференција по објавата на снимка во која наводно тој договара местење тендер, рече дека не е виновен.

„Ова е верзија на разговорот. Кога ќе стигне официјална пресуда од страна на судските органи, во кривичната постапка тогаш да седнеме и повторно да разговараме“, рече Рашковски, одговарајќи на прашањето дали ќе си поднесе оставка, оти во светот функционерите си поднесуваа оставки и за помали работи.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Рашковски нема да поднесе оставка

Министерот за образование Арбер Адеми по извештаите на просветен инспектор дека напредувал во академската кариера додека бил на функција рече дека ги охрабрува институциите да го истражат случајот, бидејќи како што вели е убеден дека нема ништо незаконско околу неговиот статус на Тетовскиот државен универзитет.

Извештајот на вишиот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски посочува дека Адеми, како и заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, биле унапредени во академската кариера додека биле на функција. Државниот просветен инспекторат се огради од извештајот на Илиевски, а новоспроведениот извештај не покажал нерегуларности на Универзитетот.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, по отворањето на постапката од страна на Антикорупциска за судир на интереси рече дека предметот ќе покаже дека во случајот сè е законски и без судир на интереси.

Политиката и моралот не одат рака под рака

Професорот по социологија, Илија Ацески, вели дека политиката, каква што се подразбира на овие простори, и моралот не одат заедно. Тој вели дека нефункцинирањето на системот им дава до знаење дека нема да бидат казнети ако се огрешат.

„Тоа го знаат тие, го чувствуваат и тоа им дава право, моќ, сила да прават нешто во своја корист, да злоупотребуваат фондови, пари и разно-разни ситуации и да ги злоупотребуваат главно за лична корист, за корист на групата или онаму каде припаѓаат во партиска или институционална смисла“, вели тој.

Ацески вели дека за разлика од кај нас, во развиените општества кога некој функционер ќе направи грешка, веднаш си поднесува оставка.

„Сака да покаже колку е голема одговорноста на тој човек и на таа партија каде што припаѓа. Тие практично него го принудуваат на некој начин да си даде оставка, да не се тоа развлекува по медиуми, да не се оцрнува нивната позиција и тие како луѓе да се квалификуваат како нечесни. Но такво нешто кај нас не постои“, додава Ацески.

Тој вели дека ќе помине долго време тоа да почне да се случува и кај нас, кога ќе има промени во системот кои ќе гарантираат дека ако некој се огреши ќе одговара, без разлика дали е функционер.

Годинава од избрана функција се откажа пратеникот Павле Богоевски по објавена снимка од телефонски разговор. Но други десетици пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои се обвинети или осомничени не им паѓа на памет, иако бараа оставка од Богоевски.

Минатата година оставки си дадоа членовите на ДКСК и на ДИК откако беше објавено дека ја злоупотребиле функцијата со тоа што првите биле поврзани со наводно нелегално трошење пари, а вторите дека си зеле високи бонуси за последните изборни циклуси. За злоупотребите на ДКСК покажа ревизорски извештај на УЈП, а за ДИК известија странски амбасадори, а оставки си дадоа по притисокот од јавноста.