Достапни линкови

Департизација на Антикорупциска за да има ефекти


Државната комисија за спречување корупција
Државната комисија за спречување корупција

За членови на Антикорупциската комисија треба да бидат изберени луѓе кои се стручни, а не кои им одговараат на партиите, за конечно да може да има ефект од постоењето на ваквата комисија.

Случајот со откриената злоупотреба на пари во антикорупциската комисија како најповикана институција за борба против корупцијата е загрижувачки и претставува дополнителен аргумент јавноста да ја изгуби довербата во институциите, вели поранешниот антикорупционер Драган Малиновски. Комисијата и во изминатиот период не беше посветена на задачите на кои е обврзана со закон, вели Малиновски, кој дополнува дека во иднина треба да се размислува за поинаков модел на поставеност и избор на членови за да се обезбеди департизација на ова тело.

Според неговите оценки, во овој случај најзагрижувачко е сознанието дека борбата против корупцијата била доверена на луѓе кои имале склоност и самите да се однесуваат несоодветно на позицијата која им била доверена.

„Случајот претставува дополнителна демотивација на граѓаните, зашто се извлекува заклучок дека нема кому да се обратат во случај на корупција. Но и досега немаше вистински кому да се обратат, односно имаше кому да се обратат, но немаше ефекти од таквото обраќање. И овие сознанија и оставките кои беа поднесени ги гледам во насока на конечно решавање на проблемот со комисијата и да се преиспита и персоналниот состав и целиот концепт на ова тело“, изјави Малиновски, кој е гостин во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

По оставките на членови и претседателот на ДКСК, Малиновски вели дека треба да се изберат нови членови и да се пополнат испразнетите места и истакнува дека треба да се има предвид дека пополнувањето ќе се однесува само за период од една години и половина во кој треба да се доработи нивниот мандат. Според него, тоа можеби нема да претставува идеална околност за да се ангажираат и прифатат на таа функција луѓе кои навистина сакаат нешто да направат на подолг период. Понатаму Малиновски вели дека неизбежно ќе биде да се размислува околу тоа дали постојниот концепт е соодветен или не.

„Едно е персоналното пополнување на тоа тело, а второ е дали да се оди на организирање како агенција, како што има во опкружувањето, и мислам дека тој модел е посоодветен“, вели Малиновски.

Ана Јаневска Делева од Транспарентност Македонија вели дека Државната комисија за спречување на корупцијата вака како што е сега поставена нема ефекти и дополнува дека со години не беа поднесуавни никакви иницијативи до Јавното обвинителство, иако имаше многу поводи за тоа. Зборувајќи за тоа што треба да биде приоритет на идниот состав на Комисијата, Делева вели дека клучно е да се реагира на време секогаш кога има индиции за коруптивни случувања.

„Повеќе од 10-тина години, односно последните ешалони членови на ДКСК, не обелоденија никаков случај на корупција, а бевме сведоци на доста распространета висока корупција во Македонија. Има случаи кои се веќе процесуирани преку СЈО, но сведоци сме дека и кај сегашната власт има некои индиции дека има коруптивни случувања и таму. Сметаме дека кој и да биде на власт, тоа треба да бидат луѓе кои ќе реагираат навремено и ќе поднесуваат иницијативи до Јавното обвинителство за да се казни корупцијата која навистина е проширена во Македонија и е на високо ниво“, вели Делева.

Следната недела од Транспарентност Македонија најавуваат дека ќе ги претстават своите размислувања како и кои членови треба да бидат избирани во комисијата, укажувајќи дека тоа треба да бидат луѓе со интегритет и да не бидат партиски определени. Делева е уверена дека политичките партии не треба да се договараат за изборот на новите членови на ДКСК.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG