Мали разлики, а големи проблеми со Законот за обвинителство

Архивска фотографија- Премиерот Зоран Заев се сретна со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски

Откако ВМРО-ДПМНЕ ги најави клучните забелешки за предлог законот за ЈО, правните експерти коментираат дека нема големи разлики со владиниот предлог. Политичките аналитичари пак очекуваат да се испробаат сите опции за законот да биде донесен до 15 септември.

Неколкуте разлики меѓу Владата и ВМРО-ДПМНЕ за законот со кој ќе се реши иднината на Специјалното јавно обвинителство, според правните експерти не се многу големи за да реално ја закочат работата околу неговото носење. Според Маргарита Цаца Николовска од Институт за човекови права треба да се има предвид што претходно во процесот на разговори меѓу работните групи на двете страни било барано и колку од тоа е сега инкорпорирано во предлог законот кој владата го усвои и го испрати во собраниска процедура.

“Се друго сметам дека на некој начин претставува некаков организационен проблем кој може да се реши на друг начин, а не да се стопира донесувањето на законот ”, вели Цаца Николовска.

Инаку лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски минатата недела ги навести разликите меѓу нивниот предлог и она што го објави владата.

Кои се клучните разлики?

Првата забелешка на опозицијата беше за изјавата на Заев дека новото обвинителство ќе го води обвинителката Вилма Русковска која во моментов е на чело на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Како свој предлог лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го даде разрешениот судија Владимир Панчевски. Понатаму, ВМРО-ДПМНЕ бара обвинителите од СЈО да се вратат во матичните обвинителства, а владата предлага тие да продолжат да работат во новото ЈО.

Во однос на предметите кои веќе ги води СЈО, Владата предлага сите случаи кои се пред судовите да ги продолжи новото Јавно обвинителство, а ВМРО-ДПМНЕ бара нив да ги преземе државниот јавен обвинител и да ги прераспредели согласно со процесите онаму каде тие дела припаѓаат.

Владата предлага СЈО да се интегрира со досегашното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и да има нов назив: „Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција“.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, предлага тоа да биде посебно одделение во рамките на обвинителството кое што ќе се нарекува одделение за гонење на организиран криминал и висока корупција.

Опозицијата има забелешка и за предлогот за финансиска независност на новоформираното обвинителство. ВМРО-ДПМНЕ бара таква независност да има целокупното државно обвинителство.

Ќе има ли пак преговори?

Ваквиот развој на настаните ја одложи и процедурата за носење на законот. Првично претседателот на Собранието Талат Џафери собраниската седница за законот ја најавуваше за понеделник, но инсистираше и на консензус, оти за да се донесе неопходни се 80 пратенички гласа. Сега, седницата е закажана за 27 август и се отвора прашањето дали ќе се стигне да се заврши се до 15 септември, кога завршува со работа сегашното СЈО, а САД и ЕУ очекуваат да се продолжи неговата работа преку носењето нов закон. Според политичкиот аналитичар Алберт Муслиу ќе се испробаат сите опции за да се донесе законот до предвидениот рок.

“Компромисот е потребен, можно е тој да биде постигнат и преку лидерски средби оти кај нас тие станаа неформален дел од политичкиот живот заради тоа што и не се направени структурни реформи во парламентарниот живот. Вакви преговори во развиените демократии се водат во парламентот, а кај нас се забрзуваат процесите на лидерските средби”, вели Муслиу.

За лидерска средба останува и првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, но за разлика од премиерот Зоран Заев кој нуди три теми за разговор, опозиционерот бараше да се разговара само за една- за предвремени парламентарни избори.