Достапни линкови

Неделници - Како Рекет ќе се одрази на СЈО, датумот и Заев?


Прес-конфернција на Јавното обвинителство за случајот Рекет.

Магазинот Глобус прашува дали Боки 13 бил во спрега со самиот Камчев во аферата Рекет, со се урна СЈО? Капитал пишува дека Рекет ја поткопува Владата, ама не и датумот за преговори, а Фокус анализира дали како што Пучот го сруши Груевски, дали на Заев ќе му пресуди Рекетот?

Глобус – Дали Боки 13 бил во спрега со Камчев?

„Кој да го поправи лифтот?“ – прашува авторот на текстот во онлјан магазинот Глобус во кој авторот излегува со една интересна теза, сосема различна од досегашните приказни што се вртат во јавноста. „Прашањето на сите прашања е дали Боки 13 бил во спрега со самиот Камчев, а дека сето ова што го следиме е претстава за сите нас?“ – пишува Глобус. „Впрочем, дали не се забележува дека во мигот по отворањето на аферата ’Рекет‘ сите заборавија кој е Камчев, односно дека од криминалец од прв ранг“ – како што го нарекува неделникот, „се претвори во жртва на системот, едновремено за миг ја сруши институцијата СЈО и ги компликуваше релациите меѓу партиите во и онака заплетканата ситуација со одредувањето на иднината на СЈО, а со тоа битно се подобруваат изгледите на политичката мафија која кај нас е муштерија на оваа инстуција?!“ – пишува покрај другото авторот на текстот во онлајн неделникот, чудејќи се што во земјава има толку сили коишто се трудат да го закочат неопходниот òд на општеството напред, макар и со минимален чекор. „Дури и тогаш кога годината треба да ја украсат две симболични помрднувања во посакуваниот правец, некој го расипува лифтот што оди нагоре“, заклучува Глобус.

Капитал - Рекет ја поткопува Владата, ама не и датумот за преговори

И Капитал се занимава со „Гордиевиот јазол“ создаден со рекетарската афера, за тоа дали првата жена на СЈО, Катица Јанева е вмешана во дејанијата на засега само двајцата осомничени и притворени – Бојан Јовановски и Зоран Милески и како сето тоа ќе се одрази на нашите евроатлантски интеграции. Неделникот има прилично оптимистичен наслов на анализата, што се однесува до интеграциите, но не и за судбината на Владата на Заев: „Дали македонските интеграции се заплеткани низ криминалните мрежи - ’Рекет‘ ја поткопува Владата, ама не и датумот за преговори“. Според неделникот, европските челници ги гледаат и аферата и реакциите на властите како дел од расплеткување на македонските криминални мрежи. Капитал едновремено е категоричен дека „овој оптимистичен поглед премиерот Зоран Заев сепак ќе мора недвосмислено да го оправда, расчистувајќи го скандалот бескомпромисно и до крај... и тоа не толку заради европските математики, туку заради неисполнетата обврска пред македонските граѓани за борба со криминалците“ – пишува Капитал.

Фокус - Пучот го сруши Груевски, дали на Заев ќе му пресуди Рекетот?

И Фокус е сомничав во врска со судбината на Владата на премиерот Зоран Заев. На насловната пишува: „Сценарио или судбина - ’Пучот‘ го сруши Груевски, дали на Заев ќе му пресуди ’Рекетот‘?“ , а во текстот се потсетува дека „Пуч“ беше по пријава на тогашниот премиер, површно скоцкан да се покријат бомбите, а нарачателот на прислушувањето да се дислоцира од УБК во странските служби. И за случајот „Рекет“, продолжува Фокус, излезе дека во обвинителството го пријавил актуелниот премиер. „Ако истрагата не даде издржани одговори каква е инволвираноста на Катица Јанева и дали се вмешани луѓе на високи позиции во власта, СДСМ тешко дека ќе ’преживее‘ на следните избори“. Во воведната, пак, колумна неделникот смета дека Мицкоски и неговата партија која е заробена во заштитништвото на режимот на Фамилијата, денес се поживи од кога и да е, не поради медиумската врева на владините пропагандисти дека таа врева против Заев и неговата Влада ќе го вратела ВМРО-ДПМНЕ на власт, туку тоа ќе се случи со огромна заслуга на Заев и на Јанева, двата симбола на борбата против злото, подвлекува Фокус.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG