Бугарски избори- тешко до промена за македонското прашање

Концерт на лидерот на Има таков народ Слави Трифонов за завршување на изборната кампања

Решение на македонско-бугарскиот спор не треба да се очекува до 2022 година, оценува професорот Марјан Ѓуровски коментирајќи ги изборните резултати во Бугарија. Поранешниот вицепремиер Васко Наумовски пак смета дека промената на политичката сцена, нема да донесе промена во позициите за Македонија.

Изборите во Бугарија донесоа нејасна слика на тамошната политичка сцена која не ветува брзо формирање влада. Малата победа на актуелниот премиер Бојко Борисов и речиси неможноста да формира нов кабинет, ги поматија сметките и на македонската влада.

И премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи очекуваа по изборите во Бугарија веднаш да се влезе во решавање на проблемот меѓу двете земји поради кој официјална Софија го блокираше македонскиот европски пат. Со интензивните комуникации со своите колеги, очекувањата во Скопје беа дека ќе се добие можност во јунско-јулските самити на ЕУ да се донесе консензус за преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција.

Развојот на ситуацијата кај источниот сосед, според Марјан Ѓуровски проректор на Универзитетот Свети Климент Охридски носи една добра и една лоша вест за Македонија. Добрата е, вели тој за Радио Слободна Европа, што националистите се поразени, а лошата е дека во скоро време, до крајот на годината, поради внатрешните комбинаторики во Софија тешко е да се очекува решение на проблемот.

„Парламентарните изборни резултати не ветуваат дека наскоро може да дојде до решавање на македонско-бугарското прашање и давање на зелено светло за започнување на преговорите и барем во наредните девет до 12 месеци ќе биде ставено на стенд бај во суштина прашањето“ вели Ѓуровски.

Поразот на националистите не најавува поинаков став за Македонија

Националистите во Бугарија, пред се преставени преку лидерот на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов, кој од позиција на министер за одбрана и вицепремиер беше најгласниот говорник за блокирањето на Македонија се додека не признае дека нејзината историја била бугарска, изгубија на овие избори, а тој не успеа да го помине избориниот праг од четири отсто.

Видете и ова: Шоуменот Слави - клучна фигура по изборите во Бугарија?

Бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа анализирајќи го поразот на националистите, пишува дека тие водеа војната против либералните вредности, водеа кампања со лажни вести против Истанбулската конвенција за превенција и борба против насилството врз жени и ја принудија владата да се откаже од неа, го блокираа социјалното законодавство и го принудија ГЕРБ да го блокира почетокот на преговорите на Македонија со Европската унија.

Но, без разлика на тоа што Каракачанов ги загуби изборите, а ГЕРБ чија влада ја блокираше Македонија не се знае дали пак ќе ја предводи владата во Софија, промени во однос на македонското прашање сепак е тешко да се очекуваат.

Позицијата на партијата Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов, која според резултатите е втора на изборите, веднаш зад ГЕРБ всушност има е иста како на ВМРО-БНД, а нејзе ја споделува и Бугарската социјалистичка партија БСП, која е трета сила по неделното гласање.

Според Васко Наумовски, поранешен вицепремиер и амбасадор на Македонија во Соединетите Американски Држави тоа што поголемиот дел од новите партии кои влегоа во бугарскиот парламент го споделуваат истиот став за македонското прашање не ветува голем напредок во спорот.

„Имено, не е причината само во националистичките партии, туку и оние мејнстрим партии, па дури и овие новоформирани партии го споделуваат мислењето кое што претходно им беше зацртано и за кое што имаше консензус во парламентот“, вели Наумовски.

Големи промени во бугарскиот парламент

Инаку, досега сите партии во Бугарија се повикуваа на декларацијата која што ја донесе бугарскиот парламент во 2019 година за напредокот на Македонија и Албанија во Европската унија и во која всушност се поставија бугарските услови. Парламентарниот состав по овие избори е речиси половина сменет, па во Собранието во кое има 240 места, влегуваат три нови политички сили- Има таков народ, Демократска Бугарија и Исправи се, а очекувањата се тие заедно да имаат околу 90 пратеници.

Видете и ова: Борисов: уморен сум да ја сносам целата одговорност сам

Тие ако се одлучат да прават владино мнозинство е можно да ја добијат поддршката и од Бугарската социјалистичка партија која има околу 40 пратеници. Како што изјави Христо Проданов од таа партија за бугарската телевизија Нова тие би можеле да поддржат влада предводена од Слави Трифонов. Тој не го користеше македонското прашање како главно во изборната кампања, како што тоа го правеше Каракачанов, но неговиот став е дека Македонија мора да ги признае историските бугарски корени, а тие ќе ја признаат сегашноста- македонскиот јазик и нацијата.

„Ова е најдобриот предлог кој може да го добијат“, наведе Трифонов пред почетокот на изборната кампања и нагласи дека ако земјава не се соочи со историските бугарски корени ќе постои надвор од Европската унија.

И од БСП сметаат дека Македонија не може да стане членка на Европската унија за сметка на бугарските национални интереси. Од новите партии што влегуваат во Собранието Демократска Бугарија има поумерен став. Од таму сметаат дека не треба да се потценува прашањето за минатото, но дека во блокадата на земјава има проблеми поради тоа што постои голем ризик поради бугарската позиција да се затвори прозорецот за евроинтеграциите на Македонија и Балканот на долг рок и со тоа би се дало огромен историски бонус на оние сили кои иднината ја замислуваат во орбитата на Белград, Москва и Пекинг.

Други партии кои освоија гласови- Движењето за правда и слободи(ДПС) освои 30 пратеници, а Исправи се 14. ДПС смета дека Бугарија не требаше да го блокира почетокот на преговорите на земјава со ЕУ, а Исправи се дека позицијата на досегашната бугарска влада е оправдана и принциепиелна.