Достапни линкови

Бугарските партии се обидуваат да капитализираат на македонското прашање


Изборна кампања на ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов

Во последниве десетина дена пред изборите во Бугарија кои ќе се одржат в недела, стигнаа речиси исто толку реакции и изјави од Софија, а Скопје возврати на една- на спотот на потпретседателот на ВМРО-БНД Ангел Џамбазки со територијални претензии кон Македонија.

"Разговарав со Виктор Стојанов за неговата иницијатива за праќање на бугарски книги во Република Северна Македонија“. Со ваква изјава и средба бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева го почна денот, кој е на четири дена до предвремените парламентарни избори во таа земја. Активностите на бугарските политичари непосредно пред изборите, а во кои се вклучуваат односите со Скопје зачестија.

За случајот за кој е повикан Стојанов, бугарските книги, кои викендот беа вратени од граничниот премин Деве Баир од Царинската управа посочија дека не е проблем да се внесат книги во толкава количина, но она што било проблем е што тие иако биле декларирани како подарок за Културно информациониот центар на Бугарија во земјава, таквата изјава била потпишана само од испраќачот, но не и од примачот- Културно информациониот центар на Република Бугарија, ниту пак од Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.

Кај Захариева деновиве беа и претставници на Центарот за култура Иван Михајлов од Битола. На двајцата, Љубчо Георгиевски и Георги Црномаров, министерката им порача- Бугарија нема да ве остави сами.

Претходно министерството за надворешни работи на соседната земја реагираше и за извештај на словенечкиот институт ИФИМЕС во кој Софија тврди дека се навредува Бугарија, а го поврзува со македонската влада.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија последниот случај со пратеникот од ВМРО-БНД Ангел Џамбазки кој сними спот со кадри од Македонија завршувајќи со изјавата Македонија е бугарска, а Бугарија е над се, а на кој официјално Скопје реагираше, е нешто на што требало да се реагира. На другото вели тој, треба да се гледа како на обид да се вовлече земјава во нивната изборна кампања.

„Тие се и од многу понизок степен на важност за билатералните односи на двете земји. Мислам дека Македонија мора да реагира на сериозни закани, но не на сите закани земајќи предвид на предизборната камппања во Бугарија. Сметам дека која било провокација од страна на Бугарија треба да биде игнорирана, со исклучок на оние кои директно навлегуваат во нашите внатрешни работи во смисла на територијален интегритет“, вели Трошановски.

Таканареченото македонско прашање во Бугарија, како што самиот вели, како државно прашање го наметна вицепремиерот, министер за одбрана и лидер на ВМРО-БНД Красимир Каракачанов. Голем дел од неговата изборна кампања, тој и пратеникот Џамбазки зборуваат за односите со Скопје, а празникот на жената 8 март Какарачанов го честиташе со мапа од Санстефанска Бугарија во која влегува и Македонија. Тогаш македонската влада не реагираше коментирајќи дека тие чекори не одат во полза на добрососедството, но дека се дел од изборниот декор во Бугарија.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи вели дека има разлика меѓу картатата што ја објави Каракачанов и спотот на неговиот партиски заменик Џамбазки.

„Тоа со Џамбазки беше јасна политичка цел декларирана преку спот и не е исто како со мапата на Каракачанов. Знаеме ние дека и во минатото, позади наши високи функционери имаше карти. Кај Џамбазки е друга пораката и затоа и бугарската страна реагираше и се огради“, вели Муслиу.

Бугарското Министерство за надворешни работи по нотатата од македонските колеги за видеото соопшти дека смета дека предметниот материјал е „неумесен“, а дека пораките изразени во видеото не го изразуваат официјалниот став на бугарската влада. Но и покрај силната кампања на ВМРО-БНД за македонското прашање партијата според последните испитувања на јавното мислење во Бугарија „Маркет линкс“ е под цензусот за влегување во парламентот со 3,3 отсто доверба кај гласачите.

„Партиите кои што се на маргините, како оваа ВМРО-БНД, за нив сите вести се добри вести макар биле и лоши и од тука видливоста што им ја обезбедува секој скандал што ќе го направат им оди во прилог. Останатите партии ќе се обидуваат да капитализиираат на ова прашање но прилично ќе бидат внимателни земајќи предвид дека тие ќе бидат носители на власта, дали се тоа ГЕРБ или БСП“, вели Трошановски.

Според анкетата на „Маркет линкс“ , пет политички партии ќе влезат во составот на новиот бугарски Парламент. Тоа се ГЕРБ, БСП, ДПС, „Има таков народ“ и Демократска Бугарија. Изборите ќе се одржат на четврти април.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG