Достапни линкови

Изборите во Бугарија нема да ја деблокираат македонската ЕУ интеграција


Лидерката на БСП Корнелија Нинова и лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов, двете партии со најголема поддршка според испитувањата на јавното мислење

Досега позициите на речиси сите бугарски парламентарни партии за македонското прашање беа исти. Изборите напролет ,според испитувањата на јавното мислење, ќе донесат три нови партии во парламентот, но од нив две имаат исти позиции за односот на Софија кон Скопје.

Десетици изјави на македонските политичари поврзани со проблемот со Бугарија наведуваат на тоа дека подобар исход во разговорите официјално Скопје очекува по тамошните избори кои треба да се одржат во март. Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, пак, се обиде да ги намали ваквите очекувања на македонските колеги. Таа рече дека Македонија „е во заблуда, ако мисли дека изборите ќе го сменат ставот на официјална Софија.

„Погрешна е претставата дека нешто ќе се смени по изборите кај нас. Ако нешто се смени, тоа нешто може да биде полошо за нив“, вели Захариева.

Бугарската позиција досега, преставена и во нивниот парламент, беше речиси единствена. Таа е содржана и во декларацијата на бугарското собрание од 2019 година за која гласаа 129 пратеници, четворица беа против и еден беше воздржан.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, пак, на прашањето врз основа на што го темелат ставот дека по изборите ќе има поповолни позиции, вели дека во секоја држава предизборната атмосфера ги киднапира процесите. На конкретното прашање, зошто очекуваат промени во односот кон Македонија по изборите ако декларацијата за земјава беше поддржана од речиси сите партии во парламентот вели „позицијата на Бугарија е дефинирана во договорот потпишан меѓу нас и нив“.

„Ние се водиме по тој договор. Менувањето на ставовите во однос на договорите кои се потпишани не помага во процес на создавање на доверба и предвидливост меѓу државите“, вели Османи за РСЕ.

Бујар Османи за бугарските избори
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:15 0:00
Директен линк

Каква е можноста да се смени бугарската позиција по изборите?

Според испитувањето на јавното мислење спроведено од 15 до 21 декември од агенцијата Алфа рисрч пролетните избори би внесле шест партии во парламентот. Водечка е партијата на актуелниот премиер Бојко Борисов ГЕРБ со 24,3 отсто, следна е опозицисиката БСП со 21,9 отсто, трета е „Има таков народ“ на популарниот бугарски шоумен Слави Трифонов со 10, 2 отсто, ДПС има околу седум отсто поддршка, Демократска Булгарија со 6,1 отсто, Платформата Исправи се.бг има речиси пет отсто. Партијата на актуелниот министер за одбрана и вицепремиер Красимир Каракачанов продолжува со намалување на поддршката и според ова испитување на јавното мислење нема да влезе во парламентот, бидејќи за неа се изјасниле дека ќе гласаат само 2,7 отсто од испитаниците. Ставот на двете најголеми партии ГЕРБ и БСП за Македонија е идентичен и поврзан со тоа дека земјава треба да ги признае историските корени.

Партијата на Каракачанов која и е дел од владејачката коалиција со ГЕРБ е на последно место во анкетите, а на нив како трета испливува новата партија на Трифонов. Позициите на неговата партија “Има таков народ“ се чини не се многу поразлични од оние на Каракачанов.

Трифонов неодамна излезе со предлог кон Македонците кои подоцна ги нарече, северномакедонци. Неговиот предлог е Македонија да ги признае историските бугарски корени, а тие да ја признаат сегашноста- македонскиот јазик и нацијата. Ова е најдобриот предлог кој може да го добијат наведе Трифунов кој нагласи дека ако земјава не се соочи со историските бугарски корени ќе постои надвор од Европската унија.

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија во секој случај треба да се почека да завршат изборите, оти како што вели, предизборниот период е секогаш проблематичен за барање решенија.

Исходот од изборите е непредвидлив, вели тој, додавајќи дека непредвливоста се однесува на тоа кои ќе бидат коалиционите партнери најверојтно на ГЕРБ, според досегашните испитувања на јавното мислење.

„Ако влезе Слави Трифонов во владата, кој иако е трета сила не се знае дали ќе биде дел од владејачкото мнозинство мислам дека тогаш исти ќе бидат констелациите како пред изборите, односно какви што се сега со Каракачанов и мислам дека тоа значително ќе ја отежни шансата да најдеме заедничко решение“, вели Трошановски.

Две партии со поумерен став

Инаку, четвртата партија според испитувањата на јавното мислење, ДПС не ја поддржува позицијата на бугарската влада. Според нив Бугарија не требаше да го блокира почетокот на преговорите на земјава со ЕУ, Договорот за пријателство од 2017 година не треба да се изедначува со Договорот од Песпа, а решението на проблемот е во подготовка на патоказ со кој би се решиле спорните прашања меѓу двете држави.

Петата партија според испитувањето на јавното мислење, Демократска Бугарија има поумерен став. Од таму сметаат дека не треба да се потценува прашањето за минатото, но дека во позицијата на власта има проблеми поради тоа што постои голем ризик поради бугарската позиција да се затвори прозорецот за евроинтеграциите на Македонија и Балканот на долг рок и со тоа, сметаат од таму, би се дало огромен историски бонус на оние сили кои иднината ја замислуваат во орбитата на Белград, Москва и Пекинг.

Шестата партија Исправи се.бг пак сметаат дека позицијата на бугарската влада е оправдана и принциеплна.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG