Полициски час - приведувања и протести

Архивска фотографија - Полициски час во Скопје

МВР постапува неселективно во однос на сите што поттикнуваат или не го почитуваат полицискиот час, изјави министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. За настанот во Ченто тој вели дека има политичка заднина. Граѓаните не ги почитуваат мерките оти не се свесни за опасносните и не знаат што може да им се случи ако прекршуваат полициски час, смета социологот Рустеми.

Полицијата вчера уапсила тројца граѓани кои биле затекнати во група на улица во време на полициска час, кои потоа се ослободени. Едниот од нив како што рече министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, се изјаснил дека е советник во Општина Газа Баба од редовите на СДСМ. По веста за нивното апсење десетици граѓани излегле на протест во време на полициски час.

Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев рече дека инцидентот бил тенденциозен и имал политичка заднина. Тој вели дека полицијата постапува неселективно.

„Политичката позадина не го оправдува поведението на вчерашниот настан во Ченто, туку говори за тенденциозно загрозување на здравјето на граѓаните кои живеат во овој дел од градот, а кое е предизвикано, меѓу другото, и од политички побуди“, рече Чулев.

Тој апелира до сите политичките чинители да се воздржат од изјави и постапки со кои ќе се обидат да ги прекршат законите и да ги нарушат меѓучовечките односи во општеството.

„Таквите изјави и постапки се само еден вид долевање на масло на огнот и во онака тешката состојба во која се наоѓа државата, а дополнително ја отежнуваат работата на полициските службеници“, вели министерот за внатрешни работи.

Видете и ова: Чулев - За друштвен народ ригорозни анти-корона мерки

Чулев вели дека групата граѓани се собрале на протест оти добиле лажни информации дека тројцата лишени од слобода се малтретирани од страна на полицијата и дека се уапсени во своите домови.

Луѓето не се свесни за опасностите

Социолог професор Агрон Рустеми во Штуловиот Универзитет вели дека дел од луѓето не го почитуваат полицискиот час оти како прво уште не се свесни колку е штетен вирусот за нив и за нивните блиски, друга работа е што во државата за првпат има полициска час, па граѓаните се уште не знаат што може да им се случи ако го прекршат. Професорот предлага државата преку кампањи појасно да им објасни на граѓаните колку опасна е ситуацијата или пак да се воведат построги мерки.

„Ние сме општество каде што немаме свест за колективното добро. Кога лекар со големо искуство на Фејсбук кажува за штетните последици од коронавирусот и се гледа дека го гледаат околу 300-400 луѓе и од друга страна некој што вози камион, кој што исто така зборува за коронавурусот него го слушаат 2000 луѓе, тоа пак укажува за несвеста на граѓаните да се справат со ова. Уште мислам дека не сме развиени до тоа ниво да имаме одговорност и колективната свест не е развиена колку што треба во нашето општество“, вели професор Рустеми.

Тој вели дека ситуацијата налага за повисоко добро и да се прекршуваат дел од правата на граѓаните. Тој дава пример со справувањето со вирусот во Албанија и како тамошниот премиер Еди Рама објавува на социјалните мрежи видеа од болниците во Италија на кои се гледа како умираат луѓе.

„Тоа се слики што еден политичар не би требало да ги извади, но го сфаќам Еди Рама, затоа што на тој начин сака да го подигне нивото на свесност - гледајте што може да ви се случи, значи што треба да правите – само да седите дома“, вели професорот.

Видете и ова: За Велигден 85 часа дома - што сè нè очекува

Откако е воведена вонредната состојба во државата поради заканата од коронавирусот, полицијата секојдневно регистрира во просек по околу стотина прекршувања на забраната за движење, а повремено се регистрираат и луѓе кои не ги почитуваат мерките за изолација. Тие што не ги почитувале мерките одговараат според член 206 од Кривичниот закон за вонредни услови и непостапување според здравствените прописи во време на пандемија, за што се предвидени парични казни или казна затвор до една година. Тие пак што одговараат по член 205 од Законот, односно за пренесување зараза, може да добијат парична казна или затвор до три години.

Основното јавно обвинителство заклучно до 10 април има поднесено 756 кривични пријави за непочитување на мерките за борба против коронавирусот според член 206.