Обвинителство три години без одлука за кривичната против Усје – Град Скопје бара објаснување

Графичка илустрација - Орце Ѓеорѓиевски, градоначалникот на Град Скопје чека одлука за кривичната пријава против „Усје“

Град Скопје чека одговори зошто и по три години нема одлука по кривичната пријава против „Цементарница Усје“. Обвинителството вели дека сè уште прибира докази, но Инспекторатот веќе повел прекршочна постапка во Кривичниот суд, што според правни експерти, може да ја запре кривичната пријава.

Град Скопје побара објаснување од Советот на јавни обвинители зошто и по три години сè уште нема обвинителска одлука по кривичната пријава против „Цементарница Усје“, потврди за Радио Слободна Европа градоначалникот Орце Георгиевски и доддаде дека ќе ја извести јавноста за одговорот што ќе го добие. Барањето за објаснување Град Скопје како подносител на кривичната пријава го доставило вчера, на 4 февруари.

Сепак, во оваа фаза постои можност оваа кривична постапка да запре затоа што Државниот инспекторат за животна средина веќе повел прекршочна постапка пред Кривичниот суд во Скопје во 2023 година. Ако станува збор за исто дело, законот не дозволува едно правно лице да одговара два пати, со што може да ја отфрли кривичната пријава. Од Инспекторат велат дека не знаат за што се однесува кривичната пријава на Град Скопје и дали нивниот случај е различен.

„Ако сега Кривичниот суд излезе со прекршочна казна и ја достави до Јавното обвинителство, и ако се утврди дека станува збор за иста постапка, тогаш јавниот обвинител ќе ја запре кривичната постапка“, вели поранешниот јавен обвинител Константин Кизов.

Видете и ова: Двете различни пријави може да го спасат УСЈЕ од кривична за загадување

Обвинителството три години собира докази

Од скопското обвинителство за Радио Слободна Европа велат дека постапката за кривичната пријава е сè уште во тек и дека обвинителот врши проверки за да се утврдат сите околности потребни за обвинителска одлука, при што „побара од Државниот инспекторат за животна средина да се произнесе во однос на поврзаноста помеѓу мерењата на ПМ10 честичките во непосредна близина и регистрираната емисија од Цементарница ТИТАН Усје во наведениот период.“

Од Државниот инспекторат за животна средина ни одговорија дека скопското Обвинителство во 2023 година барало информации од инспекторот кој тогаш вршел надзор во Усје и дека ги добило.

Како дојде до две паралелни постапки?

Град Скопје под водство на тогашната градоначалничка Данела Арсовска кривичната пријава против Усје ја поднесе во јануари 2023 година, откако со акредитирана лабораторија било направено мерење на 3 и 4 јануари и било утврдено дека котлите за загревање на фабриката работеле на мазут наместо на природен гас и дека во тој период загадувале над дозволеното со ПМ10 честички и азотни оксиди.

Случајно или не, истите денови, на 3 и 4 јануари „ненајавено вонредно мерење“ направил и Државниот инспекторат за животна средина, како што потврди и самата компанија Усје во соопштение.

Видете и ова: „УСЈЕ“ ги отфрла обвинувањата на Арсовска дека загадува, но признава дека имало отстапување

Од Инспекторатот велат дека во тој период нивниот инспектор направил мерења со акредитирана лабораторија „Еуромак-Контрол“, со кое било утврдено дека емисиите на гасовите од котларата за интерно загревање на фабриката работеле на мазут и загадувале над дозволеното со азотни оксиди. Загадување не било утврдено од оџаците на производствениот процес.

По ова Град Скопје ја поднел кривичната пријава против Цементарница ТИТАН Усје и извршниот директор на фабриката Борис Хрисафов, а истовремено Државниот инспекторат за животна средина започнал спогодбена постапка за која, како што известија не постигнале договор.

„Од тие причини Државниот инспекторат за животна средина согласно регулативата поднесе барање за поведување прекршочна постапка во Основен кривичен суд Скопје. Досега се одложени две рочишта“, велат од Инспекторатот.

Нема двојна одговорност за исто дело

Радио Слободна Европа уште тогаш пишуваше дека спорно во оваа ситуација е токму поведувањето на две различни постапки во исто време, една кривична и една прекршочна.

Од Македонското здружение на млади правници ни објаснија дека Законот за прекршоци не дозволува некој повторно да биде санкциониран за прекршок за кој веќе била водена постапка и за истото дејствие му била изречена кривична или прекршочна санкција.

Кривичната пријава тогаш стигна кај јавниот обвинител Анел Фидоски, кој на почетокот на оваа година стана шеф на Јавното обвинителство Скопје.

Од скопското Обвинителство за Радио Слободна Европа велат дека институцијата во моментов „постапува по пријавата и испитува дали постојат елементи на кривично дело“.

Видете и ова: Нема кривични пријави за големите загадувачи

Пријавата е поднесена по член 234 од Кривичниот законик: „Тешки дела против животната средина и природата“ и по член 218: „Загадување на животната средина и природата“.

„Наместо дозволениот максимум од 50 микрограми на метар кубен, фабриката испуштала 121 микрограми на метар кубен секој час, а зголемување било забележано на азотни оксиди за најмалку два пати, наместо дозволените 350 микрограми на метар кубен се испуштале 711 микрограми на метар кубен секој час.“, се вели во соопштението на Град Скопје.

Усје тогаш ги отфрли обвинувањата на Арсовска дека загадува, но призна дека имало отстапување од котларата за загревање на просториите по наводите на Инспекторатот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Татеши: Индустријата сама го мери загадувањето, инспекторатот проверува само ако има сомнеж

Сè зависи како е заведена пријавата

Поранешниот обвинител Кизов за времетрањето на постапката вели дека зависи од тоа како е заведена: Ако е пријава во предистражна фаза (РО), или (ВРО) тогаш обвинителството прво мора да утврди дали воопшто постои кривично дело што се гони по службена должност.

Во такви случаи, вели тој, обвинителите собираат дополнителни докази, прават проверки, стручни вештачења и анализи и откако ќе се комплетира доказниот материјал, предметот може да премине во постапка против познат сторител и да се одлучи дали ќе има истрага и обвинение.

„Се зависи и од висината на кривичното дело - дали ќе се оди на истрага или на собирање на потребни известувања, односно сослушување кај јавниот обвинител“, вели Кизов.

Тој додава дека во одредени постапки обвинителот не може да се потпре само на еден извор на податоци. На пример ако станува збор за загадување што влијае врз поширока популација, може да бара мислења и мерења од повеќе институции, за да се утврди дали загадувањето навистина потекнува од конкретната фабрика.

Видете и ова: Скопје меѓу градовите со најзагаден воздух, откажани авионски летови

Но, додека и натаму останува неизвесно дали двете различни пријави ќе го спасат УСЈЕ од кривична одговорност за загадување, проблемот со високо загадениот воздух во Скопје останува и во зимските месеци достигнува опасни нивоа.

Изворите на загадување се бројни, а лекарите и здравствените работници постојано укажуваат дека токсичните гасови се поврзани со зголемен број карциноми, респираторни и кардиоваскуларни заболувања, како и со предвремени смртни случаи.

Загриженоста кај граѓаните се продлабочува, а се зголемува и недовербата во институциите и мерките за контрола.

Во последните месеци се случуваат граѓански протести и блокади насочени кон загадувањето од Цементарница ТИТАН Усје, која жителите ја посочуваат како голем фактор за индустриското загадување во градот.

Иницијативата „Стоп за Усје“ бара поставување независни мерни станици околу фабриката и целосна транспарентност на податоците за емисиите на компанијата.