Собранието го донесе Законот за контрола на индустриски емисии за да се усогласи со стандардите на ЕУ. Во Законот има одредби кои дозволуваат привремени отстапувања за големата индустија. Зошто сѐ уште законски ќе се дозволуваат прекршувања, а постројки како РЕК Битола загадуваат со сулфур диоксид 11 пати над дозволеното?
Законот ја пренесува Директивата на ЕУ за индустриски емисии во нашето законодавство. Тоа е обврска што мора да ја спроведеме, тоа е дел од преговорите за членство во ЕУ. Она што треба да биде јасно е дека Директивата исто така дозволува привремени отстапувања: За случаи каде што мора да се обезбеди јавна услуга, кога има некакво пореметување на пазарот, влијае на пристапот на горива, па дури и да се овозможи користење на помошно гориво наместо увозно, но овие отстапки и кај нас во законот секако се привремени. За нив се бара конкретна дозвола, причините мора да се објективни, добро поткрепени и добро документирани. Законот кај нас не е толку различен од овие барања на Директивата.
Кај нас проблемот е повеќе што не станува збор за добро оправдани исклучоци, туку големите инсталации, особено во енергетскиот сектор, веќе долго време работат надвор од дозволените граници. ТЕЦ Битола по својот производствен капацитет воопшто не е голема електрана, ако се разгледува во европски рамки, а по емисиите на сулфур диоксид е една од најзагадувачките во Европа, редовно е во топ пет.
Ова се случува иако електраните уште од јануари 2018 година требаше да се усогласени со граничните вредности од таа постара директива за големи согорувачки инсталации, што кај нас постои во законодавството уште од пред тоа. Но, иако има проблеми во законите, и во овој Закон конкретно има некои нејаснотии што може лесно да се корегираат, кај нас најголемиот проблем е владеење на правото.
Битола како термоелектрична централа во нивната еколошка дозвола има рок да воспостави континуирано следење на емисиите сега во декември 2025 година, а законски тоа беше обврска уште од 2012 година. Рокот за филтер за прашина, или како што велиме ПМ честички, е исто така во декември 2025 година, а тој требаше да биде оперативен уште во 2018 година. Рокот за изградба на постројка за десуфоризација е декември 2026-та, а обврската беше следната година таа веќе да биде целосно оперативна - потребни се три-четири години за да се изгради, за да се спроведе.
Од таа перспектива би рекол дека воопшто не е битно кои се дефинираните отстапки во законот и дали се тие добро оправдани, и дали се добро дефинирани во овој момент, особено затоа што Законот ќе стапи на сила за две години од сега и може да се корегираат. Проблемот е што ние веќе 25 години работиме со нелегални отстапки и тоа нема да се промени со овој Закон сега во моментов.
Колку држвата е подготвена да го спроведе законот од аспект на инспекциски контроли и казни?
Државата и на национално ниво и на локално ниво има мал капацитет за инспекции во животна средина. Државниот инспекторат за животна средина веќе со години наназад се жали дека има недостаток на кадар за целосно да ги спроведува нивните планирани активности - годишни планови што ги имаат за инспекциски надзор. На локално ниво е уште полошо. Овој закон не ги контролира само големите индустрии, туку и оние Б-инсталации што се помали и кои се во надлежност на општините. Имаме општини каде што воопшто нема инспектор за животна средина и нема начин како тоа да се контролира редовно, правилно, а каде е тука допрва да стигнеме до казнување на тие прекршувања коишто се случуваат.
Според законот, индустријата ќе може да класифицира дел од информациите како „деловна тајна“. Како ја оценувате оваа одредба во контекст на земја која веќе има проблем со казнивост на големите загадувачи?
Ова е апсолутно најспорниот дел од Законот, бидјеќи во ЕУ Директивата нема вакво нешто. Европските директиви поставуваат некоја минимална законска рамка што земјите треба да ја исполнат, со што нели може и поамбициозни да бидеме од тоа. Во случај кога треба да кажеме дека не сме усогласени, тоа се случаи кога законот целосно спречува да се спроведе таа директива. Оваа одредба, е баш таква одредба. Директивата се стреми кон целосна транспарентност, суштинско учество на јавноста во подготовка и во издавање на интегрирани еколошки дозволи.
Ако дизајнот на инсталацијата, активностите што се вршат во неа, составот на суровините и другите работи таму што се наведени, кои се основата што одредува мерки за намалување на загадувањето и ако тие се деловна тајна, секоја постапка за издавање на една интегрирана еколошка дозвола ќе биде спорна.
И дополнително, интегрирана еколошка дозвола како документ што нели по нашите закони е јавен и консултиран со јавноста, ако не содржи јавни и јасни информации за суровините и производствениот процес, затоа што тие биле деловна тајна, инспекторите нема да може ниту да утврдат прекршувања во тие процеси.
Со каков предизвик ќе се соочи државата кога во 2027 година ќе треба да воведе јаглероден данок и колку сега се подготвува за тоа?
Она што кај нас е познато скратено како „CBAM Carbon Border Adjustment Mechanism“ - механизам за гранично порамнување на цената на јаглеродни емисии, стапува на сила во јануари 2026 година, а ќе почне да се наплаќа од 2027 година, односно сѐ што било тргувано во 2026 со ЕУ од овие јаглеродно интензивни индустрии, ќе биде наплатено после во 2027 година.
Од тој аспект, било која подготовка сега е веќе задоцнета. Имаме точно еден месец додека тоа стапи на сила, а ние како држава требаше да сме целосно усогласени со пазарот на електрична енергија на ЕУ: Требаше да воведеме систем за мониторинг и верификација на емисии на стакленички гасови што е дел од законот за климатски промени што уште не е усвоен. Требаше да воведеме јаглеродна такса на ниво на таа во Европската унија.
Ова се работи што не се случуваат преку ноќ и не се случуваат во месец- два. Ова се активности што траат реално многу подолго и требаше да се случуваат интензивно изминативе три-четири години за да може да кажеме дека сме подготвени да го пречекаме овој механизам, или во случајот со енергетскиот сектор можеби целосно да го избегнеме ако бевме усогласени со овие правила.
Предизвиците и последиците може да бидат сериозни и големи. Ние како држава можеби сме нето увозник на електрична енергија, меѓутоа ние постојано разменуваме енергија со соседите, а посебно со Грција, па и со Бугарија што се членки на ЕУ. Што значи дека целата размена на енергија со овие земји ќе биде предмет на оваа такса. Ако ова влијае на обемот на размена на електрична енергија, на балансирањето на системот, што може да реално да го очекуваме, чисто од финансиски причини ќе бидеме принудени или да ги затвориме РЕК-овите, или целосно да се изолираме во нашиот енергетски систем од останатите соседни земји.
Последицата од тоа - наместо да имаме контролирано затварање и преземено мерки за праведна транзиција, за работниците во комбинатите, ние ќе имаме голем ризик од хаотично затварање со многу социоекономски последици. За жал тоа нас ни е доста добро познато од 90-тите години.
Тука морам да кажам и дека префрлањето на гас на некоја од електраните можеби ќе помогне малку, но нема да го елиминира овој ризик. Таксата се наплаќа согласно јаглеродниот интензитет на целиот енергетски сектор, а гасот нели исто така е фосилно гориво, има емисии на стакленички гасови и при транспорт и при складирање и при горење.
Колку е возможо исполнувањето на рокот според Нациоанлниот план за енергија и клима да се затворат РЕК-овите до 2030 година (РЕК Битола, РЕК Осломеј)?
Имаше активности од тој Национален план што веќе одамна требаше да бидат преземени, меѓутоа сега е поважно што Националниот план за енергија и клима во моментов се ревидира и веројатно ќе биде доставен на јавни консултации во наредните месец до два. Во меѓувреме се објави и стратешката оцена на влијанијата од овој нов ревидиран план, а таму нема баш јасно објаснување за тоа што ќе се случува, но има една нејасна, но многу загрижувачка формулација дека ЕСМ треба допрва да изработи план за декарбонизација со цел до 2050 година целосно да биде исфрлена употребата на јаглен.
Ова значи стратешко повлекување од сите претходни амбициозни планови, легално одложување на нелегалната работа на РЕК Битола и па дури можеби на РЕК Осломеј. Исто така, скоро истовремено беше објавено и решението со кое се одобрува Оцената на влијанијата врз животна средина за новиот рудник за јаглен Живојно, што е дополнителен индикатор кој покажува дека државата нема намера да се откаже од јагленот до 2030, како што беше претходно планирано.
Така што за конкретно да одговорам можам само да кажам дека активно се преземени мерки ова затварање да биде невозможно во 2030 година и времето и ресурсите веќе се пренасочени и потрошени на други решенија.
Ако не се постигнат овие рокови, колку е реално РЕК Битола, но и другите големи постројки да бидат модернизирани според европски стандарди, да инсталираат најеколошки прифатлива технологија за нивната индустриска дејност според стандардот - „Најдобри достапни техники“ (НДТ)?
Овие инвестиции се доста скапи и за РЕК Битола тие би надминале 250 милиони евра целосно. Значи зборуваме за десулфоризација, за филтер за прашина, за намалување на азотни оксиди и така натаму.
РЕК Осломеј е уште покомплициран затоа што е во многу лоша состојба и таму е потребна целосна реконструкција, што мислам дека во моментов, ниту имаме како да ја финансираме, ниту како да ја изведеме.
Како што реков, роковите веќе се истечени или многу набрзо ќе истечат. Досега нема сериозни чекори или инвестиции за контрола на загадувањето во овие инсталации. Со оглед на времето кое е потребно да се спроведат, реално неколку години, не може да очекуваме усогласување со овие стандарди - Најдобри достапни техники во наредните пет години, ако не и подоцна, а тоа е прекршување на сите национални и меѓународни рокови за повеќе од 10, можеби 15 години.
Последиците по јавното здравје ќе ги гледаме до тогаш, ако не и понатаму. За понатаму што може да биде постигнато навистина зависи само од тоа кога ќе се започне процесот.