Достапни линкови

Двете различни пријави може да го спасат УСЈЕ од кривична за загадување


NORTH MACEDONIA POLLUTION
NORTH MACEDONIA POLLUTION

Недоволна комуникација или намерно избегнување на институционална соработка во борбата против загадувањето? Град Скопје поднесе кривична пријава против Цементарница „Усје“, а Државниот инспекторат прекршочна. Но, законот не дозволува некој за иста работа два пати да добие казна.

Македонското законодавство не дозволува некој да биде казнет два пати за исто дело, со што цементарница Усје може да се спаси кривичната пријава која Град Скопје ја поднесе против компанијата поради загадување на воздухот во главниот град над дозволените граници.

Причината поради Цементарница Усје која може да се спаси од кривичен прогон се двете поднесени различни пријави. Компанијата не може истовремено да одговара прекршочно и кривично, според правни експерти, со кои разговараше Радио Слободна Европа.

Град Скопје објави дека поднесе кривична пријава против цементарница „Титан Усје“ за „Тешки дела против животната средина и природата“ и за „Загадување на животната средина“ поради загадување на воздухот во Скопје над дозволените граници.

Истовремено и Државниот инспекторат за животна средина утврдил зголемено загадување од „Усје“, но поднесе прекршочна пријава против компанијата со можност да биде направена спогодба која би овозможила намалување на паричната казна до половина.

Ова се случува и покрај тоа што инспекторите на Државниот инспекторат контролата во Усје на 3 и 4 јануари ја правеле во присуство на инспектори на Град Скопје, како што тврдат од компанијата.

Засега е неизвесно како ќе биде завршена постапката за спогодување и дали потоа ќе се води постапка за парична казна за Усје, или компанијата ќе биде кривично гонета откако Обвинителството ќе утврди дали има основи за таква постапка.

Но, во услови на континуирано екстремно загадување на воздухот во Скопје во зимскиот период, институциите со овој случај покажуваат некоординираност во борбата против аерозагадувањето, наместо заедничка акција за решавање на проблемот.

„Секој треба да си ја работи својата работа“, е објаснувањето на директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски на прашањето зошто не се координирани со Град Скопје во постапувањето.

Државниот инспекторат за животна средина е надлежен за контрола на големите индустриски компании кои подлежат на А-интегрирани еколошки дозволи, додека Град Скопје ја контролира помалата индустрија која подлежи на Б-интегрирани дозволи.

Соработка меѓу инспекторите на двете институции се случувала и во минатото и нејасно е зошто за пријавите не комуницирале двете институции, иако Стојовски тврди дека и сега имаат соработка со раководителите на одделенијата за инспекциски надзор и со инспекторите за животна средина на Град Скопје.

„Законот си предвидува точно за кој прекршок како се постапува. Државниот инспектор си постапил согласно законот и стриктно е наведено во Членот 212 ж, за надминување на граничните вредности дадени во А-интегрираната дозвола, се поднесува прекршок од трета категорија за којшто е предвидена највисоката санкција, а тоа е 200.000 евра и 10.000 евра за управителот на фирмата“, вели Стојковски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Правни експерти од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) за РСЕ објаснуваат дека македонското законодавство не дозволува истовремено водење на прекршочна и кривична постапка.

Законот за прекршоци предвидува никој да не може повторно да биде санкциониран за прекршок за кој веќе била водена постапка и за истото дејствие му била изречена кривична или прекршочна санкција, вели адвокат Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници.

„Дополнително членот 101 од Законот за прекршоците утврдува дека судот кој ја води прекршочната постапка со решение ќе ја прекине постапката ако меѓу другото, за истото дело е покрената кривична постапка до завршување на кривичната постапка“, вели Трпевски.

Со прекршочната пријава за цементарница „Усје“ во овој случај може да достигне до 200.000 евра. Постапката за спогодба е веќе почната и таа овозможува казната да биде намалена до половина доколку биде направена спогодбата во Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање.

Цементарница Усје во своето производство користи петрол кокс, но и алтернативни горива како РДФ отпад: текстил, пластични маси, како и мазут. Државниот инспекторатот при контролата утврдил надминување на емисиите на азотни оксиди и поради тоа ја поднесува прекршочната пријава.

Казните треба да влијаат врз загадувачите и нивниот профит, но кај компании кои остваруваат големи профити, а казната не е во сооднос со тоа што го добиваат, нема да има голем ефект, сметаат активисти од здружението „О2 иницијатива“.

„Казната пред се треба да биде во поглед на тоа делото да не се повтори. Ќе видиме како ќе биде понатаму, се надевам дека заради овој случај ќе има многу почести вонредни контроли, исто така и на другите загадувачи“, вели Невена Георгиевска од „О2 иницијатива.“

Град Скопје во кривичната тврди дека цементарница „Усје“ испуштала значително поголема концентрација на ПМ10 честици од котлите за загревање кои работеле на мазут, наместо на природен гас при мерењата на 3 и 4 јануари.

Со тоа, наместо дозволениот минимум од 50 микрограми на метар кубен, оџакот на Усје испуштал 121 микрограми, но исто така било забележано зголемени емисии на азотни оксиди за најмалку два пати – наместо дозволените 350 микрограми на метар кубен, секој час се испуштале 711 микрограми на метар кубен.

Градот бара одговорност и од Борис Хрисафов како одговорно лице во „Усје“, бидејќи како што наведува не се придржувал до обврските кои произлегуваат од А-интегрираната дозвола што ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање.

Одговорност од „Усје“, но и од државните институции за загадувањето на воздухот во Скопје бараат од инцијативата „Зелен Хуман Град“, чии активисти се дел од Советот на Град Скопје.

Откако Министерството за животна средина ги објави резултатите од записниците за емисиите на „Усје“, од Зелен Хуман Град тврдат дека во нив недостасуваат податоци за емисиите на „Усје“ во период од 20 часа во декември, но и дека не се мерени емисиите на сите 12 оџаци на фабриката и дека со тоа компанијата лажира податоци.

Оттаму прашуваат зошто инспекторите на Државниот инспекторат не го оспорил извештајот со дневни мерења за ротирачката печка број 3 каде недостасувале 10 часа мерење, а инспекторот констатирал дека загадувањето е „во дозволени граници“.

Од Државниот инспекторат за животна средина ги отфрлаат ваквите тврдења, велејќи дека во тој период не работеле некои од печките во „Усје“ поради дефект.

„Во тој период имаме нула емисии, бидејќи печката не работи и останатите емисиони точки не се во функција. Ние ги споредивме резултатите што ги добивме од Цементара за континуираниот мониторинг систем на 03.01.2023 кога го направивме мерењето и нашите резултати добиени од акредитираната лабораторија, со некоја минимална грешка која е предвидена за и тие резултатите се поклопуваат“, вели Стојковски.

Од „Усје“ исто така ги отфрлаат обвинувањата против нив како неосновани. Од компанијата велат во јавноста се изнесуваат обвинувања и констатации кои не биле поткрепени со факти или научни докази и дека поради тоа ќе покренат правна постапка.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG