Достапни линкови

Индустријата одамна го користи правото на деловна тајна за информации што согорува


Илустрација - загадување на воздухот
Илустрација - загадување на воздухот

Резиме

  • Директивата на ЕУ за индустриските емисии е целосно транспонирана во новиот Законот за контрола на индустриски емисии, велат од Министерството за животна средина.
  • На критиките дека законот ѝ дозволува на индустријата да прогласува информации за „деловна тајна“, вклучително што согорува, институцијата тврди дека ова право одамна е утврдено во македонското законодавство.
  • Давор Пехчевски од Bankwatch истакнува дека оваа одредба од новиот закон е најспорна и дека таква нема во Директивата на ЕУ.

И покрај забелешките во јавноста дека новиот Закон за контрола на индустриски емисии им овозможува на големите постројки да кријат што согоруваат како „деловна тајна“, Министерството за животна средина и просторно планирање тврди дека европските правила се во целост транспонирани во законот и дека правото на доверливост за индустриските капацитети одамна е воспоставено во македонското законодавство.

„Новата Директива на ЕУ за индустриските емисии (Directive 2010/75/EU), во целост е транспонирана во Законот за контрола на индустриски емисии“, се вели во одговорот кој го добивме од Министерството.

Радио Слободна Европа објави низа стории по усвојувањето на новиот Закон за индустриски емисии на почетокот на ноември во Собранието, вклучително реакции на еко-активисти и правни експерти дека одредби како Членот 24 од законот ѝ дозволуваат на големата индустрија да прогласува како „деловна тајна“ детали за дизајнот на фабриката или суровините и хемикалиите што ги користи.

Загриженоста во јавноста за Законот доаѓа во контекст на долгогодишно високо загадување кое предизвикува сериозен здравствен ризик во многу градови во Северна Македонија, вклучително Скопје, Битола, Тетово и Струмица, особено во зимскиот период кога редовно се наоѓаат на листите на најзагадени во Европа. Од друга страна, укажувањата на активистите и експертите е дека контролата врз индустријата и загадувањето на животната средина на национално и локално ниво е на многу ниско ниво.

Реакциите беа дека компаниите со овие одредби можат да прогласат одредени информации во барањата за еколошка дозвола за деловна тајна, додека Министерството ќе одлучува дали тие податоци ќе станат достапни за јавноста, што според правните експерти и активистите може да отвори простор за нови штетни практики, сокриени емисии и значително ограничување на јавната контрола врз индустриското загадување.

Радио Слободна Европа тогаш побара одговори од Министерството за животна средина и просторно планирање, но не ги доби навремено со објаснување дека институцијата се наоѓа во период на транзиција по заминувањето на министерот Изет Меџити, кој по локалните избори ја презеде функцијата градоначалник на Општина Чаир.

Правото на доверливост е одамна

Во одговорот кој потоа го добивме, Министерството за животна средина и просторно планирање вели дека инвеститорите одамна го имаат правото да побараат дел од податоците што ги поднесуваат во постапката за добивање А-интегрирани еколошки дозволи (А-ИЕД), да бидат класифицирани како доверливи и да не се споделуваат со јавноста.

Ваквата можност, велат од Министерството, е содржана во повеќе закони и подзаконски акти на земјата, а дека одредбите на ЕУ во однос на споделување на информации од областа животна средина веќе се транспонирани во Законот за животна средина и придружните уредби.

„Конкретно, по однос на новиот Закон за контрола на индустриски емисии, одредбата за доверливост го транспонира членот 24, параграф 4 од Директивата за индустриски емисии“, велат од Министерството.

Член 24 од новиот Закон за контрола на индустриски емисии кој ќе стапи на сила за две години, вели дека дел од податоците што индустриските оператори ги поднесуваат во постапката може да бидат прогласени за „информации со ограничен пристап“ ако тоа го дозволи Министерството за животна средина и просторно планирање.

Пехчевски - Директивата на ЕУ се стреми кон транспарентност

Токму овој дел од Законот е најспорен, смета Давор Пехчевски од граѓанската мрежа Bankwatch, кој вели дека „во Директивата на ЕУ нема вакво нешто“, бидејќи како што посочува, таа се стреми кон целосна транспарентност и суштинско учество на јавноста во подготовката и издавањето на еколошки дозволи.

Пехчевски вели дека ограничувањата на кои се повикува Министерството веќе се содржани во Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, во кој во член 6 се утврдени случаите кога може да се ограничи пристапот до инфомации.

Пехчевски, посочува дека истиот закон предвидува и јасни постапки кога важат тие исклучоци, како и можност за делумен пристап до информациите кој овозможува да се заштити само делот што навистина претставува тајна, без целосно да се ограничи пристапот до документите.

„На начинот како што е напишано сега во Законот за контрола на индустриски емисии, деловна тајна може да бидат процеси и суровини што се дел од барањето за интегрирана еколошка дозвола, што се есенцијални за самата еколошка дозвола. Спротивно на ова, во нашиот Закон и во Директивата за информации, ограничувањето е за комерцијални и други економски интереси [...], чие давање ќе има штетни последици во остварувањето на функцијата. Ова се многу различни работи. Едното е важна информација за процесот што државата треба да го регулира, а другото е комерцијална информација што е од интерес само на компанија и евентуално нивните конкуренти“, вели Пехчевски.

Според него, процесите и суровините што се користат, а се регулирани со стандардот за Најдобри достапни техники, немаат никаква врска со комерцијални информации: типот на печка што се користи, горивото за печката, емисиони точки за медиумите, мерките за намалување на емисиите и постапките за мониторинг се информации што се целосно јавни.

Граѓанската мрежа (Bankwatch) е составена од 17 организации во 14 земји од Централна и Источна Европа и Кавказот кои следат проекти финансирани со јавни пари.

Претходно, Македонското здружение на млади правници за Радио Слободна Европа предупреди дека е проблематично тоа што новиот Закон не предвидува ниту обврска Министерството за животна средина јавно да ги објавува решенијата кои ќе ги прогласи за деловна тајна, ниту пак право на јавноста да ги оспорува таквите решенија пред суд.

Според здружението, ова може да остави јавноста без клучни информации за работата на индустријата, да го наруши принципот на учество и претпазливост и да го доведе државниот систем во конфликт со Архуската конвенција, според која исклучоците од објавување информации треба да се ретки и строго оправдани.

Членот 55 и Правилникот за А-дозвола

Од Министерството за животна средина и просторно планирање посочуваат на Член 55 од Законот за животна средина кој предвидува „Одбивање да се даде информација“ и според нив оваа одредба дозволува инвеститорите да побараат податоците од барањата за еколошки дозволи да бидат класифицирани како доверливи.

Оваа одредба што ја посочува Министерството меѓу другото вели дека институциите може да одбијат пристап до информација ако нејзиното објавување може да предизвика штетни последици, како нарушување на доверливи постапки, загрозување на безбедноста, влијание врз судски процеси, откривање заштитени трговски или индустриски податоци, нарушување на приватноста, повреда на интелектуална сопственост или ризик по животната средина.

Исто така, Министерството посочува и на Член 5 од Правилникот за А-Интегрирани еколошки дозволи кој предвидува дека операторот може да означи кои делови од документацијата поднесена во постапката за еколошка дозвола се доверливи трговски или индустриски информации, согласно член 55 став 2 точка 4 од Законот за животна средина. Според овој член, информациите означени како доверливи може да бидат достапни на јавноста само ако операторот даде претходна писмена согласност.

Пехчевски вели дека во ред е тоа што во делот Законот за животна средина се однесува на трговските или индустриските информации, во случај кога таквата доверливост е гарантирана со закон со цел да се заштити легитимен економски интерес.

„Она што е ставено во законот за индустриски емисии нема врска со заштитување на легитимен економски интерес“, вели Пехчевски.

Законот за контрола на индустриски емисии, кој треба да стапи на сила за две години, беше изгласан на почетокот на ноември во Собранието со цел државата да се усогласи со стандардите на Европската Унија за контрола на индустријата. Истовремено, здружената иницијатива Зелен Хуман Град“ најави дека ќе го оспори законот пред Уставниот суд.


  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG