Резиме
- Николас Мадуро пристигна во американски затвор откако беше транспортиран во Њујорк по неговото апсење
- САД привремено ќе управуваат со Венецуела сè додека не се овозможи „безбедна, соодветна и разумна транзиција“ на власта
- Американски компании ќе инвестираат во нафтената инфраструктура
Николас Мадуро од Венецуела е во американски затвор откако беше транспортиран во Њујорк по неговото апсење од страна на американските сили во акција осудена од Иран, Русија и други сојузници на јужноамериканската земја, но поздравена од Венецуелците што живеат во егзил.
Мадуро, со лисици и во сандали, прво беше спроведен од федерални агенти низ објект на американската Администрација за борба против дрога во Њујорк за да биде обработен, а потоа транспортиран во центар за притвор со висок степен на безбедност во Бруклин.
Видео објавено од Фокс њуз на социјалните медиуми го прикажува 63-годишниот Мадуро како е придружуван од федерални агенти и им кажува на новинарите: „Добра ноќ, Среќна Нова година“.
Непотврдени извештаи велат дека по неговото апсење, Мадуро бил однесен во американската база во заливот Гвантанамо, Куба, пред да биде транспортиран во базата на Националната гарда Стјуарт Ер во округот Оринџ, Њујорк.
На прес-конференција, американскиот претседател Доналд Трамп ја опиша воената операција во Венецуела спроведена за апсење на Мадуро, додавајќи дека САД привремено ќе ја „управуваат“ јужноамериканската земја „сè додека не можеме да направиме безбедна, правилна и разумна транзиција“.
Не беше веднаш јасно што мислеше Трамп кога рече дека САД ја „управува“ со земјата. Трамп им рече на новинарите дека „назначува луѓе“ од неговиот кабинет да бидат задолжени за Венецуела, без да даде детали.
Висок американски генерал рече дека 150 американски авиони биле вклучени во нападот по месеци подготовки.
Потпретседателката сѐ уште на власт
Највисоките помошници на Мадуро се чини дека сѐ уште се на власт, вклучувајќи ја и потпретседателката Делси Родригез.
Трамп изрази поддршка за Родригез, велејќи дека „таа е во суштина подготвена да го направи она што сметаме дека е потребно за да ја направиме Венецуела повторно голема“.
Сепак, Родригез го нарече Мадуро „единствениот претседател“ на Венецуела и го нарече американскиот напад „ужасна дамка“ во односите меѓу земјите.
Исто така, под знак прашалник е и статусот на опозициските личности во Венецуела, предводени од Марија Корина Мачадо, поддржана од САД, која ја освои Нобеловата награда за мир минатата година. Таа напиша на социјалните мрежи дека „дојде часот на слободата“.
Венецуелците што живеат во Колумбија слават откако САД ја нападнаа Венецуела и го заробија нејзиниот претседател Николас Мадуро, во Кукута
Американскиот државен обвинител Пам Бонди изјави дека Мадуро и неговата сопруга - која исто така беше заробена - се соочуваат со кривични обвиненија во Њујорк, обвинети за злосторства поврзани со трговија со дрога.
Нападите на САД во Венецуела и заробувањето на Мадуро беа остро осудени од некои од сојузниците на Каракас, како и од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, кој рече дека американската воена акција претставува „опасен преседан“.
Новинските агенции цитираа извори кои велат дека Советот за безбедност на ОН ќе се состане во 10 часот наутро на 5 јануари за да разговара за американската операција. Колумбија, поддржана од Русија и Кина, побара седница, соопштија дипломати.
Инаку, Соединетите Држави сакаат привремено да управуваат со Венецуела сè додека не се овозможи „безбедна, соодветна и разумна транзиција“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, по завршувањето на американскиот напад врз Каракас при кој беше приведен претседател Николас Мадуро и неговата сопруга.
„Значи, ние ќе управуваме со земјата сè додека не дојде време за безбедна, соодветна и разумна транзиција, и таа мора да биде разумна, затоа што тоа е суштината на она за што се залагаме. Ние сакаме мир, слобода и правда за големиот народ на Венецуела“, рече Трамп.
Трамп сугерираше дека првично претпоставувал оти ќе биде потребен „втор бран, многу поголем бран“ напади во Венецуела.
„Првиот напад беше толку успешен што веројатно нема да мора да изведеме втор, но подготвени сме за втор бран, всушност, многу поголем бран“, изјави Трамп за време на прес-конференција во својата резиденција Мар-а-Лаго во Флорида.
Деталите за нападите и настаните што се одвиваат во Венецуела сè уште пристигнуваат, но американската државна обвинителка Пем Бонди изјави дека Мадуро и Флорес се обвинети во Јужниот округ на Њујорк, каде што „наскоро ќе ја почувствуваат целосната сила на американската правда на американско тло, пред американските судови“.
„На Мадуро му се става на товар заговор за нарко-тероризам, заговор за увоз на кокаин, поседување автоматско оружје и разорни направи, како и заговор за поседување автоматско оружје и разорни направи насочени против Соединетите Американски Држави“, наведе Бонди во соопштението.
Трамп пред прес конференцијата објави фотографија за која тврди дека го прикажува заробениот венецуелски претседател Николас Мадуро. Сликата ја објави на социјалната мрежа Truth Social. На фотографијата е Мадуро е прикажан врзан, облечен во тренерка, со превез преку очите и со слушалки на ушите.
Американски компании ќе инвестираат во венецуелската нафтена инфраструктура
Трамп најави дека ќе им дозволи на американските нафтени компании да влезат во Венецуела и да ги експлоатираат нејзините огромни резерви на сурова нафта.
Видете и ова: Трамп: САД ги „зароби“ венецуелскиот претседател и неговата сопруга, Иран и Русија ги осудија нападите„Ќе ги испратиме нашите многу големи американски нафтени компании, најголемите во светот, да влезат таму, да вложат милијарди долари, да ја поправат тешко уништената инфраструктура, нафтената инфраструктура, и да почнат да заработуваат пари за земјата“, изјави Трамп на прес-конференција.
Тој посочи дека „ембаргото за целата венецуелска нафта останува целосно на сила“.
Како дел од повеќенеделната кампања на воен притисок врз Венецуела, во пресрет на акцијата, американските сили заплениле најмалку два нафтени танкери за кои Вашингтон тврди дека биле опфатени со американските санкции.
Трамп упати и предупредување до други политички и воени фигури во Венецуела, велејќи дека „она што му се случи на Мадуро може да им се случи и ним“.
Венецуела е под американски нафтени санкции од 2019 година. Земјата произведува околу еден милион барели сурова нафта дневно, а најголемиот дел го продава на црниот пазар со значителни попусти.
Трамп тврди дека Каракас ги користи приходите од нафтата за финансирање на „нарко-тероризам, трговија со луѓе, убиства и киднапирања“.
Трамп: Од Конгресот протекуваат информации
Администрацијата на Трамп ги известила членовите на Конгресот за воената операција во Венецуела веднаш по нејзиното спроведување, изјави во саботата американскиот државен секретар Марко Рубио пред новинарите.
„Ова не е тип на мисија за која може однапред да се врши конгресно известување. Стануваше збор за мисија базирана на конкретни услови, кои мораа да бидат исполнети ноќ по ноќ,“ рече Рубио.
„Во Конгресот има тенденција да протекуваат информации“, додаде Трамп.
Москва загрижена за приведување на Мадуро
Американските напади и апсењето на Мадуро веќе наидоа на остри осуди од некои од најсилните сојузници на Каракас.
Москва, која одржува блиски врски со Венецуела, соопшти дека е исклучително загрижена поради извештаите дека Мадуро и неговата сопруга биле насилно одведени од земјата за време на „агресивните акции“ на Вашингтон.
Видете и ова: Гутереш е „длабоко вознемирен“ од американските напади врз Венецуела„Повикавме на итно разјаснување на оваа ситуација“, наведе руското Министерство за надворешни работи во соопштение од 3 јануари.
„Таквите дејствија, доколку навистина се случиле, претставуваат неприфатливо кршење на суверенитетот на независна држава, чијо почитување е клучен принцип на меѓународното право“, се додава во соопштението.
Американската воена акција врз венецуелската престолнина Каракас доаѓа по месеци на зголемен економски и воен притисок од Вашингтон врз оваа јужноамериканска земја, вклучително и пресретнување венецуелски нафтени танкери и убиство на десетици луѓе во напади врз бродови во близина на нејзините води, за кои се тврди дека превезувале дрога.
Вашингтон, исто така, ја оспорува легитимноста на Мадуро како претседател уште од моментот кога го наследи Хуго Чавез во 2013 година, укажувајќи на последователни избори за кои опозицијата и други тврдат дека биле наместени во негова корист.