Американски претставници потврдуваат дека Русија му дава разузнавачки информации на Иран во војната на Блискиот Исток

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и рускиот претседател Владимир Путин се сретнаа на маргините на самитот на Шангајската организација за соработка во Тјанџин, Кина, 1 септември 2025 година.

Американските претставници на 6 март за РСЕ изјавија дека Русија му обезбедува на Иран информации за таргетирање на американски трупи и воени средства на Блискиот Исток, потврдувајќи го извештајот на „Вашингтон пост“ кој сугерираше дека Москва игра значителна, индиректна, улога во растечкиот регионален конфликт.

Наводната соработка доаѓа во многу деликатно време за односите меѓу САД и Русија, при што нуклеарните соперници се во конфликт околу инвазијата на Москва во Украина и напорите на Вашингтон да ја заврши таа војна, наспроти досегашното одбивање на Кремљ да направи отстапки за територијата и други прашања.

Извештајот на „Пост“, кој цитираше тројца претставници запознаени со разузнавачките информации, вели дека Москва му ги обезбедила на Техеран локациите на американските воени средства - вклучувајќи воени бродови и авиони - откако конфликтот започна на 28 февруари со воздушните напади на САД и Израел врз Иран. Еден од нив, изјавил за весникот дека се чини дека станува збор за „прилично сеопфатен напор“ од страна на Москва.
Американските претставници, зборувајќи под услов на анонимност, не дадоа дополнителни детали за РСЕ за обемот или механизмите на споделувањето разузнавачки информации.

Видете и ова: Дана Струл: САД и Израел остваруваат воени успеси во Иран, но политичкиот исход останува неизвесен

Русија и Иран имаат долгогодишни воени, политички и дипломатски врски. Иран ѝ испорача на Русија голем број дронови „Шахед“ што се користат за напади врз украинските градови и инфраструктура, иако Русија сега ја користи технологијата за производство на дронови на своја територија, во најголем дел.

Руската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањата за коментар. Руските претставници јавно повикаа на прекин на војната, опишувајќи ја како „неиспровоциран чин на вооружена агресија“ против Иран.

Рускиот претседател Владимир Путин разговараше со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на 6 март и го повтори повикот на Москва за „итно прекинување на воената акција“, соопшти Кремљ.

Белата куќа го отфрла влијанието

Американските разузнавачки агенции одбија јавно да коментираат за извештаите. Но, Белата куќа ја отфрли идејата дека руската помош имала голем ефект.

Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, во соопшти дека „иранскиот режим е апсолутно уништен“.

„Нивната одмазда со балистички ракети се намалува секој ден, нивната морнарица е уништена, нивниот производствен капацитет е уништен, а нивните сили едвај се борат“, рече таа.

Зборувајќи со новинарите во Белата куќа, портпаролката Каролин Ливит, исто така, го отфрли влијанието на наводната разузнавачка поддршка од Москва.

„Очигледно не прави разлика во однос на воените операции во Иран, бидејќи целосно ги уништуваме“, рече Ливит, додавајќи дека иранската морнарица е „борбено неефикасна“.

Таа, исто така, рече дека одмаздничките напади со балистички ракети од страна на иранските сили се намалиле за околу 90 проценти и инсистираше дека САД продолжуваат да ги исполнуваат своите воени цели.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Медиумите блиски до Кремљ ја менуваат својата приказна за Иран


Ливит додаде дека Вашингтон е „на добар пат“ да ја преземе контролата врз иранскиот воздушен простор и рече дека Иран ќе се соочи со „безусловно предавање“ кога претседателот ќе утврди дека земјата повеќе не претставува закана за САД и дека целите на „Операцијата Епски бес“ се постигнати.

Во објава на социјалните мрежи претходно истиот ден, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека „нема да има договор со Иран освен БЕЗУСЛОВНО ПРЕДАВАЊЕ!“

Реагираат конгресмените

И покрај зборовите на Белата куќа, извештаите предизвикаа остри критики од пратениците во Вашингтон. Демократската сенаторка Џин Шахин од Њу Хемпшир рече дека наводната руска вмешаност ја нагласува растечката закана што ја претставува Москва.

„Немојте да се залажувате: Русија ги таргетира Американците на Блискиот Исток, Украина и низ целиот свет“, рече таа во соопштението. „Наместо да преземе акција, претседателот ги олабавува санкциите кон Русија и одбива да ја поддржи Украина. Тоа е неприфатливо и повикува на понатамошна агресија против Американците.“

Републиканскиот конгресмен Дон Бејкон од Небраска, гласен поддржувач на Украина, ги повтори критиките.

„Русија и Иран се тесно поврзани... Не треба да нè изненади што Русија му обезбедува на Иран информации за таргетирање за да му помогне на Иран да убива американски и израелски војници“, изјави тој за РСЕ на 6 март. „Треба да нè изненади што администрацијата на Трамп се чини дека е несвесна за ова.“

Бејкон тврди дека пошироката стратешка цел на Москва е да ги ослабне Соединетите Држави. „Како одговор, треба да испратиме прецизно оружје со долг дострел, воздушна одбрана и подобрени Ф-16 во Украина“, рече тој. „Исто така, треба да воведеме строги санкции врз руската економија. Ова требаше да се направи пред една година.“

Улогата на Москва

Аналитичарите велат дека споделувањето разузнавачки информации може да биде најпрактичната форма на поддршка што Москва во моментов може да му ја обезбеди на Техеран.

Глен Хауард, претседател на Фондацијата Саратога и долгогодишен стратег за Русија, за РСЕ изјави дека сопствените воени загуби на Русија во Украина ја ограничуваат нејзината способност да испраќа големи системи за оружје во Иран.

„Поради големите загуби на опрема во украинската војна, Москва во моментов се соочува со сопствени недостатоци на хардвер и не може да ја пополни празнината што му е потребна на Иран со префрлање на радари или авиони“, рече Хауард. „Тоа значи дека најнепосредната и највредна предност што Москва може да му ја понуди на Иран во моментов е споделувањето на навремени, акциони разузнавачки информации.“

Хауард додаде дека Русија би можела да помогне и во одржувањето на кампањата со беспилотни летала на Иран преку производствен погон во регионот Татарстан.

Видете и ова: Воената стратегија на Иран: Притисок преку ескалација за можно примирје


Иранските беспилотни летала Шахед, произведени во погонот Алабуга - познати во Русија како Геран-2 - во моментов се произведуваат со брзина од околу 3.000 месечно, рече тој, што далеку го надминува сопствениот домашен производствен капацитет на Иран од помеѓу 200 и 500 беспилотни летала месечно.

Бидејќи иранските залихи на ракети и беспилотни летала се намалуваат поради континуираните напади, Хауард рече дека Русија потенцијално би можела да помогне во пополнувањето на празнината.

Хауард, исто така, посочи на коридорот за снабдување што минува низ реката Волга и преку Каспиското Море, за кој рече дека обезбедува релативно безбеден пат за пратки меѓу двете земји.

За разлика од воздушниот транспорт, кој може да се пресретне, касписката рута функционира како „внатрешна линија за снабдување“ во голема мера заштитена од американско или сојузничко запирање, дозволувајќи ѝ на Русија да преместува беспилотни летала, ракетни компоненти и електроника во Иран.

Руската разузнавачка поддршка и логистичките врски низ Каспиското Море би можеле да станат „неопходни за опстанокот на иранскиот режим“ додека конфликтот се одолговлекува.