Ќе се одложи ли примената на Законот за заштита од пушење -профитот наспроти здравјето

Резиме

  • Дел од угостителите бараат примената на Законот за заштита од пушење да се одложи, а здравствените власти очекуваат овој месец да биде усвоен во Собранието и да стапи на сила на први март.
  • Хотелиерите се поделени - едни сметаат дека ќе имаат загуби, други дека со него ќе немаат поплаки од гостите од европските земји.
  • Лекарите бараат итна примена на забраната за пушење. Предупредуваат дека границата за консумирањето тутун паднала на 12 до 14 години.

Пролонгирање на примената на Законот за заштита од пушење, на која прво ќе ѝ претходи кампања – побарале угостителите на средбите со претставници од министерствата за здравство и за економија и труд.

Нацрт-верзијата на законот го забранува пушењето тутун и други производи што содржат тутун и/или никотин во сите угостителски објекти, како во оние за сместување, така и во тие за исхрана. Но, истовремено таму се забранува и употребата на уреди за консумирање на тутун и никотин или додатоци за пушење.

Иако министерот за здравство, Азир Алиу смета дека ова законско решение нема да претставува удар за угостителството и неговите приходи, дел од угостителите не мислат така и барат примената да се одложи за да може да се прилагодат.

Примената на законот да биде во фази

Свои забелешки и предлози до Министерството за економија и труд веќе доставила Туристичко-угостителската комора од каде, за Радио Слободна Европа, не сакаа да коментираат додека очекуваат нова средба со владините претставници.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Забрането пушење во автомобил со дете и на поткаст. Какви други рестрикции носи новиот закон?

Но, од Министерството за економија и труд прецизираат дека на средбата, угостителите побарале примената на законот да се одвива фазно.

Нивниот предлог бил во првата фаза, фокусот да биде ставен на сеопфатна информативна и едукативна кампања за сите засегнати страни. Втората фаза да предвиди период на адаптација во траење од 12 до 36 месеци, со цел усогласување на практиките со законските одредби. Третата фаза подразбира целосна имплементација на законот.

Од Министерството во писмениот одговор до Радио Слободна Европа (РСЕ). најавуваат и дополнителна „координациска средба“, на која угостителите, заедно со министерот за здравство и претставници од кабинетот на премиерот ќе ги разгледуваат здравствените аспекти. На маса ќе се најдат и можните модалитети за унапредување на имплементацијата на законот.

Хотелиерите поделени околу новиот закон

Меѓу угостителите кои веќе се сретнаа со надлежните, не беа сопствениците на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови од Охрид и Струга, обединети во Асоцијацијата ХОТАМ.

Претседателот на оваа Асоцијација, Крсте Блажевски за Радио Слободна Европа коментира дека тие сѐ уште ги сумираат забелешките. Засега, вели тој, мислењата се поделени.

„Некои од угостителите мислат дека со овој закон ќе се изгуби доста од бизнисот, други сметаат дека токму со него ќе се доближиме до Европа и ќе немаме поплаки од гостите од европските земји. Сега добиваме поплаки од нив за затворените простории каде што има пушење и тоа прекумерно“, вели Крстевски за РСЕ.

Сепак, и едните и другите сметаат дека примената на законот треба да почне барем од мај. Во однос на електронските цигари пак, Блажевски вели дека ако е забрането пушењето, забраните треба да важат за сите цигари, за да нема „префрлање“ од еден на друг вид.

Хотелиерите од охридско-струшкиот регион во меѓувреме планираат да се консултираат и со своите колеги од соседните земји. Потоа, предлозите за тоа како да се унапреди законот, ќе ги достават до институциите, меѓу кои и Министерството за култура и туризам.

Видете и ова: Се стега обрачот околу пушачите, новиот Закон ги забранува и електронските цигари

Но, пред да ги стават на хартија, засега некои од угостителите предлагаат во нивните објекти, особено во поголемите, да има посебни делови или простории каде што ќе биде дозволено пушењето и каде би имало посебна вентилација.

АПИС: Забрани без да се понудат решенија

Вакви посебни простории во своите објекти, каде цигарите ќе бидат дозволени, бара и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС. Оттаму велат дека законските измени се важни за општеството, но сепак како што сметаат „предложениот закон ги дефинира само забраните, а не нуди соодветни решенија“.

Инаку во клаидилниците, казината и сите објекти за игри на среќа пушењето сега е дозволено.

Во забелешките кои оваа Асоцијација ги објави на платформата ЕНЕР, има и такви за висината на предвидените глоби.

Според приредувачите на игри на среќа, разликата меѓу глобите за правните и физичките лица е огромна. Асоцијацијата АПИС бара промени во овој дел, односно поголеми казни за самите прекршители на законот, бидејќи како што велат има „мал простор за влијание и спречување од страна на правните лица“.

Асоцијацијата која ги обединува приредувачите на среќа што учествуваат со 70 отсто од целокупниот ваков пазар во државата, во забелешките го наведува и високиот процент на пушачи. Оттука, предлага да се стави „поголем акцент на едукацијата на населението“.

Тие бараат постепено воведување на сите забрани и рестриктивни мерки кои ги предвидува новиот закон.

Малите трговци загрижени за егзистенцијата

А во бројните коментари и сугестии кои може да се најдат на ЕНЕР, преовладуваат оние од малите трговци кои стравуваат дека новите рестрикции ќе значат губење на работни места. Некои од нив сметаат дека приходите ќе им се намалат до толку, што дел од овие семејни бизниси ќе згаснат.

„Изминатите години се инвестираа значителни суми за опрема и уредување на дуќаните, сето тоа преку кредити и задолжувања. Со новите законски ограничувања, овие инвестиции се залудни, а загубите ќе бидат огромни“, вели Јован.М.

Какви се всушност рестрикциите за малопродажните објекти?

Со новиот Закон, малите трговци нема да смеат да изложуваат тутун или производи кои содржат тутун и/или никотин. Тие ќе треба да ги обезбедат информациите за ваквите производи на тој начин што ќе направат список, поточно ценовник, напишан со црни букви од иста големина на бела позадина.

Видете и ова: Сѐ повеќе млади зависни од електронски цигари, регулатива нема

Покрај тоа, тие ќе треба да ги чуваат овие производи и уредите за консумирање на тутун и никотин во затворени шкафови кои нема да им бидат достапни на потрошувачите.

Шкафовите за складирање на тутун, и други производи што содржат тутун и/или никотин, како и уреди за консумирање на тутун и никотин, не смеат да имаат надворешно осветлување и треба да бидат во боја што не го привлекува вниманието на посетителите – се вели во предложеното законско решение.

Затоа, малите трговци сега бараат „поправеден систем кон нив“, забележуваќи дека законот нуди само забрани, а не и решенија. И тие бараат рок од неколку месеци, па и година, да се прилагодат на новите, крупни промени.

„Без преоден период, малите трговци ќе бидат доведени во неизвесна и хаотична состојба бидејќи тоа значи нагло откажување на веќе потпишаните годишни договори со дистрибутерите на цигари и тутунски производи, преуредување на просторот и отстранување на брендингот од објектите“, наведува Ангел. К, еден од малите трговци кои го коментираа законот на ЕНЕР.

Прилагодување на македонската економска реалност

Дека новото законско решение ќе претставува удар за малопродажните места кои во државата ги има околу 4000 предупреди и Групацијата за производство на цигари при Стопанската комора. Оттаму велат дека законот треба да се прилагоди на македонската економска реалност.

Компаниите од оваа област, аргументираат дека сегашната верзија има многу недоследности во клучните дефиниции и нема усогласеност со Законот за тутун, тутунски и сродни производи.

Слично е и со забраната на производи со ароми и вкусови, која, како и кај другите забрани, нема да доведе до намалување на бројот на пушачи, туку само до намалување на приходите и поттикнување нелегална трговија – нагласуваат меѓу другото, од Групацијата.

Забелешки пристигнуваат и од маркетинг индустријата која стравува дека ќе се најде во слична ситуација како онаа од ковид-пандемијата кога компаниите од оваа индустрија почнаа да отпушаат вработени.

Новиот закон предвидува десетици забрани за рекламирање и прикажување на употреба на тутун и никотин, па оттука и забелешките на претставниците од оваа индустрија кои сметаат дека ќе им се намали обемот на работа.

Министерството за здравство ги разгледува забелешките

Како што наближува датумот за стапување на сила на овој закон, така во јавноста стигнуваат сѐ повеќе забелешки во кои економските бенефити ги ставаат здравствените во сенка.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Откажување од цигари сега е можно и по телефон

Додека низа засегнати страни бараат примената да се одложи, Министерството за здравство, за РСЕ, потврди дека систематски ги разгледува сите забелешки и коментари.

Можно е одредени технички и прецизирачки забелешки да бидат земени предвид, доколку придонесуваат за појасна примена и поефикасно спроведување на законот – велат од МЗ.

На прашањето дали е можно примената да се одложи, од ресорното министерство велат оти „ секоја одлука во однос на роковите мора да биде донесена во согласност со утврдените институционални и законодавни процедури“.

Докази за штетите од цигарите

За разлика од бизнис секторот лекарите се децидни дека законот треба да се „усвои и примени доследно и без исклучоци“.

Директорот на Клиниката за пулмологија и алергологија, проф. д-р Оливер Зафировски неодамна изјави границата за консумирањето тутун веќе е падната на 12 до 14 години.

„Она што е пострашно е што сè повеќе во мода се електронските цигари. Иако има пропаганда дека тие воопшто не се штетни, напротив, тие се штетни и даваат долготрајни и тешки последици за нежните бели дробови на децата“, истакна д-р Зафировски.

Но поконкретно, до какви последици води пушењето кога почнува во пубертот, објасни директорот на Клиниката за неврологија, д-р Јован Божиновски во интервју за новинската агенција МИА.

„Доколку едно дете не е завршено со својот раст и пропуши, може да пројави понизок раст, проблеми со дишењето, а на среден и долг рок сè што спомнавме претходно. Особено висок е ризикот за рак на белите дробови кај пушачите што почнале на рана возраст. Влијанието врз централниот нервен систем е неповолно, Некои од овие последици се проследени и кај деца што не се пушачи, но се постојано изложени на чад од цигари“, додава д-р Божиновски.

Медицината веќе има докази дека пушењето е поврзано не само со ракот на белите дробови, туку и на грлото, но и на мочниот меур и мочните патишта.

Видете и ова: МЗ: Стоп за промоцијата на тутун, приоритет е здравјето на децата

Но, науката исто така, вели дека и кардиоваскуларната токсичност на никотинот досега е базирана на докази.

„Поради цигарите, вејповите, загреаниот тутун и никотинските кесички, постојано гледаме зголемен крвен притисок, оштетување на крвните садови и поголем ризик од срцеви заболувања. Ниеден производ што испорачува никотин не е безбеден за срцето“, велат кардиолозите д-р Даница Петкоска Спирова и д-р Јорго Костов.

Предложеното законско решение доби поддршка и од Институтот за медицина на трудот, Здружението на гинеколози и опстетичари, но и од Лекарската комора.

-Докторите секојдневно се соочуваат со последиците по здравјето од употребата на тутунски и никотински производи и изложеноста на чад. Кардиоваскуларните заболувања, малигните болести, хроничните белодробни состојби и бројни други здравствени проблеми, директно или индиректно се поврзани со пушењето и претставуваат сериозен товар и за поединецот и за здравствениот систем, наведе Лекарската комора во писмено соопштение.