Околу четири илјади животи годишно згаснуваат во Северна Македонија како последица од пушењето тутун или тутунски производи. Бројот на активни пушачи овде е 40,4 отсто.
Во последните пет години, од цигарите успеале да се откажат само пет проценти од пушачите – покажуваат истражувањата на Институтот за јавно здравје. Овие податоци и предупредувањата од лекарската фела за штетните влијаниja од пушењето, особено врз децата, го вклучија „алармот“ кај здравствените власти.
Тие веќе го изготвија новиот Предлог-закон кој е објавен на Електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР), каде граѓаните во следните три недели ќе може да ги коментираат најавените измени.
Законот за забрана за пушење е еден од дванаесетте закони, чии измени беа најавени од ресорниот министер, Азир Алиу во октомври минатата година. Набргу потоа, Министерството за здравство не одговори на прашањата од Радио Слободна Европа какви измени се планираат и дали со нив ќе се обезбеди поголема заштита за децата и младите.
Сепак по објавата на Нацрт-верзијата, веќе е извесно дека македонските власти значително го „стегаат обрачот“ околу оваа, докажано штетна, навика. Таа ќе биде забранета во, но и пред здравствените и установите за социјална заштита.
Што сѐ ќе опфати забраната?
Низата на објекти каде пушењето ќе биде забрането е многу подолга.
Така, цигари нема да смеат да се пушат ниту во објектите на аеродромите, железничките и автобуските станици, како и езерски пристаништа. Забраната ќе ги опфати и објектите за престој и сместување на деца, ученици и студенти, но и оние објекти каде се наоѓаат државни органи и органи на единиците на локалната самоуправа.
Оттука, пушењето ќе биде забрането не само во, туку и пред игротеките и приватните установи за грижа за деца. Рестрикциите одат дотаму што пушењето се забранува дури и во приватните возила во присуство на деца.
Но, рестриктивните одредби ги опфаќаат и полициските станици, казнено-поправни и воспитно-поправни установи.
Во угостителските објекти каде пушењето досега беше делумно дозволено, исто така се воведуваат забрани за пушење, па од новото законско решение нема да бидат „ослободени“ ниту рестораните, баровите, меаните, кантините и сите останати угостителски објекти за исхрана кои се дефинирани согласно Законот за угостителска дејност.
Овие забрани се однесуваат не само на класичните, туку и на електронските цигари или поточно, на сите „уреди за консумирање на тутун и никотин“.
На граѓаните веќе со закон ќе им биде забранета и „опцијата“ за да купуваат тутунски производи на парче (по цигара).
Но, сите овие производи, освен за консумирање, ќе бидат забранети и за прикажување, меѓу другото и во компјутерски и социјални забавни игри, независно од тоа на која возрасна категорија се однесува нивната намена.
Со оваа забрана се опфатени и медиумите – како традиционалните, така и новите. Прикажувањето на цигарите нема да смее да биде дел од каква било каква радио или телевизиска содржина, ниту пак, од содржините што ги пласираат инфлуенсерите и подкастерите на интернет.
Со член 9 од новиот закон, се забранува производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови.
Под ароми и вкусови се подразбираат сите состојки, адитиви или нивни комбинации кои даваат или менуваат мирис или вкус на производот, вклучително и, но не ограничувајќи се на слатки, овошни, билни, ментол и други карактеристични вкусови, освен природниот тутунски вкус – се вели во Законот.
Општокорисна работа како замена за казната
Надзорот над спроведувањето на неговите одредби ќе го вршат низа институции кои ќе треба да соработуваат и со инспекциските служби од единиците на локалните самоуправи.
Глобите за граѓаните, односно физичките лица кои ќе го прекршат членот 3 кој се однесува на „местата каде што е забрането пушењето“, се движат од 100 до 300 евра. Законот остава можност и за општокорисна работа, со која сторителот ќе може да ги надмине последиците од прекршокот.
Висината на средствата наменети за општокорисна работа не може да биде повисока од висината на пропишаната глоба за прекршокот, при што вредноста на еден час општокорисна работа изнесува најмалку 100,00 денари, а најмногу 250,00 денари во зависност од видот и сложеноста на општокорисната работа, се појаснува во новото законско решение.
Паричните казни за правните лица пак, се значително повисоки и може да достигнат до пет илјади евра во денарска противвредност.
Во подготовката на новите законски измени беше вклучен и Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој во 2024-та, направи своевиден напор да им помогне на граѓаните во процесот на откажување од пушењето, со воспоставување на специјализирана телефонска линија.
На бројот 078 285 873 каде советите ги даваат стручни, обучени лица, граѓаните може да се обратат за помош во понеделник и среда од 11 до 13 часот.
Директорката на ИЈЗ, Марија Андоновска за Радио Слободна Европа изјави дека една година по воспоставувањето на оваа линија, за помош се обратиле околу 300 граѓани, од кои 14 се откажале целосно.
„Процесот е анонимен, а граѓаните кои се јавуваат се од сите возрасни категории“, истакна Андоновска која додаде дека меѓу оние кои се јавуваат има и загрижени родители на деца кои почнале со пушење цигари.
Загрижувачки податоци и од граѓанскиот сектор
Оваа навика ја имаат речиси половина од малолетниците во Македонија, а дел од нив првата цигара ја пробале на 13 години.
До ваков наод дојде организацијата „Аналитика тинк тенк“ која лани предупреди дека „цигарите не само што се лесно достапни за младите, туку имаат и релативно ниска цена“.
„Недостига континуирана едукација во училиштата, што самото по себе си прави една празнина, а тутунската индустрија многу мудро ја користи во однос на тутунските производи“, изјави за РСЕ, Тамара Мијовиќ-Спасова од „Аналитика тинк тенк“.
А за тоа, како од последиците од пушењето да се заштитат децата и младите, дискутираа возрасните од повеќе професионални области, кои своите аргументи ги „бранеа“ од собраниската говорница.
На јавната расправа што ја организираше собраниската Комисија за здравство, собранискиот спикер Гаши порача дека општеството кое не ги штити децата од познатите ризици ја доведува во прашање сопствената иднина“.
Контролата на тутунот како кардиоваскуларна превенција
Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски рече дека според проценките, Македонија губи околу 4.000 животи годишно како последица од пушењето тутун или тутунски производи. Тој предупреди дека мора да се почне со менување на работите бидејќи „седум од десет корисници на тутун и тутунски производи почнуваат да ги користат во малолетна возраст“.
„Ние од малолетни деца создаваме доживотни зависници кои водат во висока смртност. Само пет отсто од зависниците од тутун успеале да ја надминат зависноста самостојно. Ако еден просечен пушач во Македонија пуши околу 275 цигари годишно, тоа е умерено пушење, троши на цигари над 500 евра годишно, односно издвојува повеќе отколку за здравствено осигурување“, рече Клековски.
Тој повика на здрав животен стил за да се сузбијат пушењето и алкохолизмот и заклучи дека државата мора да ја третира оваа ситуација како „национална итност“.
Според него, овде стапката на пушење кај возрасни е над 45% што е речиси десет проценти над просекот на Југоисточна Европа (37,6%).
Децата и младите се изложени на чадот од тутунот и во своите домови додека нивниот кардиоваскуларен систем е во развој. Кардиологот, Саша Ќаева Атанасова вели дека оваа изложеност го зголемува кардиоваскуларниот ризик.
„Значителен број од смртните случаи, се припишува на пушењето односно на тутунот кој го зголемува ризикот од смрт, од коронарна болест и цереброваскуларна болест за 23 пати“, додаде д-р Ќаева Атанасова на собраниската расправа.
Таа порача дека од аспект на јавни политики, контролата на тутунот претставува една од најисплатливите стратегии за кардиоваскуларна превенција.
„Сеопфатните закони за средини без чад, ефикасно спроведување, достапни услуги за откажување од пушењето, одданочување и строга регулација на сите никотински производи доведуваат до намалување на хоспитализацијата од срцев и мозочен удар“, порача кардиологот.
Нејзиниот колега, д-р Сашко Кедев рече дека во процесот на измени на законот, најверојатно „здравствените авторитети ќе бидат под голем притисок“.
„Влоговите се огромни, таа индустрија е многу силна. Бизнис заедницата која ја поддржува таа индустрија е многу влијателна и кај здравствените авторитети и во Владата и во Парламентот. Треба да им дадеме голема поддршка во овој нивен би рекол многу херојски чин и акт да го поминат и спроведат овој закон“, истакна д-р Кедев нагласувајќи дека правото на избор носи и одговорност кон другите.
Затајува имплементацијата на забраната за продажба на цигари на малолетници
Зачестената употреба на цигари кај малолетниците, укажува на слабата имплементација и на постоечкото законско решение кое и сега ја забранува продажбата на сите што се помлади од 18 години.
Надзорот во малопродажните објекти каде има трговија со цигари, го врши Државниот пазарен инспекторат како по службена должност така и по поднесени пријави од граѓани. Од Инспекторатот сепак, во писмен одговор до РСЕ, наведуваат дека инспекторите немаат законска можност да легитимираат малолетници без присуство на полицијата.
Државниот пазарен инспекторат континуирано врши надзори во однос на спроведувањето на одредбите од Законот за заштита од пушењето, самостојно и со асистенција на претставници од МВР. При тоа, во текот на 2024 година се извршени 1686 надзори, а во првата половина на 2025 година се извршени 1717 надзори – информираат од Пазарниот инспекторатот.