На 29 години добил канцер на тестиси. По една операција, две хемотерапии и шест години подоцна, Христијан Станковски - Бомбакис (познат како момчето со картоните) апелира до мажите редовно да се прегледуваат преку споделување на своето искуство по повод „Мовембер“, глобалното движење посветено на машкото здравје.
„Симптом беше, ме болеше препонот. Две недели некоја тапа болка и викам, чекај, што се случува со мене... едниот тестис ми беше целосно поразличен од другиот. Како орев некој тврд да имав. Викам, ова не е нормално. Ајде да одам да се прегледам“, раскажува Станковски за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Под „машки болести“ се подразбираат рак на простата, на тестиси и на пенис.
Карциномот на простата е на врвот од карциномските машки заболувања. Бројот на нови заболени се зголемува од година во година, покажуваат податоците од Клиниката за онкологија и радиотерапија за РСЕ.
Бројките покажуваат и дека во последните три години се зголемил и вкупниот број на новодијагностицирани пациенти со канцер и бројот на мажи во вкупниот број заболени.
Во 2023 мажи биле малку повеќе од половина (51, 1 отсто) од новодијагностицираните пациенти со канцер.
Следната година тој процент бил 51, 6 отсто.
Турканици за бесплатни прегледи
Здравствениот дом „Железничар“ во Скопје втора година по ред организираше бесплатно ПСА - тестирање секој четврток во ноември.
Резултатиите од ПСА -тестот се користат за проценка дали е потребна биопсија на простата, неопходно за да се утврди дали се развива канцер.
РСЕ сведочеше дека граѓани чекаат во редица за да се тестираат, затоа што нема закажување термини како што е процедура во клиниките во јавното здравство.
Таа бирократија го одвратила од преглед скопјанецот Илија Богески, кој зборуваше пред камерата на РСЕ.
„Редовно не одам, затоа што до овде ми е дојдено тоа здравство и тие врати. Треба да закажеш термин, треба да појдеш на уролог, треба да појдеш на интернист, па со месеци и не дај боже години чекаш.....Е ова нешто што е сега во ходников овде кај нас многу говори дека нешто со редовното здравство, со државното здравство не е во ред....Нека некој размисли зошто се прават овие гужви“, ни изјави Богески.
Д-р Оливер Станков, претседател на Балканското здружение на уролози, вели дека има стотина уролози во државата и дека процентуално се доволни според бројот на население.
„Во амбуланта прегледуваме и по 150 пациенти дневно. Не се чека многу ни за слободен термин, освен ако пациентот не бира конкретен доктор. Многумина ни доаѓаат и без термин, ние никого не сме вратиле“, вели д-р Станков, кој работи на Клиниката за урологија во Скопје.
Според податоците од „Мој термин“, првиот слободен термин отсега е за пет дена, во Гостивар. Во поголемите градови како Скопје и Куманово нема термини, а во Штип следен слободен термин е на 22 декември.
Д-р Станков препорачува превентивен преглед еднаш годишно да прават сите мажи над 50 години и сите над 45 години ако имаат заболени кај блиски членови на семејството. Се прави ректален преглед, ехо на простата и ПСА - тест, а трае најмногу половина час.
Во минатогодишната акција на „Железничар“ се тестирале 500 граѓани. Овој здравствен дом беше единствена јавна здравствена институција што овозможи бесплатно тестирање.
За в сабота, на 29 ноември, таква акција најави и Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ - Скопје. Тука ќе се прават бесплатни уролошки прегледи и ехо на бубрези и на простата.
„Маж си, ќе ти се смеат ако плачеш“ - што ги одвраќа мажите од посета на психолог
Болестите на урогениталниот тракт не се најголема грижа за мажите кога е во прашање нивното здравје.
Бројот на мажи доминира меѓу пациентите со психоза лекувани во македонските болници во последните пет години, според Институтот за јавно здравје. Според последните податоци од Регистарот за психози кои се за 2023 година, имало 294 нови случаи на психози кај мажи и 178 кај жени.
Но, тие поретко од жените бараат психолошка помош, вели Елена Трпчевска, психолог на Клиниката за онкологија.
„И тоа некако разликата е 70 отсто жени наспроти 30 отсто мажи. Уште постои стигма во нашето општество дека мажот не треба да покаже ранливост, дека мажот не треба да покаже слабост и мажот не би требало да зборува толку отворено за своите емоции. Стигмата ќе се намали кога сите ќе го смениме тој семеен наратив, кога ќе признаеме и кога ќе ги охрабриме мажите дека
имаат право да бидат ранливи и да побараат поддршка“, рече Трпчевска за РСЕ.
„Мовембер“ е глобална кампања секоја година во ноември чија цел е да ги разбие табуата и да ги охрабри мажите да се грижат за своето здравје. Преку ова движење се собираат пари и се крева свеста за зравствените проблеми кај мажите, како што се карцином на простата, на тестиси и проблеми со менталното здравје, како што се депресија и анксиозност.