Втор обид за избор на градоначалник во четири општини

Илустрација, локални избори

Жителите на Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуше и Центар Жупа в недела ќе гласаат за градоначалник, откако лани пропаднаат изборите, поради мала излезност на гласачи. Во новата трка, Влен смени играчи, додека НАИ продолжи со истите. Во Центар Жупа има само еден кандидат.

Вкупно 128 илјади луѓе ќе можат да излезат на повторени избори на 11 јануари и да гласаат за градоначалници во Гостивар,Врапчиште, Маврово и Ростуше и во Центар Жупа.

Причина за тоа е што недоволниот број на луѓе што излегоа на гласање на 19 октомври минатата година ги завршија изборите за градоначалници во четири општини во Северна Македонија уште пред да бидат објавени резултати од првиот круг.

Услов за да бидат успешни изборите беше на гласање да излезат најмалку една третина или 33,33% од запишаните граѓани во Избирачкиот список. Но, тој услов не беше исполнет на локалните избори на 19 октомври 2025 година во овие четири општини.

Во Гостивар одзивот беше 33,31 процент, во Врапчиште – 25,18 проценти, во Маврово и Ростуше – 30,31 процент и во Центар Жупа – 21,49 проценти.

За разлика од првите избори, изборните правила велат дека на повторените избори на 11 јануари нема да има потреба од цензус, односно од излезност на најмалку една третина од запишаните граѓани. Градоначалник ќе се избере доколку за еден од кандидатите гласаат повеќе од половината од излезените избирачи, вклучувајќи ја и Центар Жупа каде што има само еден кандидат.

Видете и ова: Во јануари нови избори во четирите општини каде немаше доволно гласачи

При распишувањето на овие избори, претседателот на Собранието Африм Гаши ги повика граѓаните од овие општини масовно да излезат на гласање.

„Повторувањето на изборите ја потврдува важноста на учеството на секој граѓанин во локалното одлучување и во зајакнувањето на институционалниот легитимитет“, рече Гаши.

ДИК: Се е подготвено за повторените избори

Од организациски и технички аспект се е подготвено за повторените избори, велат од Државната изборна комисија(ДИК). Оттаму велат дека нема никаков интерес за набљудување на повторените избори.

„До денеска нема пријавено ниту еден набљудувач“, соопштија од ДИК на 8 јануари.

За политичко промовирање на кандидатите со државни реклами на повторените избори во ДИК се пријавиле 13 телевизии, 5 радија и 32 портали. За споредба на локалните избори во 2025 година, на списокот за државни реклами се најдоа 333 медиуми од кои 257 интернет портали, 43 радиостаници, 33 телевизии и осум печатени медиуми.

Во Центар Жупа само еден кандидат за градоначалник

Општините Маврово - Ростуше и Центар Жупа имаат заеднично нешто, а тоа е дека ваквото сценарио за повторени избори не им е непознато. Во овие две општини пред четири години изборите пропаднаа порадо проблем со цензусот. Тие добија градоначалници по третиот обид, на изборите во август 2022, во период кога традиционално во земјава се враќаат иселениците. Тогаш се воведоа и измените на Изборниот законик, според кои на повторени избори не се мери цензус.

Во првиот изборен круг за градоначалничкото столче се бореа тројца кандидати, меѓу кои и актуелниот кандидат Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците на Македонија( ДПТМ) кој освои 950 гласа. Неговите противници Инет Баки Партија за движење на Турците во Македонија и Алил Емрула од Движење за национално единство на Турците (ДНЕТ) освоија заедно 550 гласа.

На повторените избори годинава, седум илјади жители на општина Центар Жупа ќе имаат право да гласаат само за еден кандидат за градоначалник и тоа Аријан Ибраим од Демократска партија на Турците. Неговите противкандидати од првиот изборен круг се откажаа од битката. Владата во меѓувреме во назначи Ибраим и за повереник.

За Градоначалник на Општина Центар Жупа тој беше избран во два мандата 2013- 2017 и 2017- 2021 година.

Влен и НАИ во трка за градоначалник во Гостивар

На повторените избори кандидати за градоначалник на Гостивар ќе се борат Невзат Бејта предложен од коалицијата Вреди ( Влен) и Ваљбон Лимани кој е поддржан од опозициската коалицијата Национална алијанса за ингерација ( предводена од ДУИ). Во првиот круг од тимот на Вреди настапи друг кандидат, нотарот Себедин Дауити кој освои 4221 гласа, додека неговиот против кандидат Лимани избори 16 949 гласа на своето салдо.

Но, поради излезност од 32 проценти на 19 октомври, во оваа општина повторно ќе се гласа на 11 јануари.

По неуспешните избори во оваа општина Владата како повереник го назначи Фадил Џелили, одлука на која актуелниот кандидат за градоначалник се обиде да ја оспори на Уставен Суд, затоа што, како што вели, сметал дека постои поради „правна колизија“ на Изборниот законик и Законот за локална самоуправа.

Видете и ова: Правни дилеми за владините повереници во општините пред повторените избори

45 годишниот Лимани беше в.д градоначалник во оваа општина по напуштањето на функцијата на Арбен Таравари. На таа функција дојде по избор со мнозинство од Советот на општината, а беше кандидат за градоначалник на Гостивар во првиот круг на локалните избори кои завршија со неуспех.

„Законот по кој јас сум назначен и избран како в.д. не се совпаѓа со Изборниот законик на кој се повикуваат тие “, изјави неодамна Лимани за РСЕ.

До сега во два наврати, 64 годишниот Бејта, седеше на граданачалничкото столче во гостиварската општина и тоа во период од 2005 до 2009 и од 2013 до 2017 година.

Тој во меѓувреме беше и пратеник во Собранието од редовите на ДУИ, потпретседател на партијата и министер за локална самоуправа. Бејта беше кандидат на опозициската ДУИ за градоначалник и во 2021 година кога за против кандидат го имаше Арбен Таравари. Овој пат е кандидат од редовите на владејачката Вреди.

Во оваа општина право на глас имаат 82 илјади жители, покажуваат последните податоци од ДИК при заклучување на избирачкиот список.

НАИ со старо-нов кандидат за градоначалник во Врапчиште

Опозициската коалиција НАИ учествува и во трката за градоначалник во општината со 27 илјади гласачи, Врапчиште. Нивни кандидат е Исен Шабани, кој во 2017 година беше избран за градоначалник во оваа општина како кандидат на Алијансатa за Албанците. 39 годишниот економист, кој по трет пат ја бара довербата на граѓаните, во првиот круг од изборите освои шест илјади гласа.

Во првиот круг против кандидат на Шабани му беше Мехмет Сефери, кандидат од Вреди, кој освои 467 гласа. Но, на повторените избори в недела, во битка за градоначалничката фотелја Шабани ќе се соочи со Зуљхајрат Демири поддржан од Група избирачи.

Претходно, во 2023 година, 39 годишниот Демири како претседател на огранокот на Алијанса за Албанците од Врапчиште, беше поставен за генерален директор на Железници Транспорт.

Во Врапчиште како повереник од Владата беше избран Буњамин Кадриу.

Видете и ова: ОБСЕ /ОДИХР: Кандидатите немаа еднакви услови за кампања

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во битка за градоначалник на Маврово -Ростуше

Во Маврово и Ростуше, пак, има двајца кандидати и тоа Онер Јакупоски, поддржан од Коалиција „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО - ДПМНЕ и Анес Ахмети, кандидат на СДСМ.

Во оваа општина остануваат истите кандидати како во првиот изборен круг. Тогаш, според податоците од ДИК, Јакупоски кој доаѓа на предлог на владејачката коалција освоил 1.857 гласови, додека неговиот опонент од опозициската СДСМ, Ахмети освоил 1.215 гласови.

За повереник во општината која брои 10.575 жители, Владата го назначи актуелениот кандидат Онер Јакупоски. Претходно Јакупоски од 2012 до 2015 година година бил директор на јавната установа „Национален парк Маврово“.

Ова се последни избори за овој состав на Државната изборна комисија. Нивниот мандат завршува на 15 јануари односно до изборот на нов состав на Комисијата.