Достапни линкови

Струга може да остане со нефункционална власт – кој ги влече конците?


Струга
Струга

Резиме

  • Премиерот Мицкоски го прозва градоначалникот на Струга дека оставил лош впечаток, а втора шанса за прв впечаток нема. Но, Ќура е убеден дека соработка и поддршка ќе имаат бидејќи вели потребни се едни на други.
  • Советот не може да избере претседател бидејќи ниту една партија нема мнозинство.
  • Несогласувања меѓу советниците на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ, а СДСМ и НАИ обвинуваат дека проблем се партиските пазарења за функции поради кои трпи општината и граѓаните.

По повеќе од еден месец од избор на градоначалник и речиси два од изборот на новиот Совет, во Струга не може да се консолидира локална власт.

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја доведе во прашање поддршка за градоначалникот Менди Ќура, велејќи дека оставил прв „катастрофален впечаток“. Од друга страна, ниту една од партиите што влегоа во Советот нема и засега не може да обезбеди мнозинство поради што сè уште не е избран ниту претседател.

Доколку нема функционална власт, согласни се претставниците на локалната власт со кои разговаравме, последиците ќе ти трпат граѓаните. Во оваа општина, која се наоѓа на крајбрежјето на Охридското Езеро во југозападниот дел од Северна Македонија, има околу 50.000 резидентно население.

Градоначалникот е убеден дека ќе соработува со премиерот

Менди Ќура, кој доаѓа од бизнис секторот, е единствениот кандидат кој освои градоначалничко место во земјава, а барем на хартија, се кандидираше како независен. Владејачката коалиција, ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ (ВЛЕН) не излегоа со свои кандидати за Струга, туку му ја дадоа поддршката нему. По ставовите на Мицкоски дека го разочарал, градоначалникот смета дека нивната соработка може да продолжи затоа што „општината е над се“ и „имаат потреба едни за други“.

„Мислам дека ќе тоа не е некоја изјава што може да ги наруши односите. Ќе продолжиме да соработуваме затоа што на Општина Струга и требаат големи проекти кои се потребни за граѓаните“, вели Ќура за Радио Слободна Европа (РСЕ).

Владејачката коалиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, убедлив победник на локалните избори
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:04 0:00

Критиките кон него Мицкоски ги упати по прославата за Денот на албанското знаме на 28 ноември, а поради неистракнување на државното, македонското знаме, што е и законско обврска.

„Не заслужува поддршка… Имаше лош почеток, нема втора шанса за прв впечаток“, зборуваше Мицкоски на брифинг со новинарите на 4 декември посочувајќи и дека не е сигурен дека во иднина и советниците од ВМРО-ДПМНЕ ќе му даваат поддршка.

За неистакнувањето на македонското знаме за време на прославата, струшката полиција поднесе и барање за прекршочна постапка против Општината и против градоначалникот. Но, дали е тоа и единственото нешто ја прелеа чашата или има и други причини за лутината кај Мицкоски?

„Не верувам. Јас не можам да знам што мислел премиерот, меѓутоа мислам дека ќе имаме добра соработка и понатаму“, вели Ќура.

Тој доаѓа на чело на општината по долгогодишно владеење на Рамиз Мерко од ДУИ кој од последните 20 години, 16 беше градоначалник. Единствено, не ја водеше Струга во периодот од 2013 до 2017 година. Во меѓувреме, Мерко заврши на „црната листа“ на САД поради значајна корупција и мешање во судски процеси, а за последните локални избори коалицијата што ја предводи ДУИ излезе со друг кандидат.

Совет без мнозинство

Дополнителен проблем за Струга е и прашањето за функционалноста на Советот. На 14 ноември беше свикана конститутивната седница, но претседател не се избра. Опозициската коалиција Национална алијанса за интеграција (НАИ), предводена од ДУИ, предложи еден од своите советници да застане на чело на Советот, но предлогот не помина.

НАИ, всушност ја има и најбројната советничка група – осум. Советот има вкупно 23 члена, а за мнозинство потребни се 12. Владејачките ВМРО-ДПМНЕ со шест и ВРЕДИ со четири советници немаат мнозинство, а паралелно имаат и меѓусебни несогласувања. Со по еден советник застапени се и СДСМ и Левица, додека три советници се од независната листа која пред изборите јавно ја поддржа ексградоначалникот Рамиз Мерко, па сега често дел од останатите советници тие се ословуваат како „листата на Мерко“.

И градоначалникот, но и дел од советниците се надеваат дека ќе се избере претседател, но засега никој не може да потврди кога и како ќе обезбедат мнозинство.

Советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Мите Стефоски, вели дека тие како советничка група бараат законито работење на Советот и нема да поддржат „никаков волунтаризам или самоволие“ со цел да се изиграат процедурите.

„Верувам дека доколку се работи на решавање на проблемот ќе се изнајде решение. Сега не можеме да функционираме вака, бидејќи граѓаните не би имале никаква корист од еден ваков нефункционален совет“, вели Стефоски за РСЕ.

Негодувањата од ВМРО-ДПМНЕ се насочени кон тоа што иако не беше избран претседател на конститутивната седница, нивните колеги свикуваат седници повикувајќи се на тоа дека во меѓувреме со Советот треба да раководи највозрасниот член. Во актуелниот состав тоа е Нафи Јонузи од редовите на ВРЕДИ.

„Според членот 47 од Законот за локална самоуправа, седниците ги закажува и води најстариот советник. Да, во случајот тоа сум јас. Ние имаме некои точки што мора да поминат и затоа Советот ќе работи нормално“, рече Јонузи во разговор со РСЕ во пресрет на вчерашната седница што тој ја имаше свикано.

На дневен ред за седницата на 10 декември беа ставени десетина точки, меѓу кои формирање разни комисии – за урбанизам, туризам, статутарно-правна, како и гласање на неколку квартални извештаи. На почетокот на седницата, како итен предлог стигна дополнување на дневниот ред за распределба на 17 милиони денари од општинскиот буџет за основно образование.

Овој случај ги изнесе на виделина несогласувањата со ВМРО-ДПМНЕ, чие советници сметаат дека не може да се одржуваат редовни седници без да се заврши конститутивната со избор на претседател. Ако има потреба од итни точки за гласање, рече Стефоски, тогаш нека се свика вонредна со единствена точка на дневен ред. Комисии и квадртални извештаи, според него не се итни. Поради тоа, ВМРО-ДПМНЕ, ја напуштија седница. Истото го направија и независните советници.

Разврската од оваа седница беше што се повлекоа сите точки од дневниот ред, па останатите советници единствено ја изгласаа точката за распределба на парите за основното образование кои се наменети за К-15 на наставниците, плаќање на електрична енергија, набавка на нафта, превоз на учениците...

Сепак, и покрај различните ставови околу тоа дали и какви седници треба да се одржуваат додека нема претседател, и од ВРЕДИ очекуваат дека наскоро ќе ги надминат недоразбирањата.

„Претседател ќе се избере кога ќе имаме согласност со советниците од ВМРО-ДПМНЕ и тоа очекувам да биде за кратко време, можеби деновиве“, коментира Јонузи.

Сепак, поддршка ќе треба да добијат и меѓу најмалку двајца од колегите од другите партии или независната листа со цел да соберат 12 гласа. Од кого ја очекуваат, конкретни имиња не посочуваат.

Опозицијата обвинува за партиски калкулации

Додека јавно ниту едните ниту другите не коментираат дали имаат други несогласувања, опозицијата вината за досегашната нефункционалност ја гледа во меѓусебните пазари за поделба на локалната власт. За единствениот советник од СДСМ, Димче Шипинкаровски, проблемот со изборот на претседател не е законски или административен туку политички.

„Одговорноста е кај оние што ја составија коалицијата и ја презедоа управата. Струга не смее да биде заложник на внатрешни калкулации, ниту на пазарења зад затворени врати. Институциите мора да работат, градот има проекти кои се започнати и има обврски кои мора да се исполнат, како и граѓани кои со право очекуваат стабилност“, вели Шипинкаровски за РСЕ.

Сличен е ставот и од коалицијата НАИ. Фатон Положани од ДУИ вели дека „најверојатно станува збор за недоразбирање меѓу коалиционите партнери“. Користејќи ја поговорката дека „денот по утрото се познава“, тој вели дека почетокот бил лош и смета дека тешко ќе одат обидите за понатамошни договори.

„Тоа што се гледа јавно и јасно е дека се зголемува притисокот на ВМРО-ДПМНЕ над градоначалникот и ВРЕДИ. Јас немам информации како се одвиваат нивните разговори, што се барањата за распределба на власта на локално ниво, но убаво би било да бидат транспарентни граѓаните да знаат за што се работи бидејќи ситуацијата веќе станува загрижувачка и за граѓаните на општина Струга“, вели Положани за РСЕ.

Градоначалникот Ќура, пак, уверува дека досега до него не стигнале непринципиелни барања ниту од ВМРО-ДПМНЕ ниту од ВЛЕН за распределбата на функции, како што се директори на јавни претпријатија, училишта итн. Тој очекува дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ како коалициони партнери кои го поддржаа на изборите ќе најдат заеднички јазик.

За нефункционални совети односно несогласувања меѓу советниците и градоначалникот изминатиот период македонската јавност сведочеше во случајот со главниот град Скопје. Поранешната градоначалничка Данела Арсовска, која како независна кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, победи на изборите, во првата година од мандатот се скара со партијата која беше и најбројна во градскиот совет. Поддршка немаше за дел од проектите, јавните претпријатија се наоѓаа во проблеми, а скопјани се соочуваа со „главоболки“ со јавниот превоз и собирањето комунален отпад.

Поради немање согласност и мнозинство во советите, Тетово во 2022 година гласаше на вонредни избори за советници. Причината беше што во првите три месеци од 2022 советниците немаа мнозинство да ја усвојат завршната сметка на општината за претходната година, што, според Законот за локална самоуправа, е услов за распуштање на Советот и спроведување вонредни избори.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG